дома Балкан (Фото) Уништeни 135 цркви и манастири на Косово и Метохија од 1999...

(Фото) Уништeни 135 цркви и манастири на Косово и Метохија од 1999 година

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска на Твитер објави дека повеќе од 135 цркви и манастири на Српската православна црква во Косово и Метохија се уништени од 1999 година.

Петковиќ изјави дека Србија обнови повеќе од 45 храмови, но посочи дека многу цркви сѐ уште се во урнатини, затоа што Приштина не дозволува нивно обновување.

„Оние што ги палеа не можат да го зачуваат културното наследство на Србија“, рече Петковиќ и објави фотографии од уништени верски објекти.

Петковиќ на тој начин реагираше на објавата на министерот за култура, млади и спорт на Приштина, Хајрул Чеку, кој преку Твитер објави дека податоците на косовската полиција покажуваат, како што тврди, дека од 57 инциденти на верски места во текот на 2020 година само осум се случиле во православните цркви и 45 во исламските објекти.

Чеку исто така тврди дека повеќето од овие инциденти вклучуваат кражба и дека ниту еден од 57-те инциденти не бил класифициран како верски мотивиран, објави Танјуг.