March 28, 2024, 10:22 pm

Ристо Никовски: Кој и зошто го пушти Заев низ вода?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

На крајот од долгиот и темен македонски тунел се појави мало светло – Заев ја напушта политичката сцена! Тој не заминува доброволно. Oд неговите странски ментори, за чија сметка им нанесе непроценливи, историски штети на македонскиот народ и на неговата современа држава, тој е со индигнација пуштен низ вода. На почетокот, тој беше дел од погубното решение кое тие ни го наметнуваа, ама потоа, преку Бугарија, стана дел од проблемот. Од голем адут кој, во Нивици и претходно во договорот со Бугарија и со законот за албанскиот јазик, безмилосно не потопи и како народ и како држава, Заев стана пречка за неговите ментори. Без никакво политичко искуство, со длабок провинцијализам во карактерот, и со психологија на ситен трговец, а се’ со цел да ги задоволи странците, на крајно понижувачки и подол начин, во последниве пет години тој го уништуваше вековниот и милениумски македонизам. Во Нивици, ем прифати дека ние веќе не сме Македонци за светот, ем се согласи за промени во уставниот поредок на државата што, за живо чудо и срам на сите нас, не беше доволно народот да го тргне од политичката сцена. За наша среќа (!), иако звучи апсурдно, повторно дојдоа до израз бугарските историски синдроми, со што се отвори патот за неговиот крај. Во Ресен велат – од кол, на кол, на крајот ќе се наденеш. Токму тоа му се случи и на Заев. Нема никогаш да ги дознаеме вистинските причини зошто е тој жртвуван, ама логиката сепак дава доста јасна слика.

Кога требаше да ја заврши својата трагична задача, Заев на крајно аматерски начин ги провоцираше најновите бугарски фантазмагории. Тој очигледно сметаше дека, како претходно на Атина, и на Софија ќе треба се’ да и’ се даде и така, со целосно избришани Македонци, тој вечно ќе биде лидер и премиер. Бугарите, пак, свесни со кого имаат работа, го побараа невозможното и се заглавија во безизлезна позиција, во која ги повлекоа и сите други. Причината беше Заев, кој беше спремен да жртвува и народ, и јазик, и историја… а таква шанса Софија не смееше да пропушти. Потврди за тоа има многу. Пред се’, тоа се неговата срамна изјава дадена за БГНЕС и интервјуто на бугарската МНР, Захариева, за германскиот магазин “The European” (според мкд.мк од 22/3/2021). Таа рекла дека – „Заев прифатил дека македонскиот идентитет постои од 1944 година“ и дека – „Гоце Делчев и сите илинденци биле македонски Бугари“. Никој не ја демантираше а таа сигурно има и сведоци.

Се’ има свои граници. Македонскиот народ кој, од неразбирливи, неприфатливи, срамни, понижувачки… причини, ја голтна кнедлата од Нивици, се освести и сфати дека го водат политичари кои не знаат што прават. Кога започна безобразната офанзива на Софија, кај нас следуваше едногласна реакција дека тоа што се бара не е само неприфатливо за Македонците туку и навредливо и надвор од умот. Освен ретки исклучоци, како сиромашкиот Денко Малески и неколку други изроди, општо и масовно беше спротивставувањето и одбраната на македонизмот. Се огласија дури и тие кои пред тоа безрезервно му се пикаа на премиерот каде што не треба. Така, на линија на политиката на понатамошно некритично прифаќање на се’ што Софија вади од левиот ракав, Заев и МНР Османи останаа речиси сами. Заради тврдоглавоста на Бугарија и спремноста на Заев Македонија да проголта се’ што се бара, случајот стана европски и американски проблем. Тој во безизлезна позиција ги доведе и Брисел, и Вашингтон, нанесувајќи сериозна штета на нивниот углед.

Заев е сега непотребен бидејќи неговата политика се покажа крајно непродуктивна. Тој беше поводот Бугарија да не остави никаков простор за разумно решение. Се пресметаа, мислејќи дека сега е моментот да ги реализираат сите свои вековни болни соништа. Во политичка екстаза, во занесот на својот најекстремен национал-шовинизам, просто измислуваа какви уцени и ултиматуми да ни постават. Со таква неразумна политика, Софија ги доведе сите во губитничка позиција и никој не знае каде да се бара излезот? Сепак, длабинска анализа јасно покажува дека, како засегната и оштетена страна, топката е во нашиот двор и ние сме на потег бидејќи Софија нема да попушти. За нив е – сега или никогаш. Ако сакаме да го решиме проблемот пред се’ за нас самите, и да си ги сочуваме образот и достоинството како народ и држава, договорот за „(не)пријателство“ со Софија мора веднаш да го откажеме. Без тоа, нема прифатливо решение за Македонија, ниту напредување кон ЕУ. Со тоа ќе им помогнеме и на Брисел, и на Вашингтон, иако нивната првична реакција ќе биде жестоко негативна.

Изборните циклуси во Бугарија изгледа дека завршуваат, и се чини дека некаква влада сепак ќе се формира. Меѓутоа, простор за промени во нивните зацртани политики кон Македонија, кои се формулирани со врвни официјални процедури, објективно – нема. Декларацијата, со која во Собранието беше дефинирана политиката кон Македонија, беше изгласана со целосен консензус. Нејзината суштина е дека Македонците треба дефинитивно да се сотрат. Веднаш да ги снема, што не е баш реална политика бидејќи тешко може да помине кај другите. Победата на Петров и Василев кај нас создаде некаква лажна надеж дека работите во Софија се менуваат. Факт е дека кандидатот за премиер, Петров, користеше малку поразлични акценти од другите ама, на крајот, најверојатно е дека тие ќе останат само негови лични. Коалицијата која ќе ја прави ќе има уште три други партии и сите тие имаат докажани тврди средновековни погледи на Македонија и Македонците. Со досегашната невидена пропаганда, и бугарскиот народ е масовно наострен против Македонија, што ќе биде додатен хендикеп за Петров и неговите. Впрочем, тој и Василев се пулени на старо/новиот претседател Р. Радев, кој ги промовира во политиката, а неговите апсурдни ставови за овие прашања се добро познати. На еден или друг начин, тоа ќе го обврзува и Петров.

Најверојатно, ќе се повтори случајот од Грција кога Ципрас, пред да стане премиер, немаше никаков проблем со името на нашата држава и дека ние сме Македонци. Тој јавно го говореше тоа. Арно ама, кога дојде на функција мораше да води државна политика која беше сосема различна. Еден истакнат новинар, кој добро ја познава и следи грчката политичка сцена, беше голем оптимист дека Ципрас ќе ги менува работите. Додека ми ги цитираше неговите претходни изјави за Македонија и Македонците, го уверував дека тоа, во новите услови – ништо не значи. Ципрас испадна добар само како жртва, притисната од САД, да го потпише за нас катастрофалниот договор од Нивици, за што во Грција немаше да се осмели никој друг политичар. Излезе дека Ципрас е тој што ја прекрсти македонската држава и го избриша националниот идентитет на Македонците. Тие можат да бидат што сакаат (Бугари?) само не Македонци. Факт е дека во Нивици не беше елиминиран и македонскиот јазик, како што беше народот, ама само на привремена основа. Според прецизното американско сценарио, македонскиот јазик треба да го анулира – Софија. Процедурата е во тек.
Откако ги заврши највалканите работи за неговите странски ментори, Заев самиот си пресуди со погрешната политика кон Бугарија. Неспорно е дека сите сакаат Македонија што поскоро да ги започне преговорите за членство во ЕУ, кои ќе траат 20-тина години а можеби и бесконечно, ама Бугарија кочи. И Софија ги сака, ама сега тактички се обидува да стекне привилегирана позиција во тој процес, за да си ги олесни следните чекори за дефинитивно бришење на Македонците. За истата цел преговорите ги сакаат и САД, Грција…

Додека Заев и неговите безмилосно го лажеа народот дека со потпишаните капитулантски договори дефинитивно се решени проблемите со соседите, еве што ни се случува со Софија а можеме само да замислиме што се’ не чека и од Атина. При неодамнешната (неуспешна) посета на Пендаровски на Грција, тамошната претседателка многу прецизно му порача – „Поминаа две и пол години откако договорот стапи во сила. Препознаваме дека од страна на … Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат многу нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка“ („Слободен печат“ од 6/10/2021). Се’ ни кажа, само што нема кој да чуе: „затворањето на прашањата“ ќе го бараат во преговорите. Грција, којашто нема ништо спроведено од Нивици, и од тоа минимално што мораше да го направи ама, еве, веќе ни се заканува. За разлика од неа, Пендаровски се „заколнал“ дека – „ќе го завршиме договорот до последна буква“. Својата посета ја оценил како „историска“, ама изгледа не забележал дека грчката претседателка не ја прифатила поканата за возвратна посета на Македонија, што е во најмала рака навредливо. Постоела само – „начелно изразена волја и желба“! Македонските понижувања немаат крај.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This