Koлyмнa нa Ристо Никовски: „Кoj и зoштo нajaвyвa пpeкpojyвaњe нa Балканот?“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

На почетокот на 1990-тите, многу висок германски дипломат директно не праша – што би значело за Македонија отцепувањето на Косово? Нашиот министер немаше соодветен одговор бидејќи никој не размислувал на таа тема. Подоцна, се потврди дека уште тогаш било планирано таквото решение. Се знае од кого ама ниту прашањето беше случајно, ниту Германија беше главна.

Аналогијата со појавувањето на нонпејперот е очигледна. Особено ако се додаде дека словенечкиот претседател, Пахор, им поставил исто прашање на членовите на Претседателството на БиХ – може ли државата да се распадне на мирен начин? И овој интерес не бил ниту случаен, ниту само словенечки. Очигледно, ова се само првите јавни одблесоци на одредени планови а веќе се покажа дека нонпејперот постои. Самото објавување на нонпејперот, пак, лесно може да има двојна цел: ем да се испита поширокото расположение, ем да се припреми јавноста. Тоа е стар штос. Во поранешна Југославија, кога на првите страници од весниците ќе се објавеше дека цигарите нема да поскапат, беше само најава дека тоа наскоро ќе се случи.

Главната мистеријата е – зошто баш сега? Факт е дека државниот секретар на САД, Блинкен, неодамна испратил писмо до тројцата членови на Претседателството на БиХ, во кое предлага модификации на договорот од Дејтон. Тоа може да биде првата фаза од спроведувањето на нонпејперот бидејќи Додик и Република Српска (РС), та и самата Србија, многу тешко ќе прифатат какви било промени. Неспорно е дека што и да се менува во Дејтон, директно ќе биде на штета на државноста на РС, што за сите нив не доаѓа предвид. Во тој контекст, нонпејперот можеби најавува што ќе следи? Меѓутоа, тоа е по малку контрадикторно бидејќи токму РС сака одвојување од БиХ, а не и Бошњаците и Хрватите, кои би биле жртви на еден таков потег. Ако е така, тоа би требало да значи дека тајните планери од подземјето не гледаат друг излез освен поделба, што би било страшно. Нејасна е и улогата на Словенија, освен ако тие сами не си зеле улога? Познато е дека Јанша отворено го поддржуваше Трамп и не е логично Бајден да игра на негова карта. Дали Јанша, ако веќе има врска со (не)документот, ги (зло)употребил тајните информации со кои располагал? Тоа не би му било прв пат! Причините можат да бидат лични и партиски, наменети за дома, за да се добијат поени преку нагласување на нивната балканска улога.

Клучно во целата афера е што изнесените концепции во нонпејперот не се никакво изненадување. Тие се одамна замислени. Зошто, инаку, во Дејтон беше разбиена БиХ на РС и на бошњачко – хрватска федерација? Зошто веднаш немаше и хрватската држава, Херцег – Босна, што сега ја бараат Хрватите? Поделбата на БиХ беше прва насилна промена на границите во Европа, по конференцијата во Хелсинки (ОБСЕ), од 1975 година, што беше таму стриктно забрането. Со тоа, по распадот на Југославија, започна втората фаза на прекројување на регионот. Третата, пак, беше насилното отцепување на Косово. Сите три фази се дел од исто сценарио. Долгата војна во БиХ, каде сите војуваа меѓу себе, јасно покажа дека некаков одржлив соживот меѓу трите народи ќе биде практично невозможен на долгорочна основа. Тоа ја оправдуваше и поделбата која, меѓутоа, се покажа нефункционална.

Сега, кога се анализираат сите овие настани, силен е впечатокот дека главната цел на Дејтон била дефинитивна поделба на БиХ, која би се спровела кога ќе дојде времето за тоа. Во тој план е вклучено и отцепувањето на Косово. Како изгледа, тој момент дошол сега и кон Србија треба да се присоедини РС, како “утешна награда“, а бошњачко – хрватската федерација да се обедини со Хрватска. Ако во Дејтон беше формирана и Херцег – Босна, при сегашната дефинитивна поделба таа би се приклучила кон Хрватска ама бошњачката држава би останала ни на небо, ни на земја и проблемот не би бил целосно решен. Затоа немаше хрватска држава. Сега, меѓутоа, особено е интересно зошто во објавениот нонпејпер бошњачкиот дел останува како посебен ентитет? Единствена причина може да биде фактот што Бошњаците денес во никој случај не би прифатиле да бидат маргинализирани во рамките на Хрватска.

Не треба многу визија за да се сфати дека, во денешни услови, растурањето на БиХ е неизводливо без преголеми турболенции. Просто е незамисливо дека БиХ, по толку пролеана крв и раселени лица, може да се подели по мирен пат. Тоа е невозможна мисија. Ако во времето на Дејтон, евентуално, и беше можно БиХ да се растури, како резултат на долгата војна, денес тоа веќе не е случај. Тогаш, пак, таквите планови не беа актуелни бидејќи се’ уште не беше завршено отцепувањето на Косово, како финален чин на распадот на Југославија, за која цел беше смислена и верзијата околу БиХ. Во меѓувреме, состојбите се променети и во БиХ е сега воспоставена сосема нова реалност која неизбежно наметнува дека проблемите мора да се решаваат од внатре а не со промени на границите. Механизмите за прилагодување на Дејтон, мора да се бараат преку целосна согласност на сите, вклучувајќи ја и РС, а не со надворешен диктат. Се’ друго ќе води во нови судири.

Во споредба со БиХ, случајот со Косово е, сепак, полесен. Клучното прашање е – како Србија да ја прифати неговата независност, со што барем овој дел од регионот би бил дефинитивно спастрен? Неспорно е дека РС, како втора српска држава, е директна компензација за Белград, за загубата на Косово. Тоа е голема српска придобивка, а заслугата е на Милошевиќ. Арно ама, спојувањето сега не е можно. Затоа се наметнува прашањето – кој друг конкретен чекор може да создаде услови за Белград да го признае Косово? Се чини дека како единствен излез од ќор – сокакот се наметнува враќањето на српските општини околу Митровица, во рамките на Србија. Тој чин би требало да се третирал како завршен дел од процесот на (нелегалното) отцепување а не како некакво ново прекројување на границите. Објективно, само така Белград би можел да го проголта независно Косово. Покрај РС, ова би била додатна компензација и во таков случај Белград нема да има аргументи да не го признае Косово.

Многу поопасен преседан би било формирањето на Заедница на српски општини. Практично, тоа би била трета српска држава. Со тоа, Србија би добила само огромни и долгорочни финансиски обврски и политички проблеми. Ништо повеќе. А решението би било како некаков тројански коњ кој постојано (ќе) креира проблеми за целиот регион. Ваквиот расплет би бил нагласен интерес и на Македонија, за да се одбегне слично групирање на општините со претежно албанско население, на што сигурно ќе се инсистира. Тоа би значело ем федерализација, ем трета албанска држава.

Се чини дека решение за косовскиот проблем би можело да се бара во горните рамки. Формалното, пак, спојување на Албанија и Косово, со кое тие повремено се закануваат, всушност е политички трик бидејќи тоа не им одговара ниту на Тирана, ниту на Приштина. Со независноста на Косово, големоалбанскиот проект е веќе со преку 75 проценти практично реализиран бидејќи тие се веќе по многу што една држава. Границата меѓу нив е само формална а процедурите на поврзување се постојани. Како две држави, тие ќе играат поголема политичка улога и на Балканот, и во светот а ќе се избегнат и неизбежните конфронтации во борбата за власт меѓу политичарите на двете страни, кои неизоставно би следеле во заедничката држава.

Како дефинитивен и неспорен заклучок на сите овие размисли императивно се наметнува потребата од брз процес на прием на преостанатите шест балкански држави во ЕУ. Со горното решение за Косово, и Приштина би се квалификувала за почеток на преговори. Сите проблеми на овие земји, и на регионот во целина, колку да изгледаат нерешливи, ефикасно и во блиска иднина, единствено можат да се надминат само со зачленување во Унијата. Тоа е најдобро и најевтино решение за Брисел, отколку бесмислено да ги блокира нивните европски перспективи. Тоа е долгорочен интерес и на сите членки. Сегашниот статус кво (ќе) генерира само нови проблеми. Заедно,сите шест земји имаат околу 17 милиони жители што е навистина безначајна бројка, споредено со околу 450 милиони на ЕУ. Сите се сиромашни и, со преговори и зачленување, ќе им се наметнат нови европски стандарди, кои ќе овозможат нивни побрз развој што ќе ги смири сите национализми. Ако преговарачкиот процес наскоро се прошири и на Скопје, Приштина, Сараево и Тирана, со претходно пресекување на косовскиот Гордиев јазол, забрзано ќе се надминуваат напластените проблеми како и сите недоречености и искривоколчености кои постојат во овие држави. Во тие рамки, многу полесно ќе се вклопат и модификациите на Дејтон во БиХ. Тоа е неспорен интерес на ЕУ. Брисел треба максимално да го искористи нагласениот општ интерес за членство. А ако тоа изостане, како што изгледа, во регионот ќе продолжат да доминираат криминалот, корупцијата, транзитот на дрогата и емигрантите, преселувањето на луѓето… со сите директни импликации врз ЕУ. Локалните феудализми бараат итна надворешна интервенција бидејќи ги спречуваат сите промени и реформи кои се интерес на граѓаните. Унијата не може да биде успешна ако Балканот врие. Таа е на потег. Ова е тежок испит за неа и ако не го положи ќе биде голем пораз на нејзината мисија за обединување на Европа. Неуспехот со Бугарија не треба да биде пречка туку, напротив, повод и причина за што побрза европеизација на Балканот.

– Пишува, Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This