January 17, 2022, 1:49 am

ИЗЛЕЗ

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Севкупната актуелната состојба во Р. Македонија, беше предизвик да ги споделам со вас моите размисли и мотиви да го напишам овој текст и секако да го изразам мојот став.

После завршувањето на локалните избори од ненадеж политичката сцена во Македонија се претвори во многу жешка, што резултираше со најавената оставка на Господинот Зоран Заев од функцијата Премиер на Владата на Р. Македонија и функцијата Претседател на партијата СДСМ.

Оваа несреќна одлука и изјава на Господинот Заев донесе Собранието да се претвори во берза на која почна отворено да се тргува со купување на пратеници со само една цел – Парламентарно мнозинство и создавање или на нова Влада, во случајов предводена од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, или продолжување на владеење на владеачката СДСМ. Бројките за и против актуелната власт во Собранието беа нерешени 60:60. Денес наголемо се тргува со малата партија на албанците Алтернатива, со цел да се стокми какво-такво парламентарно мнозинство.

За мене овој чин е недоличен и треба под итно да се излезе на предвремени Парламентарни избори и со тоа граѓаните да добијат шанса да го искажат својот став, кому ќе му ја доверат идната Влада. Со тоа ќе се одбегне оваа непријатна и недолична ситуација во која се создаваат нефункционални коалиции на кои единствениот интерес им е учество во Владата со цел да седнат на трпезата на која се дели како колач буџетот на Република Македонија. Ние граѓаните сме ставени во спореден план, на маргините, додека интересот на поединците кои ќе ја делат идната Влада, доаѓа во прв план. Дали е ова во ред? Не мои почитувани, ова е злостор кој се прави врз нас граѓаните на Репубика Македонија.

Во мигот ние се наоѓаме во енергетска криза и во услови кога Македонија купува електрична енергија на светскиот пазар по досега невидено високи цени за КВ/час, а обврските за плаќање на оваа купена електрична енергија на месечно ниво се движат во висина меѓу 40-50 милиони евра. Македонските капацитети за производство на електрична енергија се во аут. Осломеј и РЕК Битола ја немаат основната суровина јаглен. ТЕЦ Неготино кој беше стратешки планирана како резервен капацитет за производство на електрична енергија во услови на хаварии при овие термо-електрани е исто така вон функција. Резервите со нафта задоволуваат работење само за 5 дена. Отворено прашувам: дали навистина некој води сметка како обичниот граѓанин ќе ја преживее оваа зима. Немаме индикатори дека во блиска иднина цената на електрична енергија ќе се врати на подносливо ниво.

Заклучувам: имаме неодговорна Влада која дозволи граѓаните на Македонија да се соочат со енергетската криза комплетно неспремни.

Ве прашувам отворено драги мои читатели дали постои равенство меѓу тргувањето со електрична енергија и тргувањето со пратениците во Собранието? Равенство има, бидејќи и во двата случаи се тргува, ама не во интерес на обичниот мој сограѓанин.

Пандемијата со Ковид-19 својот данок го наплаќа секојдневно. Веќе 2 години војна водиме со оваа пандемија и сѐ уште не е на повидок дека овој проблем ќе го решиме. Целата светска заедница се соочува со истиот проблем. Севкупната светска заедница денеска се соочува со проблемот на антиваксери што во основа, по мое длабоко убедување, му оди на рака на тешкото справување со овој опасен вирус кој е во постојана мутација и кој секојдневно носи нови жртви и новозаболени токму од популацијата која одбива да биде вакцинирана.

Мојот став по ова прашање е многу јасен: Демократското право на поединецот да одлучува дали ќе се вакцинира или не треба да биде суспендирано. Со други зборови кога е во прашање опстанокот на човекот на Земјината топка, демократијата треба едноставно да исчезне и треба да се следат инструкциите и препораките од најкомпетентните институции и тимови во светот кои се посветени на ова прашање. Сметам дека вакцинацијата против Ковид 19 треба да биде облигаторна, бидејќи станува збор за грижа за јавното здравје. Не може да се жртвуваат поранливите заради некаков хир и заради себичноста на оние кои сметаат дека вирусот не им може ништо.

Додатен елемент на сите погоре внатрешни пашања кои го тангираат обичниот граѓанин во Македонија е и политичката состојба во соседна Бугарија која во моментов со своето право на вето го кочи нашето приближување кон Европската Унија. Информациите кои што доаѓаат од страна на Бугарија за веќе неколкупати повторените парламентарни избори не се ветувачки за нас.
Имам впечаток дека Бугарија ни ги затвори сите рампи за наши понатамошни преговори со Европската Унија. Дали има мегдан и понатаму да ги продолжиме преговорите со соседна Бугарија? По мене, за жал, не. Можеме да тргуваме и да се договараме за сѐ, ама не можеме да тргуваме со нашиот, македонски, национален идентитет.

Очигледно е дека нашата национална посебност му пречи на нашиот источен сосед, а до вчера и на нашиот јужен сосед Грција. Отворено прашувам која е цената моите почитувани сосед Бугарија и Грција и нивните сограѓани да разберат дека на просторите на денешна Македонија меѓу другите живеат и македонци. Не разбирам што е толку страшно во очите на нашите соседи да се биде македонец.

Почитувани читатели, темите кои погоре ги наведов се многу сериозни и објективно сметам дека Македонија никогаш предходно не била во потешка економска, социјална,политичка и меѓусоседска состојба од оваа во која се наоѓа денес.

Прашувам отворено: дали имаме спремни политичари кои ќе се зафатат да се справат со овие сериозни проблеми. Не очекувам дека ќе бидат брзо решени, но посакувам да ни дадат барем трошка надеж дека ќе работат посветено за решавање на нашите секојдневни проблеми во земјава и во идното европско семејство.

Ги замолувам сите слободоумни граѓани во Македонија без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност да покажат солидарност во справувањето со проблемите кои се пред нас. Говорот на омраза мора да се заборави. Говориме за опстанокот на нашата држава и на македонците.

Размислете, ни требаат убави идеи со добро осмислени акции. Токму тоа треба да го бараме од нашите политичари. Да работат во интерес на граѓаните и државата, и да ги заборават своите поединечни интереси.

Latest News

Десетте најзначајни настани во светот во 2021 година

10. Договорот за AUKUS На 15 септември, претседателот Џо Бајден, австралискиот премиер Скот Морисон и британскиот премиер Борис Џонсон заеднички...

More Articles Like This