дома Култура СЕ РАСПРОДАВА БАЛЕТСКИОТ СПЕКТАКЛ „КЛЕОПАТРА“: Јубилејни 25 години уметничка дејност на Александра...

СЕ РАСПРОДАВА БАЛЕТСКИОТ СПЕКТАКЛ „КЛЕОПАТРА“: Јубилејни 25 години уметничка дејност на Александра Мијалкова

Беше предизвик повторно да работам со тимот на меѓународни реномирани уметници. Чест ми е што мојата кариера ќе ја крунисам со ликот на Клеопатра, последната кралица на Египет. Нејзината женственост и убавина мене како уметник ми овозможија да ги изразам мојата индивидуалност, креативност и танчарски сензибилитет, рече Мијалкова

По повод одбележувањето четвртина век уметничка дејност на примабалерината Александра Мијалкова, Македонската опера и балет го подготви досега својот најобемен проект – балетскиот спектакл „Клеопатра“.

Настанот ќе се одржи на 17 и 19 ноември со почеток во 20 часот, но за овие две изведба билетите се веќе распродадени. Како што информира раководството на МОБ на денешната прес-конференција, поради големиот интерес, закажана е уште една изведба на 23 ноември, за која половина од билетите се веќе продадени. Директорот на МОБ, Игор Дурловски, рече дека размислуваат за закажување четврта изведба во декември бидејќи интересот е голем, а ова е првпат во МОБ претстава да се распродава толку многу време пред нејзиното одржување.

Дурловски посочи дека за оваа претстава е одбран проверен тим на уметници, кореографи, сценографи, костимограф, композитор… кои работат на светските сцени, а сега ги имаме и кај нас вклучени во еден проект.

Директорката на Балетот, Олга Панго, рече дека проектот е работен по светски стандарди, а на сцената ќе бидат повеќе од 150 луѓе, ако се изостави оркестарот, но вкупната бројка на луѓето што партиципираат и однадвор е 350 до 400 души.

– Со ова Балетот направи еден голем исчекор бидејќи толку грандиозен проект јас не паметам да сме имале – рече Панго.

Примабалерината Александра Мијалкова рече дека ова балетско дело ќе биде крунисување на оние 25 години уметничка балетска дејност.

– Беше предизвик повторно да работам со тимот на меѓународни реномирани уметници. Чест ми е што мојата кариера ќе ја крунисам со ликот на Клеопатра, последната кралица на Египет. Нејзината женственост и убавина мене како уметник ми овозможија да ги изразам мојата индивидуалност, креативност и танчарски сензибилитет – рече Мијалкова.

На денешната прес-конференција присуствуваа и членовите на авторскиот тим, кореографот Василиј Медведев (Русија), асистентот на кореографија Станислав Фечо (Словачка), композиторката Нериа Голдберг (Литванија) која направи специјална музика за овој балет и Бобан Ковачевски, кој ќе го игра Марк Антони, партнерот на Клеопатра (Александра Мијалкова).

Во улогата на Цезар е Васил Чичијашвили (Грузија), Марија Кичевска Шокаровска како Октавија, Мими Поп Алексoва Атанасовска во улогата на Змија, Киро Павлов како Октавијан и Дојчин Дочев (Бугарија) во улога на Аполодор.

Со оркестарот ќе диригира Александр Анисимов од Белорусија. Костимографот Павол Јурас изготвил 400 оригинални костими за потребите на овој спектакл.