дома Религија НАРОДНИ СОБИРИ И МАСОВНИ БОГОСЛУЖБИ: Православните христијани ја слават Голема Богородица

НАРОДНИ СОБИРИ И МАСОВНИ БОГОСЛУЖБИ: Православните христијани ја слават Голема Богородица

По повод празникот кај црквата посветена на Богородица во излетничкото место Скребатно во близина на Охрид традицонално се одржува голем црковно-народен собир, на кој се очекува присуство на илјадници верници

Со богослужби, народни собири, верски обичаи, како и со крводарителски акции во кругот на духовните храмови денеска ќе биде одбележан големиот православен христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г Стефан утрово по повод празникот ќе чиноначалствува со Светата Божествена литургија во истоимениот манастир во Матка кај Скопје.

Одбележувањето на празникот кај народот познат како Голема Богородица ќе биде збогатено и со културно-забавна програма. Традиционално во дворот на манастирот на празникот по богослужбата се одржува крводарителска акција. Во манастирот вчера се одржа вечерна богослужба, Духовна академија, а имаше и полноќно бдеење.

По повод празникот, голем број православни верници се упатија и кон Охрид и Охридско, каде се одржуваат богослужби и верски обичаи. Света архиерејска литургија во Дебарско-кичевската епархија утрово се служеше единствено во црквата Св. Богородица – Каменско во Охрид, а со богослужбата чиноначалствуваше владиката Тимотеј.

По повод празникот кај црквата посветена на Богородица во излетничкото место Скребатно во близина на Охрид традицонално се одржува голем црковно-народен собир, на кој се очекува присуство на илјадници верници.

За празникот Успение на Пресвета Богородица се приготвува и дели ручек за пет илјади луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века. Секоја година на празникот во Скребатно се одржува наддавање за светиот крст, а средствата собрани од учесниците во наддавањето се искористуваат за надградба и одржување на светиот храм и излетничкото место.

Црквата „Света Богородица“ во Скребатно целосно е возобновена пред 12 години, врз темелите на стариот храм чија старост не е точно утврдена. Скребатно по прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година. Врз темелите на вековната традиција денешните генерации не само што ја чуваат верата и обичаите туку претставуваат и вистински пример како треба да се сака и надградува едно свето место.

Крводарителска акција по повод Голема Богородица

По повод верскиот празник, општинската организација на Црвен крст Центар во соработка со Институтот за трасфузиона медицина по 14-ти пат ќе ја реализира традиционалната крводарителска акција која се организира по повод Голема Богородица. Акцијата ќе се одржи од 9 до 17 часот во Домот на АРМ во Скопје.

Организаторите очекуваат да се надмине бројката од 242 крвни единици кои биле реализиран на акцијата организирана минатата година.