дома Политика Села: Некој посилен од Заев му наредил на Мијалков да се...

Села: Некој посилен од Заев му наредил на Мијалков да се врати

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 рече дека некој посилен од Заев и Мијалков наредил токму тој сам да се пријави во Обвинителството. За Села ова е скандалозен чин, а Мијалков контроверзна личност.

„Мијалков е човекот кој даде оставка веднаш по настаните во „Диво Насеље“. Ова е театар во режија на полицијата“, обвини вечерва Села во „Click Plus“ на ТВ21.

Додава дека е повеќе од очигледно дека избегал, но се вратил согласно некаков договор.

„Сашо Мијалков го следат многу скандали и тој се уште е на слобода. Него никаде не го споменуваат ниту за 27-ми април. Тој човек е со повеќе кривични дела. И ние денес зборуваме за куќен притвор? За човек кој очигледно е дека избега и по веројатно некаков договор се врати“, изјави лидерот на АА – Зијадин Села.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак брифираа медиуми дека Мијалков излегол од Македонија и се криел во куќа во Белград чија локација нашата полиција не можела да ја лоцира. И според нив преговорите со власта за тој да се врати во Скопје започнале во понеделникот, откако меѓународната заедница извршила силен притисок врз премиерот Зоран Заев и му поставила ултиматум да го пронајде и да го врати бегалецот најдоцна до четврток.

– Од многу силен меѓународен фактор Заев добил ултиматум да го пронајде Мијалков до четврток. Токму затоа биле караниците помеѓу премиерот и министерот, за кои објавија дел од медиумите во понеделникот. Наводно, Заев успеал да исконтактира со Мијалков и да му се закани дека ќе му ги уништи компаниите и дека ќе му ги затвори децата, товарејќи ги дека му помогнале на својот татко да избега од државата. Тогаш Мијалков донел одлука веднаш да се врати во Скопје – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека причината за бегството на Мијалков била казната од 13 години што обвинителите веќе ја побарале за предметот „Таргет-Тврдина“, додека, пак, договорот помеѓу Мијалков и Заев наводно бил казната да изнесува 5 години, по што би следувале жалби, па одлука на Апелација за повторно враќање на предметот во Кривичниот суд.