Koлyмнa на Трифун Костовски: Oтcтpeл

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Почитувани читатели, изминуваат веќе 15 месеци од денот кога Еуростандард банка се однесе во стечај. Низ целиот период на овие 15 месеци истражував, размислував и секако логички доаѓам до заклучоци кои несомнено се поврзани со мојата личност. Самиот наслов ОТСТРЕЛ во превод значи убиство, меѓутоа не секогаш убиство со одземен живот, туку и убиство на животните дела и пориви кои човекот ги создал за време на својот работен век.

Епилог од досегашните истражни дејанија во Јавното обвинителство и во Финансиската полиција, сè уште нема! Има осомничени, меѓутоа нема докази, нема конкретни постапки и нема судски процеси. Зборуваме за финансиски средства од 100 милиони евра, кои денес можеби и ги има во стечајната маса на Еуростандард банка во стечај, ама немаме информации од стечајниот управник, па и Одборот на доверители. Чувството да се идентификувам како човек за отстрел го базирам на следните факти:

1. Со учество на техничката Влада во злосторот на Еуростандард банка. Две клучни работи се случуваат од фундаментално значење за носење на банката во стечај. Најпрво техничката Влада на премиерот Оливер Спасовски носи две контрадикторни уредби објавени во Службен весник и тоа: првата уредба со сила на закон, објавена на 24 Март 2020 со која се забранува носење на каков било правен субјект во стечај три месеци по завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба, ама овој пат објавена во Службен весник на 29 Мај 2020, претходната уредба се поништува и се дозволува носење на правни субјекти во стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Вонредната состојба траеше цели 97 дена и заврши само со цел да се организираат предвремените парламентарни избори. Единствен силен правен субјект кој отиде во стечај веднаш по вонредната состојба и предвремените парламентарни избори при неформирани Собрание и Влада на Република Македонија беше Еуростандард банка. Парадоксот да биде уште поголем што тогашниот Технички Премиер Оливер Спасовски на денот кога се случи стечајот се сретна со претставник на акционерите на банката при што даде уверување дека нема ништо да се случи со банката што ќе има трајни последици по правните и физички лица и нас акционерите. Индикативно е што тогашната министерка за финансии својот депозит во Еуростандард банка го има извадено само на неколку месеци пред самиот стечај. Ова ми укажува на фактот дека можеби одредени кругови на Владата биле во тек со настаните кои следат околу злосторот на Еуростандард банка. Молкот од тогашниот технички премиер, а денес министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на веќе неколку пати од моја страна јавно поставени прашања говори дека се работи за однапред подготвено сценарио.

2. Хармонијата во Народна банка и денеска царува меѓу раководните лица на оваа институција. За направениот злостор со стечајот на Еуростандард банка никој не понесе одговорност. Ме упатува заклучокот дека гувернерката Анита Бежоска е само една од сторителите на овој злостор и дека во овој злостор се замешани Гувернерот, неговите заменици, директорите на супервизија и нивните советници. Од четирите со закон утврдени алатки кои ги има на располагање Народна банка со цел да го регулира и стабилизира банкарскиот систем, таа користи само две. Ги прескокнува алатките вонредни мерки, како парични казни по членовите на Надзорен одбор и Управен одбор, одземање лиценци и ред други можности. И најбитно, најсилната алатка што ја имаат во свои раце, а тоа е воведување на администрација во банка се прескокнува и се преминува кон нејзино уништување. На многу пати поставените прашања да Народна банка официјално ја објави својата весела математика за адекватност на капитал на банката кој што по нивни пресметки банката била во минусно салдо, а само 3 месеци пред тоа беше со приближно 6% адекватност на капитал. Говорам 6% адекватност на капитал во услови кога веќе беше воведена вонредната состојба поради пандемијата Ковид-19, кога банката не можеше да ги наплатува своите основни побарувања од своите коминтенти, а да не говорам дека ни беше одземено правото да работиме со физички и правни лица. Со други зборови банка осудена за отстрел. Во периодот од Мај 2019, па до последниот ден 12 Август 2020 година имавме во континуитет секојдневна комуникација со Народна банка. На нивно инсистирање да ние, акционерите направиме докапитализација на банката ја продадовме најквалитетната осигурителна компанија во нашиот систем со цел да го надминеме овој тежок период. Грото од овие средства завршија во банката како докапитализација. Од првото интервју на госпоѓата Бежоска објавено во неделникот Фокус на ден 3 септември 2020 година, недвосмислено укажува на фактот дека нејзиното инсистирање за наша акционерска докапитализација било со цел, замислете не да го стабилизира банкарскиот сектор, туку да има повеќе средства во стечајната маса на банката за обесштетување на идните физички и правни лица, коминтенти на банката. Фактот што ова интервју е веќе избришано од сајтот на Народна банка, говори сам за себе дека госпоѓата Бежоска не е компетентна да ја води оваа институција-Народна банка.

3. Заклучувам дека Народна банка е џелатот за Еуростандард банка и нас, акционерите, бидејќи самата организација на самото запечатување на Еуростандард банка и нејзините експозитури, кое траеше 30 минути, беа ангажирани повеќе стотици луѓе. Ваква организација треба да биде осмислена со месеци наназад. Очигледно конспиративноста која владеела во владејачките структури и Народна банка била на многу високо ниво.Управни одбори на Еуростандард банка и Комерцијална банка. Соработката меѓу овие две банки од 2013 година па наваму беше многу интензивна. Ние акционерите и нашите фирми бевме коминтенти на Комерцијална банка. И во периодот на Управниот одбор, предводен од Николче Петкоски, соработката со тогашниот и денешен Управен одбор на Комерцијална банка беше на многу високо и интензивно ниво. Единствената разлика е во тоа што Комерцијална банка секоја година бележеше добивки, додека Еуростандард банка бележеше загуби. Епилогот од ваквата соработка се виде на 12 Август 2020 година. Неколку работи ја дефинираат оваа соработка:

Во континуитет Еуростандард банка беше место каде се депонираа лошите пласмани на Комерцијална банка. Типичен пример е Прототип. Еуростнадрд банка немала соработка со оваа фирма, а кај нејзе е регистрирано ненаплатливо побарување од неколку милиони евра.

Незаконско користење од страна на Управниот одбор на Комерцијална банка на депозит од 3 милиона евра кој би можел да се користи само со одлуки на Надзорните одбори на двете банки. Овие средства ги нема, а Надзорните одбори на двете банки ниту знаеле, ниту донеле соодветни одлуки.

Најсимптоматично ми е незаконското работење со користење на трансакциски сметки на физички и правни лица меѓу двете банки од за мене сè уште непознати причини. Приливи и одливи на средства се правеле со светлосна брзина. Дали физичките и правните лица знаеле за сите овие трансакции, во тоа не сум сигурен, ама заклучувам дека Еуростандард банка почна овој систем на перење пари да го имплементира после 2013 година. Замислете кој парадокс, ние вистински акционери во банка со чесно спечалени пари ја изгубивме банката, а најблиската во соработка банка на Еуростандард банка секоја година прави профит, дели дивиденди и Управниот одбор купува акции и станува акционер. Мене ми е јасна работата, дали вам ви е јасна?

4. Обвинителството и натаму молчи. Својата одлука за отворање на истрага ја носи на база извештајот од Народна банка, читајте џелатот на Еуростандард банка. Ова е парадокс од невидени размери.

– Стечаен судија, стечаен управник и Одбор на доверители. Нетранспарентноста на водење на целиот овој процес од моментот на водење на банката во стечај па до денес е евидентна. Одлуката на највисокиот законодавен орган за учеството на Фондот за осигурување на депозити во стечајната маса на Еуростандард банка е елиминиран. Тие не биле ниту коминтент, ниту дел од секојдневното работење на Еуростандард банка и со тоа немаат право да учествуваат во стечајната маса. Од сигурни извори имам добиено информации дека со тешка мака фирмата ГАЛАФАРМ во текот на Јули месец 2021 успеала да го убеди стечајниот управник Душко Тодески да го прими на сметка на банката во стечај долгот кој оваа фирма го имала кон Еуростандард банка, а тоа се 3 милиони евра. Повторувам, со големи маки Галафарм успеале да ја извршат својата уплата на сметка на Еуростандард банка во стечај. Убеден сум дека имало структури кои не сакале да се реализира оваа трансакција, бидејќи на виделина ќе испадне ступидноста за носењето на Еуростандард банка во стечај. Почитувани читатели, сите горенаведени институции се длабоко навлезени во реализацијата на овој отстрел. Одговорноста за овој отстрел е колективна. Дали наредбодавецот на овој злостор е колективен, тоа времето ќе утврди, меѓутоа одговорност мора да има почнувајќи од врвните политичари на власт, високите ешалони на Народна банка, високите ешалони во самото обвинителство, високите ешалони на Комерцијална банка, а секако и во чинителите на самата стечајна постапка, стечаен судија, стечаен управник и Одбор на доверители.

Генезата на организираниот криминал е токму во сите горенаведени институции. Почитувани, свесен сум за своите слабости. Не успеав да се реализирам во својата матична држава Македонија. Криминалот и измамата се врвни дострели во македонското секојдневие. Успеав и се реализирав како човек стопанственик, како човек хуманитарец, како човек многу ценет и почитуван и не случајно бев член на многу меѓународни организации како Меѓународната кризна група, Советот на надворешни работи на САД, Светската асоцијација за борба против сида предводена од Холбрук и други. Сакам тој свет да го донесеме во Македонија. За оваа моја желба убеден сум дека многумина од вас го посакуваат истото. Мораме сами да го решиме нашиот иден развој. Организираниот криминал каде главниот епилог му е отстрел дали на дивеч или личности мора да биде заменет со хумано општество. Не сум и нема да дозволам да бидам ничиј ТРОФЕЈ.

Пишува, Трифун Костовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This