Охридските угостители ќе поднесат кривични пријави против надлежните државни институции доколку најитно не се преземат мерки за регулирање на нивото на Охридското езеро. Тоа е сè уште доста високо и сега е на 18 сантиметри над максимумот. Велат дека на прагот на туристичката сезона се соочуваат со проблеми и опасност од поплавување на објектите кои се сместени на брегот на езерото.
„Не само да поднесеме кривична пријава. Ова што го кажуваме им е познато на тие што се задолжени со закон да стопанисуваат со Охридското езеро. Но, ние не можеме да ги трпиме последиците од некое несовесно и профитерско размислување на некаква компанија без разлика дали е тоа државна или приватна“, рече Димитар Зарчев- угостител.
„Целото крајбрежје има претрпено веќе комплетна промена на самиот изглед на брегот. Видоизменети се доста плажи кои биле и од цврста градба“, рече Михаил Мишев-претседател на здружение на угостители на Охрид.
Од државните Електрани на Македонија ЕЛЕМ кои стопанисуваат со езерото, уверуваат дека набргу нивото ќе почне да се враќа во нормална состојба.