на рочиштето за настаните од 27. април сведочеше и Никола Тодоров, кој истакнал дека извршувал повеќе партиски функции и оти во тој период бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но и пратеник и министер за здравство.
Тодоров за првпат во јавноста откри дека имало и разговори за широка коалиција.
„Ова за прв пат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалуција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО”, сведочеше Никола Тодоров.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски демантира дека водел разговори со Никола Тодоров за широка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ пред настаните од 27 април 2017 година.
– Јас не сум разговарал никогаш и со никого од ВМРО-ДПМНЕ за било каква широка коалиција – изјави Спасовски за Плусинфо.
Премиерот Зоран Заев во изјава за „Фокус“ исто така негираше дека имало такво нешто, односно дека тој не бил информиран.
-Со мене пред 27 април и на 27 април не е разговарано за широка коалиција. Можеби со некој друг тогаш разговарале, изјави за „Фокус“ премиерот Заев.