January 18, 2022, 1:42 am

(Видео) Обраќање на претседателот Пендаровски на форумот „Сиромаштијата на децата во Македонија – примањата не се единствен фактор”

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Форумот се одржа вечерва во организација на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Македонија и Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк”.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Денеска сме собрани за да отвориме една многу важна и, за жал, актуелна тема. Детската сиромаштија е дел од она што американскиот филозоф, Волтерсторф симболично го нарекува квартет на ранливите, а во кој ги вбројува самохраните мајки, децата без родители, мигрантите и сиромашните. Овие категории диспропорционално го чувствуваат ударот на секоја криза, вклучително и комбинираните ефекти на тековната здравствена, економска и енергетска криза.

Универзалната декларација за човековите права, како и Декларацијата и Конвенцијата за правата на детето недвосмислено ни укажуваат дека најранливи членови на секое општество се токму децата кои, поради нивната возраст, имаат потреба од посебна грижа и помош.

Децата се особено изложени на ризикот од сиромаштија. Иако нашата држава успеа во изминативе години да ја намали екстремната сиромаштија, сепак, сеуште сме далеку од целта. Во 2019 година, пред почетокот на пандемијата, детската сиромаштија претставувала речиси 28% од вкупната сиромаштија во државата. Повеќе од 8% деца до 5 години и речиси 12% деца меѓу 5 и 17 години се соочуваат со сиромаштија. Податокот дека речиси секое трето сиромашно дете до петгодишна возраст е од ромската заедница зборува дека една од причините за сиромаштијата е и дискриминацијата.

Понекогаш, оваа загрижувачка статистика, наместо да шокира може да ги деперсонализира децата и да ги сведе на бројка. Затоа, кога ги гледаме овие статистики не смееме да изгубиме од предвид дека зад секоја бројка стои конкретно дете коешто живее меѓу нас. Ќе наведам само неколку примери: со екстремна форма на исклученост се соочуваат децата кои своевремено не биле впишани во матичната книга на родени поради што се практично невидливи за институциите на државата и се лишени дури и од основната социјална заштита. Или, можеме да зборуваме за децата кои во услови на пандемија не беа во можност да следат онлајн настава поради тоа што немаат компјутер или пристап до интернет. Да не заборавиме за децата без родители кои честопати се оставени на милост и немилост на општеството или децата кои питачат по улиците за да преживеат. Како најдлабока форма на социјална неправда, детската сиромаштија е скандал за секое демократско општество.

Почитувани присутни,

Сиромаштијата за која денеска зборуваме не е само материјална, туку е и повеќедимензионална. Таа опфаќа недостаток на сигурност, грижа и љубов, топол дом со пристап до вода и санитетски услови, здравствена заштита, особено во раниот детски развој. Сиромашните не се лишени само од финансиски средства, туку и од можноста да живеат достоинствен живот, без да зависат од помошта на другите, вклучително и од помошта од државата. А, тоа честопати ја поткопува нивната самопочит.

Детската сиромаштија е и трансгенерациски феномен, нееднаквоста најчесто се зголемува со секоја наредна генерација. Децата од раѓање се заробени во циклус на сиромаштија и, доколку се оставени сами на себе, без помош од државата, граѓанските организации или совесни поединци, голема е веројатноста дека ќе останат сиромашни. Притоа, клучна улога има образованието на нивните родители или старатели. Колку се пообразувани, толку е поголема веројатноста дека децата ќе бидат заштитени од сиромаштијата, и обратно. Во дигиталнава ера имаме и нови, дигитални форми на нееднаквост што дополнително ги спречуваат децата да се вклучат во процесите на образовна и професионална изградба.

Оваа социјална неправда е важна и поради еден друг аспект. Според психолозите, токму во детството, се формираат основите на човековата личност, карактерот, навиките, светогледот. Многу од одлуките што децата ги носат, суштински влијаат врз нивниот животен тек. Можеме само да замислиме какви одлуки секојдневно носат децата кои гладуваат, кои живеат во нестабилни семејства, со ограничен пристап до образованието, изложени на прикриена или отворена дискриминација и експлоатација.

Ценети присутни,

Не можеме да кажеме дека живееме во слободно и праведно општество се додека има деца кои живеат во сиромаштија. Оттука прашањето на детската сиромаштија е пред се морално и етичко прашање. Нам не ни треба некаква апстрактна етика втемелена врз нејасни концепти, туку конкретна етика што подразбира практични чекори и политики кои водат кон системски и структурни промени што ќе создадат услови за издигнување на децата од зоната на сиромаштија и нивно рамноправно вклучување во општеството. Солидарноста кон ранливите е многу повеќе од чин на великодушност. Солидарноста подразбира борба против структурните причини за сиромаштијата и нееднаквоста.

Благодарни сме на Обединетите нации и на канцеларијата на УНИЦЕФ што ни помагаат на тој пат. По едно вакво темелно истражување спроведено во партнерство со Finance Think, а земајќи ги предвид и насоките од Оксфордската иницијатива за сиромаштија и човеков развој, ние политичарите немаме апсолутно никаков изговор за игнорирање на ова сериозно прашање. При разгледувањето на секоја економска, социјална, но, и образовна политика, почнувајќи од даноците па се до социјалната помош, мора да водиме сметка како таа ќе влијае врз најранливите. Притоа, мора да бидеме свесни дека искоренувањето на детската сиромаштија е постојана борба што треба секојдневно да ја водиме.

Драги пријатели,

Нема порелевантно мерило за карактерот на едно општество од односот кон неговите најранливи членови. Ако тука не забележиме прогрес, ќе бидеме не само одговорни туку, би рекол, и виновни, за цели генерации со изневерени очекувања. Денешните деца се утрешните наши родители и роднини, работодавачи и работници, граѓански активисти, уметници, спортисти, учители. Борејќи се за нивното среќно детство, всушност, ние се бориме за наша, заедничка, поубава иднина.

Ви благодарам.

Latest News

Десетте најзначајни настани во светот во 2021 година

10. Договорот за AUKUS На 15 септември, претседателот Џо Бајден, австралискиот премиер Скот Морисон и британскиот премиер Борис Џонсон заеднички...

More Articles Like This