дома Автомобилизам Toyota Yaris GR: Јапонска џебна ракета

Toyota Yaris GR: Јапонска џебна ракета

Во време кога повеќето производители или ги укинуваат или ги електрифицираат лутите верзии на своите модели, во Toyota се одлучија за сосема поинаков потег. Тоа можеби зачудува бидејќи Toyota е лидер во зелените технологии а од друга страна протежира изведба со потентен бензински мотор. Yaris GR под поклопецот на моторот крие 1,6 литарски трицилиндричен турбо агрегат со дури 261 KS и 360 Nm. За формулата за забава да биде комплетна, силата се пренесува на сите четири тркала со мануелен менувач. Плус на тоа, овој модел може да се нарача и со опционален Circuit пакет кој содржи блокирање на диференцијалите, дополнително подобрено ослонување и 18-инчни тркала со Michelin Pilot Sport 4S пневматици..

Возачот на располагање има три различни режими на возење – Normal, Sport и Track, кои во зависност од изборот го распределуваат вртежниот момент меѓу оските во сооднос 60:40, 30:70 или 50:50. Кога ќе земеме предвид дека автомобилот е тежок 1.280 kg, јасно е дека станува збор за ѓаволски забавен тркач кој до стотка ќе стигне за 5,5 секунди и нема да застане до електронски лимитираните 230 km/h.

Визуелно овој модел се истакнува со масивни спојлери и крила, дискретен спојлер назад, прилично впечатлив дифузор и двојни издувни цевки. Внатрешноста изобилува со алкантара, а GR ознаките даваат до знаење дека не е обичен автомобил. Тука се и неизоставните спортски седишта кои се грижат возачот да остане во иста положба при секакво возење.

Е сега доаѓаме до неизбежниот дел, цената! Перформансните автомобили секогаш биле над хоризонтот на обичните купувачи, особено некој што на четири метри должина тежи 1,3 тона сосе погонот на сите тркала и моторот од 261 КС. Проценката е дека иако со висока цена од 37.690 евра Yaris GR ќе биде дочекан со отворени раце.