Кинеската војска изградила модели на американски носач на авиони и два други американски воени бродови во својата северозападна пустина, веројатно за вежби за гаѓање, се вели во извештајот на Американскиот поморски институт.
Институцијата со седиште во Мериленд, независна од американската војска, вчера соопштила дека сателитските снимки што ги добиле откриваат модели на бродови поставени во пустината Такламакан во регионот Ксинџијанг.
Лажниот носач на авиони е речиси со иста големина како и оригиналот, што значи дека треба да изгледа слично на снимките на радарските цели, соопштил Поморскиот институт.
Не е првпат вакви модели да се забележат во кинеската пустина, но се наведува дека овие копии се попрецизни и подетални.
Запрашан за извештајот, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, им рекол на новинарите во Пекинг: „Не ми е познато прашањето“.
Се зголемуваат тензиите меѓу САД и Кина поради Тајван, кој Пекинг го смета за отцепена провинција, како и кинеската воена сила и големите територијални претензии во Јужното Кинеско Море.