April 18, 2024, 12:37 pm

Koлyмнa нa Трифун Костовски: Кермес

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Би сакал со вас да ја споделам  вистината за тоа што мене ми се случува во изминативе 15 години со угостителскиот објект кој се наоѓа во најцентралниот дел на градскиот парк, а тоа е објектот Кермес.

Кермес, синоним на Скопјани до скоро 90-та година од минатиот век, за многумина од нас, пријатели, познаници, денес живи или, пак, заминати од овој свет, претставува култен синоним на едно наше секојденвие.

Во своето функционирање, вообичаено имаше и падови, а ние Скопјаните секогаш се трудевме овој синоним да остане во живот, ама секако, согласно современите дневни потреби на граѓаните, жителите на Скопје и пошироко.

Возобнувањето на култниот Кермес го сметав за предизвика за мене и моето семејство. Признавам, идентичен предизвик имав и во возобнувањето на денес веќе изградениот храм на Превета Богородица, заштитничка на Градот Скопје. Едноставно, ми значат трајните вредности и континуитетот.

Црквата ја изградив. Во градбата на црквата имав силна поддршка од МПЦ. Кермес, кој го отпочнав во 2006 година со градење, за жал не ја доживеа истата судбина – да ја има поддршката од Општина Центар. Зошто е ова така? Заклучувам дека таму кај што има стопан, има и ред, а на места каде што стопани се менлива категорија, читајте Градоначалници, кои во своето функционирање најповеќе се заинтересирани за лична афирмација и добробит, а многу малку за тоа што е навистина потребно да се заврши овој објект.

Во дадениов случај не се работи за незаконско решение, бидејќи од Врховен суд ни е вратена дозволата за изградба на овој објект. Врховниот суд наложи со судска пресуда да се врати дозволата и маркицата. Дозволата за градба ни е вратена, меѓутоа маркицата на овој објект не постои и е избришана во времето на Никола Груевски кога од за мене непознати причини инсистираше да пропаднатиот објект Кермес, читајте руини без никакво културолошко значење, го прогласи без аргументи како културно наследство на Град Скопје. Да појаснам, никаде во архивите не постоеше документ дека Кермес е забележан како културно наследство. Со овој потег на господинот Груевски и господинот Јанакиевски и тогашната градоначалничка на Општина Центар Аларова, градбата беше стопирана и до денес веќе 15 години тој започнат, а неизграден комплекс, наликува како грдотија во самиот центар на Градскиот парк. 

Со проблемот Кермес се занимаваа и Градоначалниците кои дојдоа после госпоѓата Аларова, а тоа се Тодоровиќ, Жерновски и Богдановиќ. Сите ветуваа дека маркицата ќе се врати, дека проектот е изготвен од ИМПУМА и треба да се постави на седница на Советот во Општина Центар, за да може легално да се врати оваа маркица.

Почитувани пријатели, што тука недостасува? Добра мисла? Желба да се заврши проектот или пак желба да некој биде казнет од за мене неразбирливи причини. Што толку лошо имам сторено во својот живот за моите сограѓани, за мојата Општина, за мојот Град, за мојата Македонија? Што е тоа што четворица Градоначалници не покажаа ниту трунка добра волја да оваа системска грешка биде исправена? Зошто тоа мене ми се случува? Не верувам дека сум осамен во овие неправди што се прават према нас граѓаните на Република Македонија од институциите на системот на централно и локално ниво.

Рушвет? Е, нема пријатели, не давам. Знам многумина кои дале и завршиле работа, ама јас не давам. Тоа е злото во мене? Ако е така тогаш ќе страдам, ама нека бидат убедени сите горе наведени Градоначалници дека еден ден и ним ќе им се врати ова нанесено зло како бумеранг. Дали ќе биде тоа божја правда или правда од искона незнам. Убеден сум дека чесните секојпат ќе останат почитувани, па дури и кога веќе ќе ги нема меѓу нас.

Многумина од Вас ќе го постават прашањето зошто не ја тужам Општина Центар. Сакам да дадам појаснување дека не сум поклоник на судски спорови. Претпочитам заемен договор. Судските постапки во земјава ги добив. Дали треба Општина Центар да ја носам на арбитража во Стразбур? За сега не размислувам на тој план, што не значи дека нема да посегнам и по таа алатка, со цел да си го остварам своето право. Жално е што во институциите на системот, читајте локална самоуправа Општина Центар, немам партнер за договор и да го возобновиме култниот Кермес. Констатирам дека партнерството со МПЦ беше навистина прекрасно во изградбата на Пресвета Богородица каде и двете страни се вложивме да тој верски објект го ставиме во функција час поскоро.

За жал таков однос во Општина Центар од веќе четворица Градоначалници кои ја водеа Општината немам. Итроштините и лагите се од времен карактер.

Се наоѓаме во предвечерјето на Локалните избори на Скопје и Општина Центар и би сакал да го слушнам официјалното објаснување на Господинот Богдановиќ зошто во неговиот четири годишен мандт не успеа да ја врати маркицата? Напоменувам, дека во контактите од самото доаѓање на Господинот Богдановиќ на оваа функција бевме убедувани дека тоа е формалност која ќе се заврши многу брзо. Зошто на последната случајна средба пред месец и половина на улица Славејко Арсов, на моето прашање поврзано со враќањето на маркицата, ме упати да го барам одговорот во Градот Скопје. Зошто употребува итроштини со мене кога проблемот не е во Градот Скопје, туку во Општина Центар.

Почитувани, извлекувам заклучок кој што немора да е точен или можеби ќе ви наликува како несериозен. Стекнав образование во Македонија. Стекнав искуство и знаење во работата во Македонија. Отидов во белиот свет, спечалив за себе и сопственото семејство. Се вратив со капиталот во Македонија и замислете најголемиот дел од капиталот го изгубив. Дали е ова клетва? Судбина? Да страдам? Да бидам уништуван од мојот народ кон кој секојпат сум гаел најдлабоки чувства. Дали е ова шлаканица за мене? Бидете убедени, ако е шлаканица, тогаш е шлаканица за секој од нас кој се бори да стекне имот на чесен начин и достоинствено да си го проживее животот.

Пишува, Трифун Костовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This