МИТКО ЈАНЧЕВ И „ИГМ“ ЌЕ ЈА ТРУЈАТ ТИКВЕШИЈАТА?: Планот за зона „Г1“ кој го договарале кавадаречкиот градоначалник и сопственикот на „ИГМ“ значи „смрт за Тиквешијата“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Планот на градоначалникот на општина Кавадарци, по наводниот состанок со сопственикот на компанијата „ИГМ“ да даде дозвола за менување на зона во т.н. „Г1“ што значи дозвола за изградба на капацитети од тешка, загадувачка индустрија предизвикаа вознемиреност кај граѓаните од Тиквешијата. Реагираше и сопственикот на винаријата „Попова Кула“ кој го повика Јанчев да се откаже од ваквите планови кои би значеле „смрт за Тиквешијата“

 

Писмото го пренесуваме во целост:

Почитуван г-дин Јанчев,

Ви пишувам по повод најважното прашање што се исправа пред Вас, пред советниците на општинското собрание и пред сите граѓани на Кавадарци во време кога Вие сте градоначалник – dа се одобри барањето на ИГМ tрејд ДООЕЛ Кавадарци (односно на г-дин Илија Гечев) како инвеститор, за Г1 зона или не, при претстојното носење на ГУП Кавадарци?

За оние што не се информирани да појаснам дека е во тек јавна анкета по предложена промена на ГУП Кавадарци како дел од целата постапка за донесување на нов ГУП Кавадарци и истата е отворена до 10 септември при што колку што сум јас упатен во предложениот ГУП нема Г1 зона.

Во отсуство на јавно кажани информации се потпирам на чаршиските информации дека г-дин Илија Гечев бил на состанок со Вас и со советниците и дека бара Г1 зона за да може да изгради топилница и/или леарница со образложение дека е тоа голема инвестиција и дека ќе донесе нови вработувања во општината при што објаснувал дека новите технологии што ќе се имплементирале немало да загадуваат и дека тој лично „ќе пазел“.

Чаршијата во градот збори дека и премиерот г-дин Зоран Заев, кој го посети Кавадарци минатата недела демек со грижа за бербата на грозјето и за лозарите, вусшност дошол да лобира и „благо“ укажал дека не треба Кавадарци да ја испушти оваа „голема можност“ – да се направи топилница и/или леарница. Немам видено официјална информација од него или неговиот кабинет. Нему, можеби, посебно писмо.

Се зборува и дека некои „дил ориентед“ советници му укажале на г-динот Гечев дека треба кафе да пие со нив за да заврши работа.

Низ чаршијата кружат контрадикторни информации за вашиот став. Некои велат дека вие сте се скарале со г-динот Илија Гечев поради тоа што сте биле против неговата иницијатива за Г1 зона, а некои зборат дека сепак имате „дил“. Немам видено информација или официјален став ниту од Вас ниту од Ваш кабинет.

Би сакал тука да изнесам неколку факти. Долината во која е поставено Кавадарци има специфична локација затворена е од три страни и тука има многу малку ветар – можеби најмалку ветар споредено со кој било друг град во Македонија. Кој не се качил на Витачот не ја знае и глетката кон градот обвиен со смог. Кавадарци има најмногу камиони по глава на жител на Балканот, повеќе од 1,5 возила по семејство, најмалку 0,5 трактори по семејство, најмногу казани за ракија по глава на жител во светот, >95% од домаќинства се греат на фосилни горива, го има ФЕНИ и веќе се вбројува во најзагадените градови во Македонија, а со тоа и во светот.

Уште малку факти кои треба да помогнат во расветлувањето на „големата инвестиција“, за новите технологии и ветувањето на инвеститорот дека ќе внимава. Г1 значи загадувачка индустрија (ако не загадува тогаш и Г2 му е добра опција на инвеститорот). Топилница и/или леарница значи емисија на огромни количини на штетни материи (гасови) кои при користење на модерни технологии можат само да се намалат, но тие гасови пак ќе бидат во огромни количини и сѐ уште ќе бидат отровни. За функционирање на таков индустриски капацитет потребна е логистика т.е. дополнителен камионски транспорт на суровини, енергенси и готови производи во милиони тони, а тоа значи дополнително загадување од издувни гасови и дополнителен притисок на патната инфраструктура во општината. Уште повеќе тоа значи и употреба на вода и излевање на загадена токсична отпадна вода која ќе влезе во почвата.

Г-дин Гечев, наводно, рекол дека ќе пази. Се поставува прашањето како ќе внимава и што ќе биде со неговото пазење кога ќе му дојде непристојна понуда за поевтин енергенс или пак понуда да ја продаде фирмата? Ова негово ветување не е аргумент кој треба да се зема во обзир во разгледувањето и во дискусијата на темата. Неговиот обид да го внесе тоа ветување како аргумент наидува на многу зајадливи и подбивни коментари низ чаршијата на градот. Тие коментари (нема овде да ги изнесам) ја отсликуваат реалноста дека неговото ветување не е реален аргумент и не треба да се земе предвид при носење на одлуката.

Ајде сега малку споредба. Во Тиквешијата има 20.000+ хектари лозови насади во кои, некои 20.000 фамили и X фирми, имаат вложено не помалку од 200 милиони евра (тоа е цената на насадите, а цената на земјиштето треба да се додаде на таа сума). Тие 20.000 фамилии имаат домови т.е недвижности кои сигурно не се вредни помалку од 800 милион евра. Други фирми имаат вложувања од сигурно над една милијарда евра. Дополнително загадување со „големата инвестиција“ би значело драстично намалување на тие веќе постоечки инвестиции и тоа намалување на вредноста би било неколкукратно поголемо од најавената „голема инвестиција“. Проверете ги вредностите на недвижностите во Велес и во населба Железара во Скопје и ќе ви стане јасно каква загуба би претрпеле кавадарчани.

И најважното. Во Кавадарци веќе имаме огромен број на луѓе (помеѓу нив и деца) кои поради загадувањето умреле или се заболени од рак или пак од срцеви болести. Колку повеќе ќе заболат и колку повеќе ќе умрат?

Се прашувам зошто во Тоскана, Напа, Бордо… немаат топилница, а имаат милиони туристи? Дали визијата за развојот на Кавадарци и Тиквешијата не може/треба да биде инспирирана од тие успешни градови/области?

За мене одговорот на прашањето да се даде Г1 или не, е едноставен. Мојот став е дека треба да се бориме и со сегашната загаденост а не пак да создаваме нова. Но Вие лично сте исправени пред тоа прашање (јас и другите како мене можат само да прават граѓански иницијативи) и на крајот, бидејќи се кандидиравте и граѓаните Ве избраа, а системот е така поставен, Вие ќе одлучите и Вие ќе бидете одговорен за развојот на Кавадарци или смртта на Кавадарци.

Се зборува дека сте кажале дека сакате да поставите ново ниво на работење на градоначалниците во Македонија, дека сте сакале да оставите огромен белег во вашата работа како градоначалник.

Досега колку што можам да забележам се покажавте како одличен менаџер и направивте навистина многу работи во Кавадарци, работи за кои само злобници нема капа да Ви симнат.

Одличен менџер сте. Но, сега носењето на новиот ГУП ќе покаже дали сте ЛИДЕР. Со новиот ГУП ја давате Визијата за тоа каде ќе оди градот и го покажувате патот. Ги ставате рамките на наредниот развој (или смрт) на Кавадарци.

Големите, вистинските, лидери за својот народ/своите граѓани секогаш носеле правилни визии за развојот т.е. го покажувале патот. Затоа покасно во историјата се означени како големи лидери. И сигурен сум дека секој од нив се соочувал со тешки дилеми и тешки прашања. Но одбрале мудро имајќи го во предвид доброто на сите, а не на поедници.

Дали ќе Ве запамтиме како голем лидер кој ќе го развие градот и со тоа и цела Тиквешија или како човек кој ги исчисти, направи и обележа со бела боја улиците низ градот а во исто време и го уби градот и Тиквешијата?

А Г1 ќе биде масовно убиство.

На крај да додадам дека во оваа најважна одлука не треба да се скриете позади приказната дека советниците одлучуваат. Да, тие одлучуваат, но вие го носите товарот. Таквото нешто ќе биде кукавичко. Лидерите не се кукавици. Тие се храбри. Вас досега Ве бие глас на храбар човек.

Со почит и секогаш со добри намери, роден кавадарчанец,

Јордан Трајков, извршен директор на винарска визба Попова Кула

Latest News

Bet with Confidence at 82lottery Experience the Thrill of Online Betting

Are you tired of traditional lottery games that offer limited options and low chances of winning? Look no further,...

More Articles Like This