March 28, 2024, 10:14 pm

Koлyмнa нa Ристо Никовски: Зa кoгo “нaвивa“ Бујар Османи?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Прашањето е премногу сериозно и можеби е поточно да се праша – за кого работи Османи? До таму се дојдени работите. Деновиве, тој беше во посети на Белгија и Луксембург и во разговор со МИА (по Преспа, таа е Медиумска информативна агенција а не Македонска. Прекрстена е заради зајакнување на националниот идентитет на Македонците) изјавил – “Бугарија не ги спори идентитетските атрибути, туку нивната историска основа“!? И појаснил – “Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути“ туку – “прашањето што го покрена Бугарија се историската основа на тие атрибути“!? (Инфомакс.мк, од 11/2/2021).

Според “Слободен печат“, од 8/2/2021, рекол – “нема потреба од страв затоа што никој не може да го оспорува македонскиот јазик и идентитет и тоа го разјасниле со бугарските колеги по серијата средби“!? Просто да не веруваш. Човеков како да не е од тука. Ако народ нема историска основа, своја меморија, едноставно – тој не постои и е измислен. Од Тито, де. Не е можно на Османи да не му е јасно што зборува и ако е така, заклучокот е само еден – тој лаже. Кого? Македонската јавност која ја подготвува за девалвирање на “идентитетските атрибути“, според неговиот речник. Се разбира, тоа ќе се прави на софистициран начин, по урнек на договорот од Преспа: ќе бришеме се’ македонско заради зајакнување на националниот идентитет! И, замислете, Османи наоколу шета како министер за надворешни работи на Македонија и, место да ги брани нашите интереси, на своите колеги и на другите кои го примаат, значи и во Белгија и во Луксембург, им тврди дека Бугарите не ги оспоруваат македонските  “идентитетски атрибути“!? Поголемо оправдување за небулозите на Софија и нивната агресија кон Македонија, не може да се замисли. А фактите се кристално јасни: бугарската позиција е класично негирање на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик. Секое поинакво толкување е чиста измама и тешка манипулација. На најеклатантен, најбесрамен, најнедоличен, најдрзок, најнепринципиелен… начин Бугарија тврди дека сме “Бугари“ а нашиот македонски јазик, кој е основно обележје на народот – бугарски дијалект. Тоа се гледа од вселената така што и децата го разбираат. Да се тврди дека Бугарија не ги оспорува нашите идентитетски атрибути значи да се работи против интересите на македонскиот народ, во директна корист на Софија.  Ако некој не го разбира нивното итроманство или го голта дека, добро, сега сте (измислени!) Македонци, ама до вчера бевте Бугари, и особено ако е тој министер кој треба да ги брани интересите на оваа земја, тогаш треба веднаш да си оди од престижната институција. Нивната итерпејовштина е толку проста што само некој со поинакви планови може да се прави дека не ја разбира. Со своите марифети, Софија само потврдува дека ние, како и во последните 150 години, за нив сме Македонски Бугари. Ништо помалку или повеќе. Нивната стара политика е само спакувана во ново руво за да направат мајмуни некои од нас а на нивните силни светски поддржувачи да им дадат “аргументи“ дека се во право и покрај будалштините кои ни ги прават. За тие што тоа не го разбираат, или такви се прават, а се’ е многу просто, навистина нема лек и е потребна итна кадровска сиктер операција.

За бугарската позиција дека од вчера сме Македонци ама до завчера да ти сме биле Бугари, Османи  никаде не вели дека е неприфатлива и надвор од умот. Тоа единствено може да се толкува дека тој ја прифаќа, да не кажеме поддржува. Како би реагирал Османи некој да тврди дека неговиот албански народ постои од 1912 иако Тирана со сите сили настојува да докаже дека нивни директни претци биле Илирите, Пеоните или некои уште постари антички народи? Дали за него и тогаш проблемот би бил во некаква “историска основа“ или директно негирање на  идентитетот на Албанците? Одговорот е повеќе од јасен. Како вели народот, сто стапа на туѓ грб, не болат. Во интервјуто за МИА, Османи тврди – “треба да се работи на учебниците и ‘карактеризации од минатото’ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот ‘фашистички’“. Нему воопшто не му текнува да ги спомне и чувствата на македонскиот народ кој е вулгарно нападнат и игнориран. Или, можеби смета дека ние и немаме простор за некакви чувства кога се работи за “историски факти“? Недостасува само уште Османи да каже дека нашите татковци и дедовци биле Бугари, и се’ да биде комплетно. Тој нагласува – “Конкретната политичка ориентација на една елита од минатото не може да ни ги зароби односите со соседите и ако е таа навредлива за Бугарија, нема да прифатам нешто што е навредливо за соседите, дури и ако сум во право“!? Човеков, навистина забегал. Тој цело време зборува како да е Бугарин или, барем, нивни делегат. Има ли нешто понавредливо од бугарското негирање на Македонците, македонскиот јазик… Зошто малку и тоа не се коментира и критикува? Османи е до крај неупотреблив кога вели дека Македонија е – “растоварена од таа дебата“ (во ЕУ, околу рамката за преговори со нас). Како може Македонија да биде “растоварена“ кога таа дебата ни ја одлучува судбината сврзана со ЕУ? Дали треба да молчиме и чекаме како ќе ни пресудат, поточно згазат, или мораме да тргнеме во жестока дипломатска офанзива, како би што повеќе влијаеле на истата бидејќи сите аргументи се на наша страна? Ние не сме членка ама за таа цел мораше да се искористи и посетата на Белгија и Луксембург и сите други контакти, на сите нивоа на земјава, во комуникациите со ЕУ и членките на Унијата. Тоа е токму задачата на МНР, на чие чело е Османи. По сценарио на МНР, сите врвни личности мораат да преземаат чекори кои ќе влијаат на дебатата за да излеземе од ќор-сокакот што ни го скрои Софија. Се разбира, ако веќе нема спремност да се прифати бришење на Македонците  како народ.

Османи вади од ракав дека Брисел не го откажал годишниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација заради притисок врз Македонија. Ако е така зошто е откажан а не е одложен? Зарем не е очевидно дека со тоа ни покажуваат дека прво треба да се договориме со Бугарија и да ги прифатиме нивните ултиматуми и уцени а потоа се’ друго? Тоа не е обичен туку жесток притисок. Се’ е појасно кога се знае дека освен Чешка и Словачка, ниту една друга членка на Унијата не не поддржа, најмалку САД, иако позицијата на Бугарија ги девалвира основните постулати на ЕУ. Како претседавач, и Германија беше заинтересирана да ги започнеме преговорите само затоа што тоа ќе беше нејзин успех, а не заради нас. Берлин цело време бараше да се договориме со Софија и немаше лош збор за нивните ментални девијации. Нивниот последен предлог за “погрешно толкување на историјата“ во преговарачката рамка, кажува се’. Тоа беше крајно навредливо и за нас. Меѓутоа, огромна е веројатноста дека тоа било вметнато и со наша согласност. Не може да се верува дека Германија предлогот го дала без да не консултира. Формулацијата поминала на состанокот на амбасадорите, што претпоставува дека било навестено и наше евентуално прифаќање. Отпосле реагирале министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка и ја повлекле согласноста. Секоја им чест што ни го спасија образот од ново понижување од кое ќе немаше враќање и ќе водеше во наши нови незамисливи голготи. Дури тогаш ќе не расчеречеа. Предлогот е полош од срамната лисабонска декларација, од јуни 1992, со која ни забрануваа користење на терминот “Македонија“ во името.

Ако сега сме дале зелено светло, тоа сигурно не го сторил лично Османи. Јавноста има право да знае што точно се случило.

Османи заслужува жестока критика и за одлуката по секоја цена да одреди Албанец во историската комисија со Бугарија, како што самиот се пофали. Зачудува молкот на Литовски, зашто наводно самиот се повлекол по истек на договорот? Логична претпоставка е дека добил ишарет од надлежните а гледаме дека е жив и здрав и пишува колумни. Неговиот наследник, пак, докторирал на теми поврзани со Албанците на Балканот. Неговата номинација наликува дури и на некаква дискретна саботажа, иако зборот е претежок. Асоцијацијата е, меѓутоа, безмилосна.

Сепак, на Османи мораме да му бидеме благодарни што ни откри дека идентитетските прашања со Бугарија се на маса, со објаснување дека за нив не се дискутира (“Вечер“ од 13/1/2021). Во секој случај, самиот факт дека се тие на маса е поразителен и понижувачки за нас. Тоа значи дека сме се согласиле и прифатиле дека тие се проблем. Тоа е најкрупниот исчекор кон нашиот пораз и е потребна само техника како тоа да се заврши. Апсолутно истото ни се случи и со Грција. Откако со Привремената спогодба (1995) официјално прифативме дека името е проблем беше само прашање на време кога ќе ни го земат. Османи заслужува признание и што ни објасни зошто со реформите во образованието се брише историјата како посебен предмет. Според Инфомакс.мк, од 10/1/2021, тој рекол – “Сега ни треба рационален пристап што ја одделува историјата како образовен проблем од историјата како спор за идентитетот“. Многу прецизно: реформите се затоа што заради Бугарија мораме да ја менуваме историјата. Ова е и светски новитет: со историјата да се оспорува нечии идентитет! Во интервју за “Радио Слободна Европа“, според “Слободен печат“ од 11/1/2021, Османи бил уште поконкретен – “… Нашите погледи овде се изградени во еден претходен систем… и тие погледи биле и антибугарски и антиалбански и антигрчки… сега влегуваме во друг сојуз, со други држави и во НАТО и во ЕУ… не можеме со истите очила да го гледаме светот… да се отворат ограничувањата… наследени од историјата“. Според него, да сме ти биле ем виновни за проблемите со соседите, ем незадоволни од  нивниот однос.

Позитивна е оценката на Османи (“Нова Македонија“ од 25/1/2021) дека “пристапните преговори не би требало да се претворат во преговори со Бугарија“ ама тоа се празни зборови бидејќи ништо не се прави во таа насока. Засега, се’ се сведува на преговори со Софија, што е и цел на Брисел. Зарем некому се’ уште не му е јасно дека нема никакви изгледи Бугарија да ги омекне, камоли промени, своите догми за Македонците, наследени од Тодор Живков. Негов личен соработник бил премиерот Борисов, кој е веројатно сега и инспиратор на овие негови политики. Можеби спроведува и негов аманет? Се заедно, Македонија губи драгоцено време без да им парира на бугарските безобразлуци. Времето работи против нас и затоа не треба да се губи. Најдобра илустрација на нашиот однос кон Бугарија даде “Слободен печат“ на својата насловна страница, на 12 февруари 2021 – тие не плукаат, ние велиме “врне“!

Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This