дома Хроника МНОГУ ЧАЛАМ КРЕВАЊЕ, СЕ ПЛАЌА: Зоран Божиновски со погрдни зборови до судот,...

МНОГУ ЧАЛАМ КРЕВАЊЕ, СЕ ПЛАЌА: Зоран Божиновски со погрдни зборови до судот, доби казна од 2.000 евра!

Не ви одговара тоа што го зборувам. Гладни сте за пари. Ова е лудница, не е судница. На 12 декември ќе снема пари во вашиот банкомат, рече Божиновски


Новинарот Зоран Божиновски на денешната главна расправа беше казнет со парична казна од 2.000 евра за навреда и непочитување на судот. Во неговата одбрана, која денеска ја читаше во Кривичниот суд, Божиновски рече дека против него се води политички прогон и дека обвинението е про форма во кое нема докази дека тој ги сторил делата што му се ставаат на товар: злосторничко здружување, шпионажа, уцена и изнуда.

Во почетокот на рочиштетото, Божиновски рече дека не верува во тоа што се става во записникот и побара од судијката да му биде доставен записникот од минатото рочиште. Откако подолго образложуваше дека има законско право да го види записникот и дека истиот не му бил доставен, судијката Ленка Давиткова му рече да не прави пародија во судницата, ако тоа му е целта.

Божиновски на ова ѝ се обрати на судијката велејќи ѝ: „Овој суд го сметам за злосторничко здружување. Вие сте претставник на злосторничко здружување, кое е предводено од Никола Груевски“.

Во својата одбрана, Божиновски наведе дека владејачката партија го лови од 1999 година.

– ДПМНЕ ме лови во две фази. Првата е од 1999 до 2002 година, по нивниот пораз на изборите кога нивното раководство нарача и изврши атентат врз мене во Куманово, кој го преживеав со тешки телесни повреди. Втората фаза е во јули 2006 година кога се вратија на власт и се обидоа да ме купат, но безуспешно. Сите обвинети во „Шпион“ сме следени од 2012 до 2013 година“, рече Божиновски.

На ова, судијката го опомена да се држи до обвинението. Божиновски гласно изреагира дека неговите зборови не ѝ се допаѓаат на судијката. „Не ви одговара тоа што го зборувам. Гладни сте за пари. Ова е лудница, не е судница. На 12 декември ќе снема пари во вашиот банкомат“, рече Божиновски.

Тој побара специјалното јавно обвинителство да го преземе и неговиот предмет, како што тоа го направи со случајот „Шпион“.
Божиновски во својата одбрана наведе дека досега не бил изведен пред истражен судија. Откако бил екстрадиран од Нови Сад, вели дека со обвинителот имал 10-минутна средба и тогаш сфатил дека нема да има истрага против него.

– На 12 мај годинава бев повикан во судот да дадам исказ. Ме прашаа дали ќе се бранам со молчење или ќе дадам исказ. Избрав да се изјаснам и тоа беше целата истрага за овие 5 години. Да не дадев исказ истрагата против мене ќе траеше 10 минути – рече Божиновски и додаде дека досега не ги видел доказите.

Според него обвинението против него е про форма на обвинителен акт, кој не содржи докази дека продавал документи класифицирани како државна тајна на странски служби. Обвинението дека некого уценувал и изнудувал пари, според Божиновски, се темелело само на изјави на тројцата сведоци Ванчо Шехтански, Димитар Димовски и Минчо Јорданов. Според него, Јорданов рекол дека му дал од 5 до 10.000, но не навел дали му дал денари, евра, долари, јаболка или круши.

– Тој вели дека ми дал, а не вели дека сум го уценувал. Кажав веќе дека доброволно во пет наврати ми даде 30.500 евра – рече Божиновски,

Следното рочиште ќе се одржи на 9 декември, а на него ќе бидат сослушани тројцата сведоци.

Божиновски беше дел од обвинетите во случајот „Шпион“,но постапката против него беше одвоена затоа што тој им беше недостапен на органите на прогон. Годинава тој беше екстрадиран од Нови Сад и моментно се наоѓа во притвор.