дома Македонија Moменти пред Бучковски да ги „omeкне“, ecкалациja на бугapcката peториката

Moменти пред Бучковски да ги „omeкне“, ecкалациja на бугapcката peториката

Бугарското министерство за надворешни работи денеска реагираше на вчерашното соопштение на македонската влада во кое беше критикувано ветото во ЕУ. Софија го обвинува Скопје дека манипулира со вистината.

Продолжуваат препукувањата на релација Софија-Скопје, откако претпладнево бугарското министерство за надворешни работи остро реагираше на вчерашното соопштение на македонската влада. Официјална Софија во соопштението, од една страна тврди дека Бугарија не ги оспорува македонскиот идентитет и јазик, а во истовреме вели дека признавањето на македонскиот идентитет не може да биде на „штета на нејзините национални интереси“. Бугарија вчера одново го блокираше почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Македонската влада постојано на јавноста и’ презентира лажни информации во врска со бугарската позиција во ЕУ, тврди бугарското МНР, дополнувајќи дека официјално Скопје води „дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Република Бугарија”. „Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Официјална Софија ја оценува како „манипулативна“ тезата дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија или нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат.
Понатаму во соопштението се наведува дека, сепак, Бугарија не прифаќа афирмацијата на идентитетот на македонските граѓани да биде на штета на нејзините национални интереси.

Македонската влада вчера ја обвини Софија дека донесла неодговорна одлука со блокадата на почетокот на пристапните преговори на Скопје со ЕУ. Со ветото за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, бугарската влада направи неодговорна и тешка стратешка грешка, соопшти владата во Скопје откако вчера мина и последната шанса да се отвори процесот на преговори за време на германското претседавање со Унијата.

Од Владата ја обвинуваат Бугарија дека го запрела „процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ” и оценуваат дека тоа е „на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската унија.”