дома Магазин „Првото бебе во светот зачнато со ин витро“ наполни 40 години

„Првото бебе во светот зачнато со ин витро“ наполни 40 години

Пред 40 години се роди првото бебе зачнато со вештачко оплодување и влеа надеж кај илјадници парови кои се бореа со неплодност.

Луиза Браун, која е првото „бебе од епрувета“, вчера го прослави својот 40. роденден.

Ин витро фертилизацијата е генијално откритие на британскиот физиолог Роберт Едвардс и благодарение на револуционерната метода на вештачко оплодување, до денес се родени околу 8 милиони бебиња во светот.

Лесли Браун, мајката на Луиза, имала непроодни јајцеводи и не можела да остане бремена. Таа и нејзиниот сопруг Џон 9 години очајно се обидувале да имаат дете.

По бројни докторски прегледи, Едвардс и гинекологот Патрик Стептоу решиле да се обидат да им ја исполнат животната желба на Лесли и Џон. Тие извадиле јајце клетка од Лесли, ја оплодиле со сперма од нејзиниот сопруг во лабораториски услови и ја поставиле во нејзината матка. Оплодувањето било успешно и Лесли се породила со царски рез на 25 јули 1978 година. Луиза се родила тешка 2,61 килограм.

Пред четири децении, веста за раѓањето на првото „бебе од епрувета“ беше дочекана од една страна со радост и возбуда, но од друга со критики и страв за човештвото.

Иако многумина стравуваа за здравјето на бебето зачнато по вештачки пат, Луиза одлично напредуваше. Таа има помлада сестра која исто така е „бебе од епрувета“.

Луиза денес е мајка на две деца, кои ги добила по природен пат.

За своето достигнување, Роберт Едвардс доби Нобелова награда за медицина во 2010 година.