Меѓу потенцијалните соучесници и поддржувачи на терористот од Виена Кујтим Фејзулаи има и луѓе кои пред да се населат во Австрија дошле од повеќе земји меѓу кои и од Македонија.
Според висок австриски полициски претставник во моментов се истражуваат 21 потенцијален соучесник во терористичкиот напад во кој беа убиени четири лица.
Најмалку 10 од нив во моментов се во притвор.
“Тоа што не можеме да го кажеме во моментов е во колкава мерка соучесниците пред нападот му дале помош на напаѓачот”, се вели во изјавата на австриската полиција, пренесуваат медиумите во Австрија.
Според портпаролката на виенското Јавно обвинителство Нина Бусек голем дел од соучесниците кои се на возраст од 18 до 28 години се Австријци но некои од нив во земјата дошле од Македонија, Косово и Бангладеш.
Бусек не прецизира дали меѓу тие што се во притвор има луѓе по потекло од Македонија.