March 29, 2024, 10:14 am

Koлyмнa нa Ристо Никовски: Дoгoвopoт co Бугарија мopa вeднaш дa ce oткaжe

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Македонија нема друга опција освен веднаш да го откаже „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“ со Бугарија доколку Софија, без никакаво одлагање, не прифати да прекине со блокада на нашите преговри за членство во Унијата и официјално да се обврзе дека, со никакви додатни услови, нема да ги попречува самите преговори. Тоа е единствен начин Македонија да излезе од ќор – сокакот во кој е донесена со бугарските национал – шовинистички политики, базирани врз потпишаниот договор. Друго решение, барем минимално прифатливо за нас – нема. Во спротивно, многу лесно, Македонија може и во следните 30 години повторно да чека пред вратите на ЕУ, како во случајот со Грција. Ние сме на потег за еден ваков исчекор. Се разбира, доколку не сме спремни да се откажеме од сопствениот македонски национален идентитет и македонскиот јазик. Софија не остави никаква можност за опстанок на македонизмот и неспорно е дека сите политички фактори во Бугарија се единствени на таа линија. За нив нема дилеми дека се’ до 1944 година ние сме биле “Бугари“, а македонскиот јазик бил и останал дијалект на бугарскиот. Веќе подолго време е очигледно дека зад ваквата бугарска политика стои главниот меѓународен фактор, Соединетите Американски Држави. Тоа е додатен патоказ дека е крајно време енергично да реагираме на неправдите.

Воопшто не е случајно што начинот на кој е формулирана оваа средновековна бугарска политика спрема Македонија (Бугарската академија на науките – Влада – декларација на Собранието), не остава никаква можност за било каков компромис. Нивното Собрание секако нема да ја повлече декларацијата, а таа е обврзувачка за сите и нема простор за поинакво однесување. Или Македонците ќе се откажат од тоа што се’, или за Македонија нема ЕУ. Како резултат на жестока пропаганда, базирана на неверојатни измами, истата политика ја поддржува и огромно мнозинство од бугарскиот народ. Сите досегашни обиди за некакво решение (германскиот, португалскиот, разните нон пејпери…) се погубни за Македонија и никој нормален не смее да ги прифати. Целта на сите тие обиди е постепено уништување на македонизмот, за разлика од бугарската фантазмагорија – да капитулираме веднаш.

Ако дозволиме договорот за пријателство да биде основата за уништување на македонскиот народ и неговиот македонски јазик, ништо подобро не сме заслужиле. Од тие причини, Македонија мора веднаш да го откаже договорот.

Што побргу сфатиме дека ова е императив со кој сме соочени, толку подобро и за нас ама и за Унијата. Напорите на Брисел, та и на Вашингтон, главно под маса, имаат единстена цел да ја присилат Македонија на погубни отстапки бидејќи Бугарија е, прво, нивни партнер и сојузник и, второ, ги реализира нивните интереси за разнебитување на македонскиот народ, што е веќе со око видлив нивен проект. Покрај тоа, блокадата на Македонија е нов срам за Брисел и показател дека Унијата е нефункционална. Затоа им се брза таа да се прекине. Веќе и на неупатените им е јасно дека сите погоре спомнати предлози од претседавачите со Унијата, ама и од други, се крајно неприфатливи за Македонија. Затоа, никако не смее да се остават можности тие да се множат и повторно да не ставаат пред нови недостојни и неприфатливи предизвици. Ако не го откажеме договорот кој е, демек, за пријателство а генерира блокади, уцени, ултиматуми и понижувања на македонскиот народ, неизбежно ќе го загубиме и националниот идентитет и македонскиот јазик. Веќе сите се свесни дека сегашните лидери на земјава покажаа и докажаа спремност за капитулаци и предавства на нашите фундаментални интереси и нормално е дека тие се повторно на мета. Не треба многу мудрост за да се сфати дека се повторува истата приказна како и со Грција и дека и САД и Унијата бараат излез само на сметка на Македонија. Може ли некој да посочи на било каква отстапка од страна на Атина во договорот од Нивици? Нема такво нешто. Сите отстапки ги направивме ние. Истото важи и за договорот со Бугарија. Ако некој се’ уште верува дека тоа нема да се повтори и во сегашнава конфронтација со Бугарија, длабоко се лаже. Кога ќе се најде овца за стрижење, а Македонија е тоа во случајов, друга не се бара. Тоа недвосмислено покажува дека мораме да преземеме решителни чекори, ако не сакаме како народ да завршиме на ѓубриштето од историјата.

Во последно време, нагласено се најавуваат САД како некаков медијатор во спорот. Нели и Нимиц беше нивни човек, со чија помош не прекрстија, ни го сотреа националниот идентитет и не донесоа до ова дереџе. Имаат одлично искуство со нас и зошто да не ја повторат за нив успешната приказна. Ако внимателно се читаат нивните изјави, во нив има два моменти. Првиот е “притисок“ врз Софија, да не ги попречува нашите преговори со ЕУ. Тоа нам ни одговара, ама клучот е во нешто друго. Вашингтон навистина сака да ги започнеме преговорите бидејќи само преку нив може да се докрајчи македонизмот што е нивна непроменлива цел веќе 30 години. Значи, што би рекол Григор Прличев – лицем светци, срцем волци. Впечатокот дека оваа американска политика е позитивна за нас е само начелен а во основата сосема погрешен. Нивните интереси на Балканот воопшто не кореспондираат со нашите и тоа на секого веќе мора да му биде јасно. Сега, во прашање е нивна тактика, а целта е погубна за нас. Ако Бугарија не се обврзе дека нема да не попречува во текот на преговорите, можеби е подобро и да не ги започнуваме бидејќи никогаш нема да стигнеме до ЕУ.

Вториот момент во американските изјави за спорот со Бугарија е фактот што тие со ништо и на никаков начин не ги оспорија бугарските нецивилизациски и национал – шовинистички барања спрема Македонија. Цело време апелираат за компромис. Каков компромис? Да се сложиме дека не до 1944 туку само до 1942 сме биле бугарчиња? Што друго? Новиот американски специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, рекол – “…треба што поскоро да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје и да се деблокира македонската евроинтеграција“. Истото го повторува и нивната амбасадорка во Скопје. Ова само покажува дека нивниот “притисок“ врз Софија се сведува на нивни тактички а не на суштински отстапки.

На 29/9/2021, во речиси тајна посета, во Скопје беше комесарот за проширување на ЕУ, Вархеи. Минатата недела тој ја посети Софија. Сигурно кај нас не дошол случајно туку донесол некаков нов предлог со кој Македонија ќе мора да дава нови отстапки. Откако претходно Софија ги одби германскиот и португалскиот предлог, Вархеи таму можел да однесе само нешто ново и полошо за нас. Ако веќе Бугарија нема никаква намера да се повлече од својата параноична позиција, која остава простор само за наши отстапки, тоа е само нов поттик дека е време да тропнеме на маса и да кажеме – ДОСТА БЕШЕ! А тоа може да биде само со откажување на договорот за “пријателство“.

Во сите овие наши консидерации и планирање на потези, мора да се поаѓа од премисата дека проширување во Унијата нема да има уште многу долго време. Тоа значи дека сите наши досегашни капитулации, почнувајќи од Нивици, беа крајно непотребни и сосема за џабе. Да не се враќаме назад, кога сите наши непотребни порази беа покривани со празни ветување за ЕУ членство (ОРД…). Тоа покажува дека нема никаква потреба повторно да се брза и повторно непотребно да капитулираме пред Бугарија, откажувајќи се од самите себе како народ, и од сопствениот јазик. Затоа е сега одличен момент да направиме пресврт во нашите непрекинати порази на меѓународен план, со неодложно откажување на договорот со Бугарија. Причини за тоа има и премногу.

На почетокот од септември оваа година (2021), Европската комисија (Влада) на ЕУ донесе документ – “Западниот Балкан во 2035 година, иднината во четири сценарија“. Второто сценарио започнува со – “Проширувањето на ЕУ не е повеќе политички приоритет“, а третото продолжува со – “Додека членството во ЕУ останува неостварлив патоказ за шесте земји од (З.) Балкан, до 2035 година може да биде воспоставен Регионален економски простор“. Потребен ли е подобар сигнал од Брисел околу иднината на овие шест држави кога е во прашање ЕУ? Чинам, не. Нов доказ дека е така е самитот на ЕУ со (З.) Балкан, кој треба да се одржи во Словенија на 6/10/2021, и кој нема да биде посветен на проширувањето. Впрочем, познато е дека Франција, која ќе претседава со Унијата од јануари 2022, во своите приоритети за таа цел, воопшто го нема вклучено ниту Балканот а уште помалку проширувањето. Се знае дека една од разликите меѓу Германија и Франција, барем во времето на А. Меркел, беше проширувањето на Унијата. Додека Берлин се залагаше – за, Париз беше одлучно – против. Каква улога ќе има наследникот на Меркел, ќе видиме.

А Меркел, не случајно, својата последна проштална посета ја имаше токму на Балканот. Таа имаше позитивен однос кон регионот и сакаше нешто да направи ама резултати – не постигна. Нејзина иницијатива беше Берлинскиот процес, кој остана недоречен. Од многу врева, изгледа дека само укинувањето на роамингот меѓу балканските земји е нешто конкретно. Ништо друго. И покрај нејзината добра волја, при посетата Меркел јасно ни порача – “патот за земјите од регионот до ЕУ, ќе биде многу долг“! Нејзината посета, пак, само на Белград (билатерално) и на Тирана (регионално), даде јасна претстава кои се главните балкански центри за Берлин.

Македонија нема време за губење. Договорот за “пријателство“ со Бугарија мора итно да се откаже. Условите за тоа се многу поволни, ама само ако имаме државотворни капацитети. Во спротивно, алот ние е во калот.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This