Koлyмнa нa Ристо Никовски: Македонија мopa дa oдгoвopи нa бyгapcкaтa aгpecиja

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

По осамостојувањето, македонската надворешна политика нема многу аргументи за фалење. Правени се бројни грешки, од кои добар дел непростливи а најголемитекулминираа по изборите во декември 2016 година. Новата власт започна со масовно распродавање на македонизмот на начин кој заслужува не само политичка туку и кривична одговорност бидејќи на флагрантен начин беше прекршуван Уставот на земјата. Власта ги следеше инструкциите на странците, што подразбира и нивните интереси, запоставувајќи ги македонските. Договорот со Грција беше клучната капитулација на Македонија. Тој беше така срочен за да се прекрсти земјата и такада се отвори влезот за во НАТО. Нема никакви дилеми дека интересот Македонија да влезе во НАТО беше на САД заради затворање на просторот за руска пенетрација. Во договорот од Преспа, нема ништо за нашиот прием во Унијата, што е клучен интерес на земјата, освен дека Грција нема да не попречува. На истото, Атина се обврза и со Привремената спогодба (1995) и тоа грубо го игнорираше, вклучувајќи ја и за нас одличната пресуда од Хаг. Сите западни “демократии“ ја поддржуваа во негирањето на пресудата а со тоа и на меѓународниот правен поредок. Овие факти покажуваат дека “нашите“ преговарачи биле целосни аматери и не знаеле што прават. Поточно, изигрувале куклен театар. Ако веќе прифатиле дека договорот го гарантира приемот во НАТО, како американски интерес, тогаш во него морале да обезбедат многу подобри услови за Македонија. Морале да бараат отстапки од Грција во име на САД. Сосема спротивно, место тоа, договорот е крајно асиметричен на наша штета и сите отстапки се наши, без ниту една грчка. Формулацијата за македонскиот јазик, која може да се толкува и како некој наш мал успех, што е глупост само по себе бидејќи не може некој од надвор да го верификува нашиот јазик, ама и тоа е само привремено. Додека целта на Атина беше да ги сотре корените на  нашиот национален идентитет, и тоа е направено на маестрален начин, јазикот треба да го дотолчи Софија.

Со Бугарија, таа постапка е започната уште во 1999 со декларацијата за пријателство, а заокружена со договорот од 2017, и е веќе во завршна фаза. Нашиот аматеризам од Преспа е само повторување на тој од 1999 година што само покажува дека и двете македонски партии, едната во 1999 (Љ. Георгиевски) и другата во 2017 (З. Заев) се на иста линија во распродажбата на националниот идентитет на Македонците. Со декларацијата, Македонија и го отвори патот на Бугарија за влез во НАТО, што исто така беше интерес на САД заради опколување на Русија, при што сите отстапки ги дадовме ние, а мораше да биде обратно. Како што е сега нашата иднина во рацете на Бугарија, тогаш нивната беше во наши раце. Можевме и да условуваме и да уценуваме… И, место да инсистираме Софија да ги разбие своите историски синдроми околу Македонија и Македонците и САД притисокот да го концентрираат врз нив, ние срамно се откажавме од македонскиот јазик, од малцинството во Бугарија… Просто да не веруваш.

Ова се жалосни приказни кои ги потврдуваат оценките дека Македонците се космополити кои менуваат коњ и тоа Дорат или Букефал за искубена кокошка. Страшно ама вистинито. Крајно време е да се опаметиме и да сфатиме дека ѕид не се пробива со глава туку со памет. Македонија има такви човечки капацитети ама треба истите да ги селектира и искористи. Ова се примери како се уништува македонизмот со наше директно учество. Ако така продолжиме, алот ни е во калот. Место безрбетно однесување, крајно време е работите да ги земеме во сопствени раце и, ако има политичка волја, тоа не е воопшто тешко. Дека е таков моментот ни потврдуваат сите пораки од земјите членки на Унијата. Тие се едногласни дека Бугарија е осамена во блокадата ама дека проблемот мораме да го решиме сами со нив, дека тој не смее да биде дел од преговорите, ниту да се внесе во Унијата. Никоја членка не сака да се конфронтира со Софија заради нас, што не е многу коректно и чесно ама е и разбирливо бидејќи секој си ги гледа сопствените интереси. Премиерот на Хрватска беше дури и груб и безобразен во својата оценка дека – двете земји треба да се договорат околу јазикот! Сето тоа покажува дека или самите ќе се избориме со Софија или од ЕУ нема ништо. Бугарија ни ја фрли ракавицата и ако ние не ја прифатиме и соодветно одговориме, ни следи пораз покатастрофален од тој од Грција. Тоа значи или откажување од нашиот национален идентитет и јазик, или од аспирациите да станеме членка на ЕУ. Трето – нема.

Решение секогаш има само ако се сака и ако има лидери кои ќе поведат. Во конкретниов случај, за таа цел треба да се направи следното: веднаш да и порачаме на Софија дека има две опции – првата е веднаш да ја прекинат блокадата на нашите преговори за членство во ЕУ и да се обврзат дека истите нема да ги попречуваат во 35-те поглавја кои ќе следат и, ако тоа не е за нив прифатливо, втората е дека ние веднаш ќе се повлечеме од договорот за

пријателство и соработка на кој толку долго и упорно инсистираа и со кој не уценуваа. Ако е тој веќе договор за пријателство и соработка не може да биде во исто време и основа врз која ќе не блокираат и ќе бидат нашиот главен душман кој води отворена војна против нашата земја. Таков договор, со кој безмилосно, невкусно, бескрупулозно и бесмислено ќе се поигруваат со нашиот македонски национален идентитет, јазик, историја… не е потребен. Изборот е нивни.  

Само со една ваква наша реакција, која е сосема логична и базирана на прецизни факти и аргументи и која никој нормален не може да ја негира и оспорува, можеме да ја промениме ситуацијата која е без тоа безизлезна за нашата земја. Можеме да бидеме сигурни дека сите членки на Унијата ќе не поддржат иако  премолчено. Како потврда, во нивните медиуми ќе може да се очекуваат поволни коментари. Ако така не настапиме, ништо не може да ја натера Бугарија да ја промени својата политика која е официјализирана на врвен политички начин (БАН – Влада – Парламент). Така, Бугарија намерно не остави никаков маневарски простор за било какви отстапки и затоа ние сме на потег: или ќе тргнеме во офанзива и отворено ќе се спротивставиме на нивните уцени и небулози, или нема ништо од ЕУ. На Софија воопшто не и се брза и, ако не сме спремни да се откажеме од самите себе, овој пат целосно и дефинитивно, со голема сигурност ќе можеме да очекуваме оваа блокада да трае исто како и грчката – 30-тина години. Слична грешка направивме и со Грција кога не возвративме на нивната блокада на јужната граница (1994 – 1995) и чекавме 25 години да потпишеме капитулација. Блокадата на границата целосно ја промени нашата позиција во наметнатиот и измислен спор и доколку и ние ја затворевме за нивните стоки кои масовно транзитираа низ нашата земја, работите сосема поинаку ќе се одвиваа. Немаше во никој случај да дојдеме до вакво дереџе. Ако не извлековме поука тогаш, како и при договорот од Преспа, треба барем сега да се опаметиме и да не ги повторуваме грешките чија цена е неизмерлива.

Ако тргнеме во акција, меѓународниот фактор (читај – САД), кој стои зад Софија, сигурно ќе се обиде да не премисли, и ќе врши жесток притисок во таа насока, иако и тие ќе бидат свесни дека друг избор немаме. Со оглед дека сите аргументи се на наша страна, нема да има никаква потреба да се повлекуваме. Се‘ друго би водело во предавство на нашите фундаментални интереси. Ќе останеме долго време во аут и никаде нема да стигнеме.

Одлична вест е дека МАНУ, предводена од Коцарев, се разбуди од вековниот сон и застана на браникот на македонизмот каде и е и местото. Одбивањето да се промени името на академијата е одлично навестување за повеќе слични акции. И враќањето на нашето уставно и историско име не е недостижна цел. Потребно е само Уставниот суд да пресуди дека со договорот од Преспа беше флагрантно прекршен Уставот на земјата, што воопшто не е спорно. Тоа беше направено повеќекратно. Не само што беше целосно игнориран Уставот на земјата, што е тешко кривично дело, туку нашиот Устав беше договаран со странска држава и потоа насилно променет. Ако уставните судии имаат достоинство и некаква чест, тоа мораа и до сега да го сторат. Меѓутоа, како изгледа, ќе мораме да почекаме промена на власта и нови луѓе кои ќе бидат спремни да се борат за сопствениот опстанок и да ги анулираат сите криминални акти кои беа безмилосно извршени врз земјата и народот.

Неодамна во Албанија имавме потврда дека Уставниот суд не само што може туку и мора да ја одигра својата улога. Поранешниот премиер, Бериша, склучи договор со Грција околу поморската граница меѓу двете земји што наиде на критики во земјата дека бил  во корист на Атина. По подолго време, Уставниот суд го поништи договорот кој беше ратификуван и во Парламентот и се’ е вратено во првобитна состојба.

– Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This