April 18, 2024, 10:43 am

Колумна на Ристо Никовски: Бугарија флагрантно го kpши договорот за „пријателство“ и Македонија мора веднаш да го отkаже

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Меѓудржавните билатерални договори се документи со кои земјите или ги решаваат проблемите кои постојат меѓу нив, или прецизираат области и содржини за развој на соработката. Највисок билатерален акт меѓу две земји е договор за пријателство и соработка (и добрососедство ако се соседни). Тој се потпишува само кога меѓу нив нема никакви нерешени проблеми. Меѓу Македонија и Бугарија, пак, има огромен број на суштински прашања кои се не само отворени туку речиси и нерешливи, заради националшовинизмот и историските синдроми на бугарската страна. Затоа, меѓу двете земји нема никакви услови за договор од ваков калибар. Сегашниот, меѓутоа, и е силеџиски наметнат на Македонија, заради реализирање на геополитички и регионални интереси, не само на Бугарија туку и многу пошироко. На прв поглед, договорот изгледа балансиран, ама во него има клаузули, коишто „нашите“ очигледно не ги разбрале, а чијашто намена е да се искористат против Македонија, што и се случува. На пример, воопшто не изгледа не реципрочен и едностран, каков што е евидентно договорот кој подоцна ќе биде потпишан со Грција. Сепак, САД го формулираа мошне софистицирано, за да може да се злоупотребува како процес за разнебитување на Македонците.

Заради неприфатливото однесување на Софија, и манипулациите кои таа ги прави, неосновано повикувајќи се на договорот, се покажа дека е тој за (не)пријателство, (не)добрососедство и (не)соработка или, поточно, за дефинитивно бришење на македонизмот. Во истиот има четири наши кардинални грешки, коишто другата страна максимално ги користи. Првата и главна наша грешка е спомнувањето на „заедничка историја“ којашто, по логиката на нештата, може да биде само бугарска. Втората е формирањето на бесмислената „историска комисија“, којашто е, нели, паритетна, ама чијашто единствена цел може да биде да ја избриши нашата национална историја и да је претвори во „заедничка“ или, поточно – бугарска. Третата, и многу сериозна, е нашето капитулантско откажување од Македонците во Бугарија коишто се автохтоно малцинство оставено без никакви права (Член 11, став 5, дека обврската од нашиот Устав за грижа за нашите малцинства, не – „… претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Македонија“). При потпишувањето на ваков договор со Бугарија, нашиот основен и клучен интерес мораше да биде регулирањето на статусот на стотици илјади обесправени Македонци. Место да се избориме за нивните права, ние се обврзавме дека нема да се интересираме за нивната судбина. Како да ги нема. Со „заедничката историја“, впрочем, ако корените ни се бугарски, тие – не може да постојат. Четвртиот проблем е квалификацијата дека македонскиот јазик е „според Уставот на земјата“, со што се брише неговата автохтоност и изворност и отвора простор тој да се третира како дијалект на бугарскиот, што Софија веќе одамна го прави. Истата формулација се користи и за бугарскиот јазик ама тоа нема никаква важност ниту последици бидејќи, за разлика од македонскиот, тој од никого не е оспорен.

Во важните правни акти, какви што се законите, уставите и меѓународните договори, има воведен дел наречен преамбула, кој е исклучително важен. Преамбулите ја ДЕФИНИРААТ ЦЕЛТА НА АКТОТ, НЕГОВАТА НАМЕРА И НЕГОВИТЕ ОСНОВНИ НАЧЕЛА. Ако е така, а неспорно е, еве што вели преамбулата на договорот со Бугарија – „Длабоко уверени во потребата за развој на соработката врз основа на меѓусебното почитување, доверба, разбирање, добрососедство и взаемно почитување на интересите на нивните држави“; „… Поздравувајќи го стремежот на Република Македонија за интеграција во европските и евро атлантските структури“; „Верувајќи дека конструктивниот дијалог за сите аспекти на билатералните односи… ќе придонесе за понатамошен развој на врските меѓу двете држави на РАМНОПРАВНА ОСНОВА“; и, главното за Бугарија – „Имајќи ја предвид заедничката историја, којашто ги поврзува двете држави и двата народи“.

Неспорен факт е дека Софија тотално ја игнорира преамбулата и ги прекршува сите нејзини суштински цели. За неа е важна само “заедничката историја“ преку којашто, на крајно грозоморен начин, прави се’ за да ги реализира своите националшовинистички амбиции. Преку таа квалификација, која ја прифатиле нашите неписмени политичари и дипломати, Софија се обидува да докаже дека нашите национални корени и јазикот се бугарски. Во своите безумности, Софија ги загубила, или отпишала – „меѓусебното почитување, доверба, разбирање, добрососедство и взаемно почитување на интересите на нивните држави“. Повеќе не го – „поздравува стремежот на Република Македонија за интеграција во европските и евроатлантските структури“. Веќе не веруваат ниту – „дека конструктивниот дијалог за сите аспекти на билатералните односи… ќе придонесе за понатамошен развој на врските меѓу двете држави на РАМНОПРАВНА ОСНОВА“. И така, спротивно на целите и намерите, дефинирани во преамбулата на договорот, Софија ни наметна блокада на нашите евро интеграции, комбинирана со уцени и ултиматуми – или ќе прифатиме дека немаме национални корени и автохтон јазик, или нема ништо од ЕУ. И само овие неспорни аргументи се доволни Македонија веднаш да започне процедура за откажување на договорот.

Во член 2, во договорот се разработува дел од преамбулата и се вели – „Двете договорни страни ќе ја развиваат соработката меѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон ЕУ… Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на РМ да ги исполни неопходните критериуми за членство во ЕУ…“. Ова се конкретни обврски на Бугарија коишто, место „подготовка“ на РМ за ЕУ, Софија ги сведе на блокада, уцена и ултиматум. Треба ли нешто повеќе од ова за да се откаже договорот?

Член 4, гласи – „Двете страни ќе одржуваат контакти и ќе остваруваат средби меѓу претставници на државната власт на различни нивоа за развој на пријателските односи и соработка“. Со своите политика, Бугарија го оневозможува спроведувањето на оваа заложба, иако македонската страна цело време се прави недоветна, и се однесува како божем ништо лошо да не се случува меѓу двете страни. А жртва сме на жестока бугарска агресија, којашто е исто така доволна за откажување на договорот.

Во член 8, став 2, се предвидува формирање на – „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишни извештаи за својата работа…“. Прифаќањето на ваква комисија зборува за капитулантските намери на македонските политичари бидејќи целта, којашто се крие зад неа, е повеќе од јасна: преиспитување на македонската историја и нејзино претворање во – „заедничка“. Дека оваа оценка е точна потврдува и постојаното инсистирање на Софија – комисијата што поскоро да ја заврши својата предавничка улога! Арно ама, се покажа дека тоа не е можно. И, место ние да одолговлекуваме, министерот Бујар Османи и нашето МНР цело време ја поддржуваат бугарската крајно неоснована итаница и вршат жесток политички притисок врз нашите членови на комисијата. Нивната цел може да биде само наша што побрза капитулација.

Самото функционирање на комисијата ја покажа целокупната апсурдност на договорот и потврдува дека таа треба веднаш да ја прекине својата работа. Причините се повеќе од евидентни – а) Софија инсистира на брзи резултати, коишто не се предвидени со договорот; б) Бугарија отворено наметнува комисијата да носи политички решенија а таа воопшто нема таков мандат; в) со декларацијата на бугарското Собрание, во којашто јасно се прецизираат бугарските историски безумности, дека нема македонски народ, ниту јазик, работата на комисија само по себе стана бесмислена. (Што треба таа да направи? Да потврди дека е така?); г) бугарскиот дел од комисијата нема никаков мандат да се однесува надвор од ставовите прецизирани во декларацијата, и да прифати дека Македонците не се политичка измислица и фатаморгана, туку вековна и милениумска реалност на Балканот. Веќе е сосема јасно дека работата на комисијата е оневозможена.

Член 11, став 1, од договорот гласи – „Ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“. Бугарската блокада на македонските европски перспективи, е класично – „дејствие со непријателски карактер“. Тоа ги загрозува фундаменталните интереси на Македонија и е доволно за откажување на договорот.

Во став 4, од член 11, се вели – „Секоја од договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата страна, во согласност со меѓународното право“. На крајно бескрупулозен начин, Софија го злоупотребува овој став и инсистира на внесување на измислени “Бугари“ во македонскиот Устав. Тоа е нивна нова тактика и блеф, за да го залажат светот дека, демек, се работи за човекови права а не за обиди за менување на историјата. Спомнуваат 120.000 кои имаат бугарски пасоши кај нас. Тоа е гнасна манипулација бидејќи истите тие имаат македонско државјанство и се жители на оваа земја. Бугарските пасоши ги земале само од економски причини, за да работаат во ЕУ а, на неодамнешниот попис, никој од нив во земјава не се регистрирал како “Бугарин“, а ниту претходно гласал на нивите избори. Покрај другото, бугарските пасоши се добиени со корупција. Лицата се двојни државјани ама пред се’ – македонски и Бугарија нема никакви ингеренции врз нив, освен да им ги одземе пасошите. Неразбирливо е зошто Македонија молчи и ги толерира овие нови бугарски ујдурми? Толку ли сме некадарни? И оваа злоупотреба на договорот е доволна за негово откажување.

Во став 6, од член 11, се зборува за – “спречување на недобронамерна пропаганда“, која би наштетила на меѓусебни односи. Последниве години, во Бугарија има шовинистичка офанзива против Македонија. Секојдневно се плука на македонскиот народ а земјата се понижува на недостоен начин. Ние, и на овие грозотии не реагираме со откажување на договорот, а тоа и дава додатни импулси на Софија да продолжи на ист начин.

Член 13, став 3, гласи – „Секоја договорна страна може да го раскине договорот со испраќање на писмено известување до другата страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на писмото на ваквото известување“. Ние сме на потег. Писмото треба што поскоро да се испрати. Заради датумот!

Проблемите за нас започнаа кога преку нашите четири предавнички отстапки, затскриени зад некаква балансираност, Софија настојува да го докаже невозможното. А тоа е дека нашите национални корени се бугарски, исто како и јазикот или, според нивните најнови марифети, дека има онеправдани “Бугари“ во Македонија, коишто се чиста измислица. Како што се уверивме претходно, за наша среќа, со цел да ги постигне своите небулози, Софија максимално, и на дневна база, го прекршува договорот со што ни дава идеални шанси истиот веднаш да го откажеме и така да го анулираме нашиот претходен аматеризам. Исклучително е важно што Македонија нема прекршено апсолутно ниту еден член од договорот, и покрај бугарски секојдневни спротивни тврдења, коишто се чист блеф. Како наш втор чекор, на Бугарија треба да и се предложи нов текст на договор. ГЛАВНАТА цел мора да биде нивно прифаќање дека Македонците се автохтон народ, исто како и јазикот, што автоматски ќе води во обезбедување на минимални, универзално утврдени права за нашето малцинство во Бугарија. Без тоа, каков било договор со Бугарија нема никаква смисла освен беспримерна капитулација на македонизмот и наше само негирање. Да не забораваме дека, иако голем дел од нив се веќе асимилирани, во Бугарија живеат преку два милиони кои имаат македонско потекло. По никоја цена, во новиот договор не смее да се користи формулацијата дека македонскиот јазик е според – „Уставот на земјата“, а мора да има и бугарско извинување за фашистичката окупација на Македонија.

Тоа ќе биде невозможна задача бидејќи Бугарија не е спремна да се откаже од барањата дефинирани во нивната собраниска декларација, ама Македонија нема друга можност за одбрана на своите универзални права. Пред нашето евентуално членство во ЕУ, ова им е последна шанса да ги реализираат своите историски синдроми и налудничави барања, на кои мора да се реагира. Не смееме да се пасивизираме бидејќи секое друго решение ќе значи крај на постоењето на македонскиот народ. Ако не преземеме енергични потези, останува бугарската монструозна блокада на нашиот пат кон Брисел. Било со привремено одлагање на почетокот на преговори, или на трајна основа подоцна, во текот на истите. Софија нема да отстапи од своите уцени и, ако не го откажеме, цело време ќе се повикува на договорот, обезбедувајќи лажен легитимитет. Бугарските историски синдроми може да се неутрализираат само со нов договор, за којашто цел мора да се бара оправдана широка меѓународна поддршка. Освен тесните туѓи политички интереси, сите реални аргументи се во наши раце.

Според бројни индикатори, Унијата нема да се проширува во следните две децении, а на Македонија ќе и треба најмалку толку, веројатно и повеќе, за да стане членка. Тоа значи дека има доволно време и можности да го откажеме договорот со Софија, заради нивното непочитување, и да започнеме преговори за нов, базиран на меѓусебни интереси. Треба што поскоро да дојде нова власт којашто ќе биде спремна да ни ги врати угледот, достоинството и самочувството. Должни сме да ги исправиме направените грешки. Срамно е да потпишуваш било каков договор со некој што не признава дека постоиш. Со тоа, само им се потврдува дека се во право.

Промените започнаа. Се појавува новото сонце на слободата.

Ристо Никовски
Ноември, 2021

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This