Maкедончиште – Кире со emoтивно пиcmo: Ce oжeнив двaпaти, еднаш за Љубица, еднаш за Maкедонија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Легендарниот Кирил Лазаров не можеше да замисли подобро деби на функцијата селектор на ракометната репрезентација на Македонија затоа што неговите играчи во квалификациите за Европското првенство го совладаа олимпискиот и двократниот светки шампион, Данска со 33:29.

Европската ракометна федерација во специјален прилог за фановите кои се претплатници на нивниот билтен го претстави Лазаров како “легенда на Лигата на шампионите, како човек кој е обожаван од цела Европа и од секој македонски навивач кој некогаш одел по земјата. Но, кој е кралот Кирил? Што го инспирираше да игра ракомет и кој му помогна да ги оствари соништата?“, пишува во најавата на автобиографското излагање на Кире кое е насловено “На раскрсница“.

“Доаѓа време кога човек се наоѓа на раскрсница. Имам полни 40 години и уште многу работи сакам да ги направам. Имам глава полна со спомени, емоции, но и соништа и очекувања за иднината. Можеби постигнав многу голови, кренав многу трофеи и се уште ќе бидам гладен за победи по неколку месеци, но наскоро тоа ќе биде минато. Минатиот месец бев назначен за селектор на Македонија. Ми значи најмногу на светот, но не стигнав тука преку ноќ“, раскажува Лазаров.

“Моето патување почна на улиците. Но, не со ракометот, туку со кошарката. Едноставно беше да се игра со двајца или тројца заедно. Прв идол ми беше Тони Кукоч, а бројот седум на неговиот дрес додека играше за Чикаго булс го избрав и во мојата кариера.

Ако кошарката беше моја прва љубов, ракометот беше љубовта на мојот живот. Татко ми беше одличен ракометар и се сеќавам дека често ги следев неговите тренинзи. Бев најмал во тимот, но се чувствував природно во таа средина. Инспирација за бројот на дресот не е ми беше само Тони Кукоч, туку и мојот прв тренер со кој пораснав, Илија Јанев, исто така носеше дрес со бројот “7“. Тогаш мислев дека сите левораки спортисти го носат овој број, па заглавив со него“, вели за себе Кире и додава:

“Потоа дојде времето да станам лидер. Нешто за што некои мислат дека сум се родил да бидам. Од деновите во Пелистер кога имав само 18 години досега, 22 години подоцна, имав лидерска улога без разлика каде и да играв.

Некои луѓе тежнеат да бидат лидери цел живот. Да бидат храбри и да постигнат кога е потребно, да имаат самодоверба и сила да донесат важни одлуки. За мене, тоа доаѓаше природно. Никогаш не се форсирав себеси и можеби тоа е поврзано со мојот карактер и дисциплината на моите родители Благоја и Милка.

Моите родители ме научија да ги почитувам другите и никогаш да не се откажам од своите соништа. Па си дадов едноставна мантра: постави си цел и фокусирај се да ја оствариш. Да, можеби изгледам како цврст човек, но постојано имам желба да се докажувам себеси.

Татко ми беше клучната личност во мојот живот. Тој сакаше јас и брат ми да растеме со дисциплина и многу ретко ми кажуваше дека е горд на мене. Но, кога за првпат се преселив во Загреб, можев да ја почуствувам оваа емоција кај него“.

Загреб бил и големата пресвртница во неговата кариера затоа што таму сретнал луѓе кои го обликувале како човек и играч, луѓе како Златко Сарачевиќ, еден од неговите идоли и Лино Червар, неговиот прв странски тренер.

“Тогаш сфатив што значи да си странец во спортот. Секогаш живеев со мисла дека некој инвестирал во мене и има очекувања кои не сакам да ги расипам. Тоа ви прави притисок, но мојата желба да им докажам дека направиле вистинска одлука што ме ангажирале е нешто што ми помогна да играм ракомет на највисоко ниво сите овие години.

Кога патувате низ Европа и менувате клубови, често го напуштате домот за да играте на гости, важно е да знаете од кај ви се корените. Пријатели, семејство. Ги ценам. Се обидувам по секоја цена да избегнувам луѓе со негативна енергија.

Морам да признаам дека би можел и би требало да бидам подобар родител на моите две деца, Благојче и Лана. Поради ракометот пропуштив неколку родендени и важни семејни настани. Тоа е животот на професионалните спортисти. Веројатно го компензирам моето отсуство со тоа што сум “добриот“ родител во семејството. Тоа понекогаш ја излудува мојата сопруга Љубица која сака децата да израснат на вистинскиот пат. Но, ја обожавам Љубица. Цела кариера таа беше најголема поддршка која некој играч некогаш ја посакал и покрај тоа што беше најголемата жртва на ракометот. Таа е тука и во добро и во лошо повеќе од 20 години. Се грижеше за семејството и многу сум и благодарен за тоа“, со емоции за своето семејство раскажува Лазаров.

Тој вели дека се оженил двапати, еднаш со Љубица и еднаш со националниот тим на Македонија.

“Тоа е како врска. Долго време сме заедно и кога сме разделени, сме несреќни. За мене, играњето за мојата земја е свето – и кога сте капитен тоа чувство е уште поголемо. Да го водиш тимот на терен и да ја пееш националната химна е голема работа. Бликам од гордост секојпат кога излегувам на терен“.

Кире Лазаров сега има нова задача, да игра и да ги води младите ракометари на Македонија. Тој сега ќе носи уште поголеми одлуки, а дебито синоќа против Данска ја покажа неговата големина.

“Голем чест е да седам на клупата на мојата земја. Дали има притисок? Секако, затоа што секогаш сакаме да славиме успех. Но, само затоа што сум Кирил Лазаров, не значи дека успехот ќе дојде преку ноќ. Каков тренер ќе бидам, ме прашуваат. Червар, Душебаев, Пасквал, сите имале влијание врз мојот развој како играч и како човек. Време е да креирам сопствен модел и да ги најдам моите белешки од пред 20 години. Ракометни тактики, спортска психологија, мотивација, одржување на врвот после победа, сите идеи ми се тука. Тие ми помогнаа за големи соништа и уште поголеми победи“, зборува Кире во своето емотивно автобиографско писмо.

“Ми требаа 15 години да го подигнам трофејот во Лигата на шампионите. Тоа беше сон кој го остварив во мојот омилен клуб Барселона. Освојувањето на Лигата на шампиони носејќи го дресот на Барса беше совршено. Сега, тие раскрницата е блиску. Можеби неколку месеци или неколку години, се уште имам да одиграм, но после тоа, почнува нов живот.

Она што е најблиску до мене, секогаш ќе биде тука за мене: моето семејство, мојата земја и се разбира, ракометот“.

извор: eurohandball.com

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This