Koлyмнa нa Ристо Никовски: „Од гpeшкa вo гpeшкa – Пендаровски нe cмee дa кopиcти oфициjaлни ycлyги нa Paдев“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Најновата вест дека Пендаровски ќе патува заедно со бугарскиот претседател, Радев, на чествувањето на браќата Кирил и Методи во Рим, е во најмала рака – изненадувачка. Радев ќе дошол во Скопје и заедно ќе продолжеле за Рим, со неговиот авион. Како да се и двете земји, и нивните претседатели, најблиски пријатели. А “Слободен печат“, од 12/2/2021, многу пластично ги опиша односите меѓу Бугарија и Македонија – “Тие не плукаат, а ние велиме ’врне’“. Или овде кај нас некој ништо не разбира или сите се прават наивни. Моментално, јасно им е и на тие што не се разбираат во политика дека Бугарија води подла и агресивна војна против фундаменталните интереси на Македонија. Не блокира и уценува во Брисел; не признава ништо од нашите вредности; сите не прогласува дека сме биле Бугари до вчера; секојдневно не понижува и како народ, и поединечно… А, меѓу тамошните плукачи е и Радев. Само се наметнува прашањето – како е можно, во такви услови, Пендаровски да прифаќа некакви услуги од Радев? Со овој потег се гази достоинството на државата. Тоа е навредливо и за него и за сите нас. Се даваат целосно погрешни сигнали. Просто е неразбирливо од кои и какви побуди е прифатена таква прецизно калкулирана бугарска понадица која треба додатно да покаже дека со нас си играат како што сакаат. Во прашање е наша тешка грешка со која ги бришеме нивните греови. Тоа е и нивната главна цел.

Зарем некој заборавил дека, на почетокот на март 2021, токму Радев ги собра безбедносните служби, кои се под негова контрола, и ги задолжи да ги штитат правата на Бугарите во Македонија! Сосема со право, Пендаровски веднаш реагираше со оценка дека Радев се меша во нашите внатрешни работи. Всушност, тој не третираше како да сме една земја. И само тоа е доволна причина да се одбие секаква негова лична соработка, освен чествувањето во Рим, кое е веќе некаква воспоставена пракса. Впрочем, Радев и сега, со авионот, манифестира дека сме едно исто.

Можете да замислите каква пропаганда ќе се спроведе во Бугарија – Радев го вози Пендаровски во Рим! Ние секогаш ја помагаме братска Македонија иако од таму постојано шират говор на омраза кон Бугарија! Ние им подаваме рака додека тие ги убиваат и малтретираат Бугарите… И слични фрази кои ќе имаат првокласен прием кај луѓето. Иста дури и пострашна глупост направивме на 22/12/2020, кога министерот за здравство, Филипче, секако не по сопствена одлука, седеше на бугарската влада и можеме само да замислиме со какви избрани зборови од газерот на душата се заблагодаруваше за ветените и никогаш не испорачани бугарски вакцини. Сигурно тој имаше и изјави и интервјуа на тамошните телевизии со изрази на длабока благодарност за бугарската широкоградост. Може да се гарантира дека сите во Бугарија беа запознаени со овој нивни благороден потег кон неблагодарните Македонци, што на крајот ништо не ги чинеше а ние излеговме наивно изманипулирани. “Вечер“, од 26/12/2020, ја пренесе изјавата на Каракачанов кој ја откри нивната стратегија – “Бугарија не ги дава вакцините на соседи туку на своите сонародници“. Затоа, не треба да чуди што сите Бугари целосно ја одобруваат нивната нецивилизирана и средновековна политика кон нашата земја. При тоа, нашите аматери забораваат дека пропагандата е, често,  поважна и од самата политика.

Во агресијата против Македонија, “најистурени“ беа Каракачанов и Захариева ама воопшто не заостануваше ни Борисов а веднаш тука беше и Радев. Во секој случај, сите тие беа истомисленици и креатори на монструозните конструкции против Македонија. Ќе цитираме само неколку изјави на Радев. Според “Вечер“, од 17/10/2020, тој рекол – “Политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Македонија и Бугарија. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитувањето на нашиот идентитет и јазик. Секогаш има простор за компромиси но тие не може да се прават со историја, идентитет и јазик или со барање на национални малцинства“. Тоа, нели, треба да важи за нив ама не и за нас. Додал – “Изнаоѓањето на решение првенствено е одговорност на земјата кандидат за членство во ЕУ“.

Оваа негова изјава е од октомври 2020 а во средината на мај 2021, Пендаровски излезе со барање до Бугарија, кое лично го поздравив, дека Софија треба да се определи дали проблемите меѓу двете земји се од историски или политички карактер, со заклучок дека ако се историски за нив нема место во преговорите за ЕУ. Во принцип, тоа е сосема коректно и на тоа треба да се инсистира во Брисел. Меѓутоа, гледаме дека Бугарија и Радев уште минатата година биле свесни за опасноста од слична дефиниција и приод и јасно се определиле дека бараат политичко решение за историските прашања! Подолу ќе видиме дека не само тие. За да ја зајакнат својата позиција, тие и на историските прашања им даваат политички карактер. Оваа нивна теза во никој случај не држи вода ама, ако не е веќе доцна, Македонија мора да води добро осмислена и упорна акција на одвојување на историјата од преговарачкиот процес со ЕУ. За таа цел треба да се подготват и соодветни документи кои би се дистрибуирале и во Брисел и најшироко. Колку сме ние способни за такво нешто, е друго прашање. Ако историјата, сепак, остане дел од преговарачкиот процес, тоа би бил тежок преседан и ниту една друга држава, барем од Балканот, нема да влезе во ЕУ. И во други прилики, Радев повторувал дека не можат да се прават компромиси со историјата и со јазикот кои, се разбира, за нив се – бугарски. Македонски народ и јазик за сите во Софија, вклучувајќи го и Радев, едноставно не постојат. Барем до 1944.

На оваа тема, нагласено внимание заслужува веста која ја објави infomax.mk, на 19/5/2021, под наслов – “Германската амбасадорка го посрамоти бугарскиот амбасадор во Македонија“. Меѓу другото, Холштајн рекла – “Минатата есен, ЕУ направи уште едно барање, а тоа беа историските услови, што е точно, а што не, во изминатите 100 години за историјата на Балканот. И, на крајот од годината се направи ваква проценка, што ќе биде дел од критериумите за пристапување“. Додала дека – “ЕУ треба да биде модератор, но не треба да коригира и суди при вакви спорови кога станува збор за недоразбирања за минатото во изминатите 100 години и оти тоа е надвор од принципите што го водеа процесот на проширување – транспарентноста и предвидливоста“! Информацијата не е до крај разбирлива ама, сепак, покажува дека и ЕУ се вклучува во историските прашања на Балканот!? Досега, кај нас, никој не спомнал за такво нешто и е прашање дали надлежните имаат поим што се случува во Брисел а може да биде кобно за Македонија? Бугарија секако имала своја улога во тоа.

Ќе ја спомнеме и изјавата на Радев, која ја пренесува “Слободен печат“, од 21/12/2020 – “Бугарија нема да попушти затоа што “Договорот за добрососедство…“ од наша страна блеска со добронамерна наивност, ама не ја исполни реципрочната добра волја“ и продолжил – “Велам, ние сме две земји, ние сме браќа. Договорот беше добронамерен. Кога стана јасно дека не се почитува, во 2018 година, реков дека е потребен нов анекс. Во Бугарија мораме да бидеме обединети додека Македонците не го разберат патот до ЕУ“. Според мкд.мк, од 26/3/2021, Радев рекол – “Напредокот на  Македонија кон полноправно членство во ЕУ е стратешка цел на Бугарија. Сепак, тоа зависи од подготвеноста и политичката волја на Македонија… да ги почитува правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски национален идентитет“!? Какви генијални политичари имаме ние! Место да разговараме за положбата на Македонците во Бугарија, каде има 13 правосилни пресуди на Европскиот суд за нивните малтретирања, на кои се вековно изложени, главна тема се непостоечките “Бугари“ во Македонија. Ова треба да се смета за наш историски (не)успех.

Според “Вечер“, од 2/2/2021, Радев ја критикувал владата на Борисов што не успеала во ЕУ да ја претстави бугарската позиција за Македонија. Објаснил дека спорот ја потврдил тезата на потпретседателката Јотова дека само давањето на бугарско државјанство не е доволно за успешна соработка со бугарските заедници во странство. Според “Вечер“, од 21/1/2021, претходно и Јотова инсистирала бугарските барања да се вметнат во преговарачката рамка за Македонија.

Сите овие примери јасно и недвосмислено покажуваат дека во Бугарија постои целосен консензус за блокадата и уцената на Македонија во ЕУ и дека е тоа услов зад кој сите стојат. Нивната суштина е дека се’ до 1944 година, нема ниту Македонци, ниту македонски јазик. И тогаш, една вечер, сите “македонски бугарчиња“ си легнале како такви ама се разбудиле и станале ново измислени – Македонци. Со помош на Тито, се разбира. Си создале и јазик кој, нормално, може да биде само дијалект на довчерашниот бугарски. И врвен волшебник мора да му се восхитува и да му завидува на Тито: што се’ постигнал за само еден ден! Окус, покус…

Кога се знае сето ова, не изгледа воопшто умно да се прифати било каква услуга од Радев и да се изигрува некакво пријателство. Во најмала рака, тоа е понижувачко. Би било добро ако може и ако се’ уште има време, тоа да се откаже. Ако треба, нека се оди и со воз. Кога ќе се загуби достоинството, доаѓа крајот. А во однос на Бугарија, на Македонија тоа одамна и се случи. Страшно.

Пендаровски сигурно знае дека на 14/2/2021 година, во Софија беше објавена и презентирана “Бела книга за јазичниот спор меѓу Македонија и Бугарија“ која се преведувала на повеќе јазици и се дистрибуирала низ светот. Претходно, Бугарија подготви и испрати “отворен меморандум“ во Брисел и кај членките на ЕУ. Јавно го прашувам претседателот – што презеде Македонија за да одговори на овие агресивни предизвици кои се полни со измислици и тешки лаги? Тој има јасно дефинирана улога во надворешната политика и ако МНР е веќе Албанец, кој често води политики во интерес на Тирана и Приштина, негова обврска е да ја пополни таа празнина. Нема друг. За да нема недоразбирања, ќе го цитирам првиот заменик премиер, Груби – “Косовското прашање за нас е приоритет“ (мкд.мк, од 19/3/2021). Ако македонското прашање не е приоритет за претседателот, нема кој да не брани.

Пишува, Ристо Никовски.

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This