дома Актуелно КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Лајка!

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Лајка!

Ги гледам вчера во Трст како се среќни ќе сме добиеле пари, па како ќе го финансирале Коридорот 8 (исток-запад). Тоа значи пак оживување на промашената Браннкова инвестиција, пругата кон Бугарија. Таа оживеа и за време на Влада на Бучковски на средбата со Сергеј Станишев, ама кратко траеше.

За оние што не знаат, да им објасниме дека Коридорот не е само железница или автопат, Коридорот е и енергетски и телекомуникациски.

Тој коридор, до сега е целосно енергетски остварен, со гасоводот Ѓуешево-Крива Паланка-Скопје, како и со изградба на далноводот Крива Паланка-Ѓуешево. Инаку, изградбата на овој далновод го потпишавме 2004 јас и Панде Лазаров, и тогашниот министер за економија и директорот на бугарското електростопанство. Железничкиот коридор не е за нас интересен од неколку причини:

  • Прво, пристаништето во Драч е многу плитко и не може да прими големи бродови, што не е случај со Солунското.
  • Второ, Бургас ни е многу далеку, практично ние би се задолжувале и би правле железница која ќе има мала искористеност, и ќе носи мал бенефит за граѓаните на Р.Македонија, а бенефит ќе имаат само Бугарите како поголема земја.

Значи нашите пријателчиња од Брисел и оние од преку „барата“ ќе не заглавуваат во кредити, за да градиме полумртов коридор, а не ни дозволија низ Македонија да помине „Турски поток“ и за тоа најмногу му се окомија на Груевски, затоа што рускиот гас ќе продирал преку нас, Албанија и Италија. Од овој проект, Македонија годишно ќе инкасираше 340 милиони евра и неколку стотиц вработувања. Овие 340 милиони евра, помножени со четири години се 1 милијарда 360 милиони евра.

Знаете ли што би значело за Македонија, за четири години да се вложат 1 милијарда 360 милиони евра во инфраструктура, во телекомуникации, во брзи железници. А пак, кога ова ќе се помножи со уште еден четиригодишен мандат, со нови 1 милијарда и 360 милиони евра, што би било од Македонија.

Американците не замајуваа со еден нивни нафтоводен проект кој се викаше „АМБО“. Ова ветување траеше цели 10 години, и ништо од тоа. Овој нафтовод требаше да ги премости чекањата на танкерите на Босфор, за бродовите кои доаѓаа од Црното Море, а со руска нафта и требаше да оди преку Турција, Бугарија, Македонија, Албанија, Јадранско море, Италија, нагоре кон Франција, Англија па дури до Америка.

Гледате какви проекти ни нудат Американците, кој отприлика се „не умри магаре до зелена трева“. Кога од друга страна ќе имаме понуда за нешто конкретно и народецов наш Македонски да живее поубаво, тоа било загрозување на американските интереси. Тоа можеби ги загрозува Американските, но срозува нашите интереси. И наместо да водиме битка за подобро утре на нашите граѓани, ние водиме битка за подобро утре на американските граѓани. Затоа овие наши „лајки“ што мислат дека се многу паметни, да не мислат дека нешто многу добро ќе ни направат ако не задолжат за Коридорот 8 (исток-запад).

Наш интерес е север-југ, односно Солун-Будимпешта. Затоа што Солунското пристанитште е спремно за големи танкери со подобра инфраструктура, и затоа што тој коридор е „патот на свилата“. Овој коридор е исто така енергетски и хидролошки битен. На него лежи проектот „Вардарска долина“ со 11 хидроцентрали. Во тој случај Вардар би станал пловен и би се развивал проектот „Вардар-Морава-Дунав“. За овој проект е живо заинтересирана и Грција затоа што во 11-те езера на Вардар, ќе се собира водата кога не им треба (во зима), а ќе им се пушта на Грците кога и на нив ќе им треба (пролет и лето). Тоа е вистински интерес на Македонија. Што мислите Кинезите не би влегле во таква инвестиција. Тие веќе го купија пристаништето во Пиреја, и за пристаништето во Солун колку пари им побараа Грците толку им дадоа.

Наместо ние да го развиваме коридорот кој ќе биде Европски и ќе биде многу профитабилен, „реформската“ влада ќе не задолжува за коридор кој што ќе биде непрофитабилен.