Гpeшкитe нe cмee дa ce пoвтopyвaaт: Дoгoвopoт co Бугарија мopa вeднaш дa ce oткaжe

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Бугарската блокада е една од низата на кои е изложена независна Македонија. Веројатно не е ниту последна. Сите беа дел од исто сценарио, замислено во Вашингтон, кое безмилосно се спроведува. Целта е дефинитивно затворање на “македонското прашање“. Долгото непризнавање на самостојноста беше првата блокада. Со неа започна процесот кој треба да го сотре македонскиот народ кој, очигледно, не е прифатлив за светот. Втората го спречи приемот на Македонија во ООН. Зачленувањето е чиста формалност, ама не беше така и за нас, иако ги исполнивме сите услови. Нелегално ни го суспендираа името, ни наметнаа навредливи референца и медијација… Се’ со цел да се прекрсти земјата а со тоа и народот. Грчката блокада на јужната граница, во 1994, беше третата. Четвртата, во Букурешт (2008), преземена во очај бидејќи преку 130 држави го прифатија нашето име, требеше дефинитивно да го разнебити македонскиот народ, што сега и се случува. Тогаш,  на срамен начин, НАТО ни ги затвори своите а со тоа и вратите на ЕУ, со уцена и ултиматум – прво името (прекрстување), потоа членство.

Сите, што се’ уште мислат дека овие блокади биле случајни и неповрзани меѓу себе, немаат поим ниту што ни се случува ниту во кој неповрат насилно не тераат. Автор на една ваква современа македонска трагедија не се ниту можат да бидат Грција, Бугарија или која било трета земја. Такви долгорочни и прецизни политики можат да генерираат само САД. Меѓутоа, воопшто не е за потценување ниту улогата на нашите политичари. Клучно е што никој не можеше да не прекрсти без наша согласност. Нашите џелати имаат оправдување и уште утре ќе не прашуваат – а зошто се согласивте? Точно е дека вината е во голема мерка наша.

Заедничко за сите блокади е што Македонија никогаш енергично не се спротивстави со аргументите кои секогаш беа на наша страна. Без исклучок, сите блокади беа нелегални, спротивни на меѓународното право и надвор од сите процедури, принципи, правила… Во наведените случаи, како и во многу други, Македонија само го виткаше ’рбетот и прифаќаше и исполнуваше се’ што се бараше од неа. Никогаш не се спротивстави ниту постави услови. Исклучок е апликацијата во Судот во Хаг ама и одличната пресуда неславно заврши бидејќи самите ја баталивме. Во целина, нашето однесување сите овие години беше неодговорно, некомпетентно, израз на неспособност и на недостиг на патриотизам… А секако имаше и корупција и криминал. Притисокот на странците не е никаков изговор бидејќи тие за тоа се платени и професионално си ја вршат својата работа иако, можеби, лично и не се согласувале со безобѕирностите кои службено ни ги наметнувале. Тие сигурно биле пресреќни за своите успеси ама, паралелно и најверојатно, се чуделе на умот на нашите политичари.

До сега, Македонија се однесуваше покорно, а позицијата на земјата постојано се влошуваше и дел по дел ги губевме државата и народот. Крајно време е, а можеби и последна шанса, да кажеме – НЕ и да не дозволиме повеќе разнебитување со наша согласност.

Ако макар нешто научивме од нашето неславно минато како независна држава тогаш, по ветото за почеток на преговорите со ЕУ, Македонија има само една опција во односите со Бугарија: одлучно да им порача дека, доколку одма не ја прекинат блокадата, веднаш ќе го откажеме Договорот за пријателство и соработка. Објаснувањето е едноставно – договорот не отвори простор за развој на односите туку за блокади. Тие го злоупотребуваат за свои националистички и шовинистички цели и за надминување на бесмислените историски синдроми и ние повеќе нема да го толерираме тоа. Како таков, договорот не е потребен.

Поука мора да извлечеме од грчката блокада на јужната граница, поставена во февруари 1994 година. Тоа беше страшен удар за економијата. Беше прекинат нејзиниот крвоток бидејќи преку Солун оди добар дел од размената со светот. Под блокада, веќе подолго време беше и северната граница, како дел од санкциите на СБ на ООН врз Србија. Македонија беше оставена без железнички врски со светот. Секна и увозот на нафта, со што замреа речиси сите активности во земјата. Тешко дека друга земја ќе издржеше две години под речиси целосна транспортна блокада.

Со овој терористички потег, Грција направи целосен пресврт  околу нашето име и ја доведе Македонија во безизлезна ситуација. Истото го постигна и Бугарија околу нашето членство во ЕУ, кое сега изгледа недостижно. Грчката блокада дојде во моментите кога Македонија се стабилизира по бурите сврзани со непризнавањето, приемот во ООН… бидејќи бројни земји започнаа да не признаваат со историското име. Откако светските фактори, кои безмилосно сакаат да не урнисаат како народ, сфатија дека работите им излегуваат од контрола, беше блокирана нашата јужна граница. Тоа во никој случај не беше само грчка измислица. Сите молчеа, што потврдува дека и Вашингтон, и Брисел, ја поддржуваа блокадата. Логиката е јасна: со уништена економија, Македонија многу полесно ќе капитулира. Претрпените штети се непроценливи и се мерат во милијарди долари. Се’ уште не е доцна да се бара надоместок.

Наша непростлива и историска грешка беше што не возвративме на блокадата. Додека границата беше затворена за наши, преку Македонија секојдневно транзитираа илјадници тони грчки стоки. Авторот на овој текст, кој тогаш беше потсекретар (државен секретар) во Министерството за односи со странство (МНР), енергично се залагаше за реципроцитет и за блокада на јужната граница и од наша страна. Тоа не беше прифатено.  Погрешен беше ставот дека е рано Македонија да покажува заби. Благодарејќи токму на блокадата, следеше Привремената спогодба (ПС) со Грција (1995), со која САД максимално ја девалвираа нашата позиција во спорот за името. Со неа беше дефинирано дека мора да има и трајна спогодба што неизбежно водеше во целосен наш пораз. Ако возвратевме, пак, многу е извесно дека работите ќе се одвиваа сосема поинаку: а) Атина бргу ќе мораше да ја прекинеше блокадата бидејќи и нејзините штети ќе беа огромни а нашите ќе се минимизираа; б) ќе немаше ПС или таа ќе беше неспоредливо подобра за нас и, што е најважно – в) немаше да бидеме доведени до безусловна капитулација во Преспа, која произлезе од ПС, и до срамниот договор со Бугарија. Пресвртот со грчката блокада е коренот на сите наши последователни страдања.

Ова не е само изигрување на генерал по војна. Во прашање се факти: блокадата им овозможи на САД да ни прават што сакаат. Можеби токму поради својата мирољубива политика во 1990-тите, Македонија и опстана како држава. Не дозволи војните од поранешната федерација да се прошират и на југот. Ако тоа се случеше, неизбежно ќе следеше нов балкански судир веројатно погубен за нас ама и за сите други. Никој не ќе можеше да го контролира неизбежниот хаос. Во дадените услови, сигурно беше  невозможно да се процени до каде може да се оди со сопствени потези, особено кога се знаеше дека од другата страна, зад се’, стојат – САД. Сите конци беа во нивни раце, а веќе се насетуваше дека Македонија, каква што беше, за нив не е прифатлива. Затоа долго не ја признаваа, ја оставија без име… Меѓутоа, во политиката мора да се преземаат и одредени ризици, за да се постигнат целите. Тоа е мудроста без која тешко може да се зачува своето. Македонија мораше да одговори на грчката блокада, со што ќе спречеше многу опасни последици. Ова се само гласни размисли а финалниот суд секако ќе го даде историјата.

Повторно сме под блокада која наликува на грчката, по многу што. Ако тогаш не реагиравме и доживеавме тешки порази, НЕ СМЕЕМЕ ДА ЈА ПОВТОРИМЕ ИСТАТА ГРЕШКА. Ако не и поставиме ултиматум на Софија – или блокадата, или договорот,  сигурно ќе се доведеме во иста ситуација како и во 1994/5 година. Ако не постапиме одговорно и одлучно, било САД, како  тогаш, или сега Брисел, ќе се појават со “решение“ преку некаква нова “привремена спогодба“, анекс или нешто слично, што ќе биде погубно за нас. Мора да сфатиме дека странците ги бранат своите интереси. САД не се наш “пријател“ и “партнер“ бидејќи тие не прекрстија, а не Грците, а ЕУ не знае што сака. Ако не го спречиме злото, кое е пред врата, дефинитивен пораз не ни гине.

Во нашите анализи, освен предноста што ја има Софија со членството во ЕУ, мора да се нагласи дека неразумните работи кои ги бараат ги базираат на договорот и тоа доста аргументирано. Крајно неразумно, со него ние прифативме – а) дека нашиот јазик не е автохтон туку произлегува од Уставот што ipso facto потврдува дека е бугарски дијалект; б) дека имаме заедничка историја, која може да биде само бугарска бидејќи два народа не можат да имаат иста туку само еден и в) да се формира комисија која треба да ни ја дефинира историјата. Преку овие неспорни факти, ОФИЦИЈАЛНО ПОТВРДЕНИ ОД НАША СТРАНА, Софија може да постигне што сака во Брисел, во голготите пред кои сме исправени за зачленување во ЕУ. Унијата и членките веќе покажуваат разбирање за тоа. Реакцијата на Чешка и Словачка е повеќе исклучок отколку правило и главно е предизвикана од револтот што Софија бескрупулозно ги присвои Кирил и Методи.

Нашето досегашно неразумно толерирање на бугарскиот екстремен национализам и шовинизам е порака за Софија дека се во право и дека така треба да продолжат. Премолчувањето на нивните небулози значи дека сме помирени со последиците кои неизбежно претстојат. Исправени сме поред тешка историска одговорност која никој не смее да ја игнорира. Како никогаш до сега, Македонија е на историско распаќе. Прашањето е – ќе не биде како народ, или не. Ништо помалку од тоа. Секој мора три пати да размисли што и како ќе, или нема да преземе. Одговорноста ќе следи. Правдата можеби доцни ама, на крајот, секого стигнува.

И минимално познавање на дипломатијата, та и на политиката, покажува и докажува дека со виткање на ’рбетот ништо не се постигнува. И нашето не реагирање на грчката блокада од 1994, и катастрофите кои следеа, го потврдуваат тоа правило. На некаков успех можат да смета само тие што беспоштедно се борат. Понижувачкото и срамно прифаќање на блокадите, уцените и ултиматумите на другите, како и затворањето на очите кога те плукаат и те прават недоквакан, води само во неизбежен пораз.

Пишува Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This