дома Македонија НОВИ ВРАБОТУВАЊА: Додека се преговара за кратење на администрацијата, 40-тина вработувања во...

НОВИ ВРАБОТУВАЊА: Додека се преговара за кратење на администрацијата, 40-тина вработувања во јавниот сектор

Не престануваат вработувањата во јавниот сектор. Додека Владата тврди дека сака дел од службениците да ги префрли во приватниот сектор нудејќи им поволни пакети, за да го намали преобемниот државен апарат, секојдневно „фрчат“ огласи за вработување во администрацијата. Во моментов, Агенцијата за администрација има распишано огласи за вработување на 40-тина луѓе во разни дирекции, центри, државни агенции, национални културни установи.

Најголем број вработувања – 13 ќе има во новоформираната Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Македонци, Албанци, 1 Турчин и 1 Ром, за примања што варираат од 20 до 38 илјади денари ќе работат како државни советници за преведување и лекторирање, раководители на сектори и одделенија, помлади соработници.

8 нови вработувања ќе има и во Дирекцијата за заштита и спасување, платите таму почнуваат од 21 до над 28 илјади денари.
Во Центарот за управување со кризи предвидени се 7 вработувања за кои следуваат плати од 15.500 до 37 илјади денари.
Агенцијата за вработување распиша оглас за 5 работни места, од кои 4 за раководители на центрите за вработување во Охрид, Струга, Ресен и Валандово за плати од 28.300 денари месечно.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето распиша оглас за двајца советници, Турчин и Албанец, за плата од скоро 42 илјади денари и помлад соработник Албанец за плата од 29.500 денари.

И Агенцијата за енергетика бара да вработи еден Албанец како помлад соработник в оодделението за енергетска ефикасност за плата од 19.750 денари и еден Турчин како советник со примања од 25 илјади денари.

Највисоки убедливо се платите во Агенцијата за цивилно воздухопловство, но и квалификациите што се бараат од вработените што се бараат се најголеми. Платите на тројцата ново вработени ќе се движат од 45.600 до дури 117.600 денари месечно.
Огласи за вработувања има и во националните културни установи во градовите во внатрешноста.

Владата тврди дека се труди да го намали бројот на вработени во јавниот сектор. Бизнисмените вчера отворено изразија сомнеж дека оваа реформа ќе стане реалност.

Од Сојузот на стопански комори прашуваат како административците ќе се убедат да преминат во приватниот сектор, кога кај нив платите се многу пониски. Истовремено, Владата ги покачува платите на одредени категории вработени. Овој месец за 16 и 22% беа зголемени платите на воспитувачките и негувателките во градинките, односно на социјалните работници.

Јавниот сектор брои 130 илјади лица.