April 28, 2024, 12:00 pm

Мицкоски: Сме се бopeле и ќе се бopиме затоа што Македонија е нашето сѐ

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Партијата ВМРО-ДПМНЕ денес го слави својот 31.роденден. По тој повод свое обраќање на Античкиот театар во Охрид свое обраќање имаше лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот текст од говорот на Мицкоски пред партиското членство:

Среќен роденден за партијата која му припаѓа на народот, која во себе како темел ги има идејата и заветта кон Македонија.

Партијата која ја љуби слободата и човечките правдини, затоа што и овие 31 година како партија, но и цели 128 години како народно движење во својот ген го носиме кодот на В.М.Р.О, а тој иако некогаш носел и проклетство, и казна, секогаш многу повеќе бил прашање на достоинство и трајна вредност на едно свето чувство кое не детерминира во она што сме и ќе продолжиме да бидеме – а тоа е МАКЕДОНЦИ.

Почитувани членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на Унијата на жени, Унијата на млади сили, Унијата на Ветерани, Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ,

Добра вечер,

Добра вечер и за пратениците од сегашниот но, и од претходниот парламентарен состав, за членовите на Централниот Комитет, до коалиционите партнери, до гостите,

И најголемо добровечер за секој еден член, симпатизер и поддржувач кој во овие 31 година одделил дел од своето време за да придонесе за ВМРО-ДПМНЕ и да придонесе за Македонија. Од срце ви благодарам!

Добра вечер победнички Охрид,

Особена чест и задоволство ми е да говорам овде вечерва пред вас, заеднички да го одбележиме овој 31ви роденден на ВМРО-ДПМНЕ, но и да одбележиме еден пресврт, ново доба во функционирањето на партијата чија основа е грижата за нашата земја, во секој поглед, национален и општествен, културен и економски.

Морам да признаам дека на една моја скорeшна теренска посета на општинските комитети низ Македонија добив едно навидум едноставно, но во суштина многу комплексно прашање од еден млад човек, ме праша што за вас е ВМРО?

ВМРО-ДПМНЕ е партијата која секогаш ги водела најтешките битки за својот народ, која имала заслужени подеми, но и заслужени порази. Која учела од грешките и како феникс се издигнувала од пепелта, затоа што и била потребна на Македонија. Трпела удари, силни удари, неправди, стигматизации, но никој не може да каже дека не била авангарда, градител на модерните текови, носител на решенијата потребни на луѓето на Македонија. И никој нема право да каже дека не сме се бореле за Македонија. Сме се бореле и ќе се бориме затоа што Македонија е нашето се’!

ВМРО-ДПМНЕ е и неизбежна емоција, каде многу често се одлучувало со срце за работите, и затоа сме поминувале низ бури и невремиња. 31 година од партијата, а ми се чини дека видов баш се од тоа за што говорам во овие 4 години на исклучителни предизвици. Секој претседател на ВМРО-ДПМНЕ имал свои искушенија, ама јас видов баш се”, и има навистина голема вистина во цитатот дека „тоа што нема да те убие, ќе те направи посилен“. Затоа што јас освен да успеам, заеднички да успееме да ја издигнеме партијата, а со тоа и државата, друга опција немаме. Откажувањето не е опција, кога целта е бесцената и кога целта е Македонија. А мотивот е преголем, и оправдан.

Некои знаат да отворат дебата за значењето и улогата на одделни функционери кои биле дел од партијата и секако дека оставиле секој од нив поединечен белег. Многумина кои биле носители на одлуки во партијата и тие кои се уште се дел имале своја заслуга и значење. Па често знаат да ме прашаат: „Добро еве кои според вас функционери се најзаслужни за партијата?“.

Тука би рекол – не бе луѓе, најважните не сме ние носителите на функции, туку членството кое работи со срце, лавовски се бори по местните комитети, ким-овите, градовите и селата. Она членство кое легнува и станува со мислата како да има промени за да има и решенија и напредок на државата,а оваа Влада да падне, зошто јасно е дека само така Македонија ќе стане.

Реков дека оваа партија била градителска и визионерска, па затоа ве молам во овие 31 година, направете една кратка анализа за тоа што е изградено и постигнато како заеднички успех за земјава, да го тргнеме настрана укинувањето на радиодифузната такса кое е на СДСМ, се друго, буквално се друго, било да е тоа автопат, регионален пат, маркантно училиште, странска инвестиција, исполнувањето на реформите врзани со стратешките интереси и приоритети, историските најдобри економски резултати, реформите кои донесоа успеси во Катастарот, Централниот регистар, земјоделието, бројните работни места се плод на многу работа на ВМРО-ДПМНЕ и на луѓето кои што беа дел од владите на ВМРО-ДПМНЕ и дел од нив ги водов овде денеска. Да ги поздравиме, тука е и техничкиот премиер Емил Димитриев. Затоа што работата е наша одлика, а денот не завршува како што Заев знае да каже во 16 часот и викендот да го користи за хедонизмот и возењето на мотори, туку за нас продолжува доцна во ноќта.

Јас верувам во принципи, вредности и многу работа. Нови позитивни ветришта доаѓаат, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предводи промените кои во Македонија ќе создадат она што сега насушно треба, а тоа е систем. Систем на вредности и заслуги, систем на педантност во работата, чесност и одговорност. Реализација на идејата и сонот за Македонија како силна и ефикасна држава која ќе одговори за потребите на своите граѓани.

Почитувани граѓани, пред да се осврнам на она како ВМРО-ДПМНЕ стратешки ќе делува во следниот период, треба да согледаме со што се соочуваме и каква е состојбата денес во Македонија.

За жал и не е прегрубо ова да го кажам – денеска во Македонија постојат граѓани од прв и граѓани од втор ред и оваа поделба која е фактичка е директен производ на однесувањето на власта на СДСМ и Заев.

Граѓани од прв и од втор ред е ситуацијата во која половина милион луѓе живеат со едвај 150 денари на ден, а политичарите од власта и нивните блиски одат на скапи летувања и зимувања, возат најмодерни возила, мотори и јахти, се гоштеваат со државни картици и народни пари.

Граѓани од прв и втор ред е кога стотици илјади луѓе не може да стигнат до вакцина против Ковид, не се ниту вакцинирани, додека власта, нејзините семејства и блиски се вакцинираат пред сите други возрасни, хронично болни, мајки, трудници, па не само што се вакцинирани туку и веќе се ревакцинирани.

Граѓани од прв и втор ред постојат кога огромно мнозинство на граѓани кои целиот свој работен век плаќале за здравствено осигурување не може да добијат лекарска грижа и мора да одат на приватен доктор, додека оние кои ја крадат државата на дневно ниво и им се поприоритетни провизиите, без проблем си плаќаат услуги во приватното здравство. Едноставно, не е фер и не е чесно.

Граѓани од прв и втор ред е кога луѓе лежат луѓе во затвор за украдени тегли ајвар, а првенците на Заев како Ден Дончев, Рашкоски, Катица, Боро Малборо и десетици други со полни џебови да седат дома и никогаш да не се соочат со правдата.

Граѓани од прв и втор ред е кога луѓе да се малтретираат и викаат на разговори за потпишан реверс за фотокопир машина и новинари поради објавен текст, а членови на семејството на кланот Заеви за кои има сомневања дека рекетираат милиони евра, Ковачевски кој местел тендери или Спасовски кој делел пасоши на мафијаши да не се повикани ниту на разговор во Обвинителството.

Граѓани од прв и втор ред е кога обичниот човек треба да плаќа дополнителни 4 денари повеќе по литар бензин, а соодветно на тоа и поскап превоз, храна и останати трошоци, додека оние од власта нема тоа поскапување ни да го почувствуваат бидејќи се возат со бензин кој ние им го плаќаме и јадат храна која ние им ја плаќаме.

Граѓани од прв и втор ред е кога патриоти лежат во затворите како наводни терористи, а вистински убијци и терористи од ИСИС се шетаат по светот со македонски пасоши на слобода.

Граѓани од прв и втор ред е состојба кога кланот Заеви бележи фантастични салда и успеси на своите приватни компании, додека сите просечни македонски бизниси пропаѓаат зошто економијата тоне, власта не ја пушта ветената помош, а криминалот царува, кога Љупче Путерот и Рашкоски патуваат и се сончаат во Дубаи и Мексико, во време кога народот буквално умира поради неспособноста на власта да менаџира со кризата.

Не може Владата да ги третира судиите како граѓани од прв ред и да им ги покачува платите на нула проценти успешност во борба против криминалот, во исто време кога судската полиција е на минималец, со пиштоли кои не работат и искинати униформи, а докторите кои секој ден се во првите борбени линии против пандемијата не може да ја добијат покачената плата којашто им ја ветуваа со месеци.

Нема граѓанин кој секојдневно не чекал ред во државна институција за документ или било каква услуга, додека сателити со врски со луѓето од власта пролетуваат и веднаш завршуваат работа.

Не може синовите и ќерките на главешините од власта без мака да добиваат 10-ки на факултет и веднаш да се вработуваат, додека децата на работниците да се убиваат од учење и никогаш да не се вработат.

Не смее репер да биде Зоран Заев кој секој пат кога говори за тоа како ја стекнал онаа империја и милиони кажува различна приказна, затоа што тоа што е со крадење стекнато не може да биде лесно испрано, или оној фараон градоначалник кој може да биде само фараон за спиење и неградење. Тоа не е правилната слика.

Има уште стотици и стотици вакви примери. Но, доста е! Доста е веќе! Преку глава од вакви работи. Ова мора да престане. Македонија е на сите, а не само на оние кои ја имаат заробено СДСМ и Македонија.

И на сите вас кои ве третираат како граѓани од втор ред во својата држава, но и на овие од власта кои се однесуваат како граѓани од прв ред имам да ви порачам една работа и запомнете ја добро—-

МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ. Тоа е она ново кредо со кое што продолжуваме.

МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ – тоа е НОВАТА ПОЛИТИЧКА СТРАТЕГИЈА на ВМРО-ДПМНЕ. Светоглед согласно со кој ние ќе дејствуваме. Платформата со којашто ќе допреме до секое срце на секој еден наш граѓанин. Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да ја градат токму овде, во Македонија.

Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот што е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството.

Македонија не е создадена за касти, клики и слоеви. Македонија е на македонскиот народ и сите граѓани кои слободно живеат под ова небо. Затоа нашата борба од денес па натаму, се вика МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ!

Започнуваме со новитетот кој значи ново визуелно ребрендирање на партијата. Партиските бои сите добро знаете се црвена и црна. А државните бои црвена и жолта. Овие три бои се симбол на нашиот патриотизам и тие не’ обединуваат сите. Ова се јасните бои на Македонија и ВМРО, но и помеѓу постојат повеќе нијанси, коишто опфаќаат повеќе категории на луѓе.

Сите овие категории имаат свои специфики, аспирации, желби, капацитети, потреби, светогледи и вредности кои нив ги дефинираат. Но, сите нив и покрај можеби разликите кои постојат, сите нив ги обединува големата љубов кон Македонија, нивниот патриотизам, посветеност и одговорност, нивната трудољубивост, чесност и идеали. И нивната бескомпромисност да се борат и да победат против мафијата на власт, за да ја турнат мафијата од власт, за да стане Македонија на нозе. Затоа трите бои на патриотизмот прераснуваат во осум кои исто така се патриотски, се со цел да претставиме дека помеѓу нас некогаш може да има разлики, но кога Македонија е во прашање, сите сме едно и сите сме на браникот.

Целта е и да претставиме дека секој еден е важен, дека секој има свои вредности кои ние ги почитуваме, дека секој е значаен во оваа епска битка и дека сите треба да се здружиме, да ги збиеме редовите, да си подадеме рака, да се обединиме, затоа што имаме сериозен противник кој не бира средства, а кој работи спротивно на македонските интереси.

Ние се обраќаме кон сите кои своите идеали ги наоѓаат во десниот политички спектар на Македонија и тоа од мекиот центар, до крајната десница. Кои доколку се здружат, ќе нема кој да ги победи. И ќе извојуваат победа за Македонија.

Е затоа е Македонија за сите луѓе!

За оние кои ја носат црвената во срцата, на кои крвта им е врела, кои сакаат добробит за македонските градови и села.

И за оние на кои црната им е важна, кои жалат по Гоцевите идеали и сонуваат да ги поправат последиците од катастрофалните национални порази кои ги донесе Заев. И за сите оние кои пропатеа од црнилата на оваа власт, на кои што тешкиот живот им е секојдневие, за мајките, татковците, браќата и сестрите на кои режимот на Заев им одзема нешто, а на многумина и самиот живот.

Жолтата за оние кои веруваат во вистинска демократија, кои се борат за човекови права, кои имаат енергија и виталност, предизвикува среќа и радост, но и веруваат во тој долго ветуван европски сон.

Белата за оние кои веруваат во слободата и кои се борат за иднина, како нов почеток, нова победа, нов успех.

Сивата е за обесхрабрените, оние кои овој хибриден режим ги осиромаши и понижи, кои ги избркаа од работа, а децата им ги избркаа од државата. Оние кои ги условуваат со социјалната помош и земјоделските субвенции. Оние кои и покрај маката имаат мотив, големи срца и никогаш не потклекнаа.

Аловата, аловата светло црвена е за младите кои се наша иднина и иднина на нашата Македонија. Кои поседуваат идеи, знаења, вештини, имаат потенцијали и капацитети да ја носат Македонија на свој грб и да ја направат многу поуспешна од многу други земји, затоа што имаат премногу енергија, а наше е да им создадеме шанса и можност.

Бордото е за оние кои ја бараат правда, правда за себе и правда за Македонија. Кои се за вистинско владеење на правото, за редот и поредокот, за стабилноста и предвидливоста, кои сакаат правен систем кој ќе ја стимулира економската активност и ќе ги руши бариерите за подобро утре.

Портокаловата, за оние кои сакаат да работат. Кои знаат да работат. Кои знаат со свој труд да остваруваат успеси. Таа е за претприемачите, за бизнисмените, за носителите на економскиот живот. За секој еден човек кој со свој труд и со трудот на своето семејство создава, остварува и гради.

А знакот на успехот, на штиклираното одобрување, значи потврда за нашата решеност и преданост кон идејата, но и приказ дека сме сложни и дека никој не може да не скрши кога сме обединети. Со знакот се симболизира и почетокот на нашата борба, падовите кои ги имавме овие триесет и една година, но и издигнувањата и успесите за кои се бориме, исправањето на партијата и исправањето на државата, кое ќе го обезбедиме. Нашата иднина е економски развиена држава членка на Европската Унија и НАТО.

Затоа драги пријатели, кажете им на тие кои се уште не чуле дека ВМРО-ДПМНЕ ги има боите на Македонија и дека не бега од своите корени, но и дека има јасен план за нашата заедничка македонска иднина.

Нашите потреби се исти, но и нашите страдања заеднички. Луѓето од Гостивар и луѓето од Прилеп, исто како и во секое сокаче и град во нашата земја се во потрага по подобар живот кој не го наоѓаат тука. Нашите мајки подеднакво плачат кога своите чеда ги напуштаат родните огништа. Не постои поголема грижа за својата челат на еден родител споредено со друг.

Нема една или друга, наша и нивна, туку само една Македонија, која отсекогаш била за сите луѓе.

Затоа нашата борба е и твоја борба. Во таа борба тргнуваме од денес и таа борба ќе резултира со победа. Ви гарантирам со сето свое животно кредо!

Ќе се избориме за перспектива и иднина за нашиот народ и луѓе. Македонија се сака со дела, со работа, со жртва за каузата, а не со зборови и лажни ветувања. Не е доволно да кажете „жицата македонска нема да ја скинам“, или да му се насмеете на некој бирократ таму во Брисел и да мислите дека сте ја завршиле работата. Успехот во политиката се гледа во тоа колку проблеми сте решиле. Иднината е наша кога народот и луѓето на Македонија ќе се изборат за она што ни припаѓа и кога тесната клика на власт ќе разбере дека Македонија е на народот. Дека Е МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ!

Почитувани пријатели, сосема на крај,

Содржината продолжува после огласот

Стоп за опаѓање на косата пред да биде предоцна!
Sponosored by MonadPlug
Гледам дека СДСМ тера некакви трибини низ Македонија со слоган помалку чуден дека биле најдоброто, кога всушност тие се најлошото во вашата општина и тоа буквално секој еден го знае. На тие трибини сигурно им било замислата да прават отчет, па кога виделе дека за тоа треба нешто да сработат, а немаат што. Еден соработник ми вели доминираат честиците „ќе“, „ќе направиме“, „ќе реализираме“, „ќе“, „ќе“ и само „ќе“. Ветер и магла, типично за Зоран Заев и СДСМ. Времето ги гази, тие нека си се лажат, а ние ќе си работиме.

Она што следува од ВМРО-ДПМНЕ е посета на населените места и градови каде ќе зборуваме за политиките. Нашиот слоган е „Македонија за сите луѓе“. Оваа нова политичка стратегија ќе ја оствариме преку нашите политики, кои ќе ги објаснуваме и соопштуваме. ПОЛИТИКИ ЗА СИТЕ ЛУЃЕ!

Ќе зборуваме кои ќе бидат темелите за нашите решенија кои ќе ги понудиме. Кои се основните принципи преку кои ќе ја закрепнеме економијата. Дека мора да завладее правото за да имаме економија, дека потребна е реална поддршка на иновациите, малиот и среден бизнис. Да инвестираме во know-how, да правиме ефективна и ефикасна соработка со бизнис заедницата во интерес на сите граѓани нормално, да се бориме за секое едно работно место и да создадеме десетици илјади нови работни места. Вештачката интелигенција, роботиката, трансферот на знаење, тоа се патриотите на 21-от век.

Во здравството пак фокусот ни е во знаењето и инвестирањето во капацитетите на докторите. Мораме да направиме здравство кое ќе биде достапно за сите, буквално за сите, затоа што животот на секој еден човек вреди, а Македонија е за сите луѓе. Дека фокусот во земјоделието мора да биде во решавањето на проблемот со откупот на производите на тутунот, грозјето, раноградинарските производи, јаболкото.

Во образованието мора да се крене квалитетот, не преку експерименти, туку со примена на технологии и знаења. Енергетиката мораме да ја воскреснеме, а таа е иднината на нашата земја, не она енергетика која вчера ја слушнавме од Зоран Заев дека ќе затворал во Битола, ќе затворал во Кичево. Ние ќе отвораме, ќе отвораме енергетика каде што луѓето ќе можат да работат и каде ќе можат да ги ранат своите семејства, Македонија ќе биде увозно независна држава од електична енергија. Инвестициите во оваа сфера се инвестиции во траен капитал за иднината на земјата. Младите да ги задржиме тука, да се избориме заслужено преку реформи и стандарди да бидеме земја членка на ЕУ. Тоа не е недостижно, затоа што со крадењето на Заев видовме каде стигнавме, сега е време да покажеме до каде има да стигнеме со жестоко темпо на работа кое е карактеристика на ВМРО-ДПМНЕ.

Мора народот да ја види другата слика за политичарите во државата. Мора да види дека доаѓа нова генерација на политичари која не должи никому и чиј мотив е само Македонија.

Секој еден момент, секој еден чувајќи го својот образ, го чував вашиот образ, го чував образот на огранизацијата, образот на партијата.

И нема човек којшто ќе ме погледне во очи, и ќе ми каже ти, овие луѓе и ВМРО-ДПМНЕ имаат концесија кон мене, не постои таков. Тоа беше потешкиот пат, многумина ми велеа дали тој пат се исплати и дали можеби треба да одиме по полесниот пат, но им велев, порано или подоцна тој пат ќе се исплати. А кога ќе се исплати сите заедно ќе славиме за една поинаква Македонија. За онаа Македонија којашто ја сонуваме, за чесна и честита и достоинствена Македонија, не понижена, омаловажена и украдена Македонија. Тоа е нашиот сон, тоа е сонот на нашата генерација.

Мора да направиме обединување на знаењето и капацитетите, па да се стави во погон најдоброто од нашата земја.

Почитувани присутни, пријатели, денеска ја претставив новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија за сите луѓе“ која обединува и во која секој е важен. Подадов рака затоа што Македонија тоа го бара од мене од секој еден од вас. Неминовно е обединување на опозицискиот блоки тој процес кој што е веќе започнат го официјализираме од денес, па набргу очекувајте конкретни резултати.

Македонија е за сите луѓе, како што реков, за сите партии, групации и индивидуалци коишто си ја сакаат Македонија, и затоа оваа битка е наша заедничка битка, на сите нас кои сме против мафијата на власт предводена од Зоран Заев и СДСМ. Можеби помеѓу нас има разлики, но она што не обединува е многу поголемо. Македонија тоа го бара од нас, од сите нас. Ја знаете сите онаа важна животна лекција дека една по една прачките полесно се кршат, ама кога се заедно една до друга, здружени, обединети, нема сила којашто ќе може да ги скрши. Туку тие ќе го скршат криминалот и хибридниот режим кои ја притискаат Македонија.

Добредојдена е секоја интелектуална и граѓанска сила и партија, било да се оние кои срамежливо одбиваат да одговорат дали ни се приклучуваат или оние кои ни даваат поддршка да одиме до крај. Оваа е заедничка битка и заедничка ќе биде победата.

Македонија е многу повеќе од една или две партии, од една генерација или повеќе генерации политичари. Македонија е заедничката покривка околу која сите се обединуваме. Луѓето бараат среќа и поквалитетен живот, луѓето бараат промени, луѓето сакаат да си ја вратат државата. Ќе се избориме обединети, силно и одлучно.

Ова е битката на нашите животи. Да ги развиориме боите на Македонија, да го отсонуваме заедничкиот сон. Како што фудбалерите нашите херои го остварија нашиот сон од младоста, овој пат сонот на нашите животи за успешна и интегрирана земја да го исполниме ние, започнувајќи од сега и од овде. Македонија за сите луѓе!

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This