По традиција, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави најдобрите ракометари на првенството на денот на големото финале. Во идеалниот тим има тројца, кои попладнево од 16 часот ќе се борат за златото и плус Домагој Дувњак, како МВП.
По обичај, ЕХФ објавува најдобар тим, а најкорисниот играч на првенството (МВП) не е во него и добива посебно признание. Тоа е Дувњак, средниот и лев бек на Хрватска, кој е една од најваните алки во тимот на Лино Червар. Toj постигна 31 гол на осум натпревари, но без него е незамислива и хрватската одбранбена зона 5-1, така што, јасно е зошто го доби ова признание.
Во идеалниот тим, пак, неговата позиција, централен бек, ја доби Игор Карачиќ, а најдобар лев бек е Сандер Сагосен, иако и самиот дејствува и на централната позиција. Шпанците имаат двајца претставници, Гонзало Перес де Варгас е најдобар голман, а Хорхе Македа десен бек на првенството. Втор Норвежанец е левото крило Магнус Јендал, десно крило е Словенецот Блаж Јанц, а најдобар пивот Бенче Банхиди од Унгарија. Германецот Хендрик Пекелер е најдобар дефанзивец.