На дeнeшeн дeн 1942 гoдинa: Бугарската фaшиcтичкa „aдминиcтpaциja“ ги зapoбилa Мирче Ацев и Cтpaшо Пинџyp – билe пpeтeпaни дo cmpт

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

На 19 декември 1942 година бугарската фашистичка „администрација“ ги заробила Мирче Ацев и Страшо Пинџур. Биле претепани до смрт. Ден денешен не им се знаат гробовите.

Апсењето, мачењето и смртта

На 19-ти декември 1942 г., тие биле провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“.

Во втората половина на мај 1942 година е избран привремен Покраински комитет на КПЈ за Македонија, во состав: Цветко Узуновски, Мирче Ацев, Љупчо Арсов, Цветан Димов и Мара Нацева. Привремениот ПК изврши промени и го преименува Покраинскиот воен штаб во Главен штаб на НОПО на Македонија во состав: Михаило Апостолски, Цветко Узуновски, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Љупчо Арсов. Посебно внимание му се обрна на организирањето на вооружените борби и во јуни 1942 година беше издадена директива за организацијата и начинот на дејствијата на партизанските одреди.

Според директивата на Главниот штаб (ГШ), од јули 1942 година се засилуваат вооружените акции. Поголеми воени акции врз окупаторските сили се нападот на општината Смилево (2.VIII ), на рудникот Цер (7 и 8. IX ), на општината Плетвар (13.VIII), борбите кај Крива Круша (28. VIII), Фојница (14.1Х), на Мукос (14.1Х), кај манастирот Матејче и др.

Во есента на 1942 година ГШ врши реорганизација на вооружените сили и се создаваат поголеми и нови партизански одреди, по што се започна со напади на железничките пруги и композиции, телефонските линии, уредите на железничките станици и сл. Зголемената активност на партизанските одреди предизвика преземање офанзива од страна на бугарските окупатори. Од есента 1942 па до крајот на година, македонските партизански одреди беа под постојан удар на окупаторските сили. Во оваа долготрајна офанзива партизанските одреди постигнаа големи војнички и политички успеси, но претрпеа осетни загуби.

Во октомври 1942 година, особено беше на удар одредот „Димитар Влахов“, на просторот Прилеп-Велес. По неговото уништување во т.н. „Бабунска акција“, Страшо Пинџур и Мирче Ацев излегуваат на терен за да ги посетат партизанските одреди и партиската организација во Прилепско и Велешко. На 19 декември 1942 година, во илегален стан во Велес, тие биле провалени и упасени, по што биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје, каде биле подложени на невидени мачења со цел да се извлечат информации.

По суровата тортура врз нив, во почетокот на јануари 1943 година (4 јануари), тие се убиени во злогласниот областен полициски затвор во Скопје. Во првата половина од јануари 1943 година, ПК на КПЈ за Македонија  по повод убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур ќе издаде леток во кој се вели:

„Мирче Дончов Ацев и Страхил Пинџуров се мртви. Они не умреа како што умира секои смртен човек, ами беа на најѕверски начин мачени и претепани… па после утепани. На колку хиљади чесни Македонци им се дига косата кога ќе го види Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо од коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и браќа мачени и утепани, но досега вакви ѕверства и нечовечно мачење немаја видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крџалии… Додека Пинџурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени од Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот.

Кој беа Мирче и Страшо?

Два македонски сина, кои вистински го сакаја својот народ и неговата срекја и слобода. Това беја синови на чесни македонски фамили, кои во борбата за македонскиот народ дадова по неколку свои чеда. Мирче е син на прочуената Ацевска фамилија од Прилеп. Неговите чичковци славно загинаја за слободата на Македонија. Мирче Ацев беше долго години војвода и загина во село Крапа од пропагандата борееки се и заштитуеки ја македонската слобода од империјалистичките апетити. Другиот му чичко Илко, пак долгогодишен македонски војвода, загина во борба со поробителите на Македонија, Турците во село Уланци (Велешко). А третиот му чичко Петре, после осумнаесет годишно војводуење и славни борби за Македонија умре во Пловдив.

Страшо Пинџур е од чуената фамилија Пинџуровци, от с. Ваташа, Кавадарско. Татко му (Димитар Пинџуров загинат во Првата Светска Војна) беше долгогодишен комита и ополченец и најпосле беше отепан од големосрпските хегемонисти. Неговата баба Наста славно и геројски ја зела участие во народната ослободителна борба на македонскиот народ. Она со коли и карвани е пренесувала оружие, четници и била курир на организацијата (ВМРО).

Ето от какви чесни македонски фамилии се Мирче и Страшо.

Мирче и Страшо верно и искрено одеа по патот на македонските апостоли Гоцета и Дамета, и со целиот жар и ентузијазам на своите млади и искрени души се бореа за слободата на македонскиот народ. Они со чист и голем интузијазам со искрен самопрегор се бореа против големосрпскиот хегемонизам, тиранија и плачкане на македонскиот народ, како што се против Хитлеровото тиранисване и против фашистичките окупатори. Нив ги бркаше и затвораше, претепуваше и испракјаше во затвори и концентрациони логори големосрпскиот хегемонизам. Они беа водачи на македонската младеж и македонскиот народ против големосрпските тирани и за това беа мачени.

Големосрпскиот хегемонизам и насилие беше заменет со ново ропство и тиранија, со ропство на фашистите и нимната не чуена тиранија. Они први видоа оти фашизмот не му носи слобода на македонскиот народ, ами уште поголемо ропство. Они смело го дигнаја знамето на макелонскиот народ, и пак застанаја во првите редови на борбата на македонскиот народ, за да се борат за неговата слобода, равноправност и самоуправление, за поубав и посреќен живот. Во таја света борба они ништо не жалеја, они и својте млади животи ги дадова. Затоа срамно и гадно лажат фашистичките кучина кога викат оти биле продадени и платени од големо Србите. Не, господа фашисти, они не беа платеници на српските империјалисти, оти за исто од ним беја оптужени кога се бореа против нив. Но, секои треба да знае оти немаше злато, немаше скапоценост, што можеше да ја купи нивната чесност. Они не се бореа за да имајат злато или какви било други облаги, ами за слободата и срекјата на својот народ како што се бореше Гоце Делчев, оти от слобода и срекја нема по големо злато и богатство во светот.

Мирчета и Страша ги нема меѓу нас, ама они ни се пример на самопрегор и оданост на делото на македонскиот народ, и вечно ќе ни блескајат како светел пример. Нимното херојско држане прет полицијата, кога народниот тиранин те мачи и сака от тебе да дознаг како е организирана народната борба, за да можат да ја потуши, да ја разбие, пријателу овија два народни сина треба да ти бидат пред очи. Оди по патот по Страша и Мирчета. Ако попаднеш во рацете на полицијата, суми си ги Мирчета и Страша и како ним ако ти кинат месо, ти кршат коски и нај грозно те мачат ништо да не признаеш. Така ќе докажеш оти си вистински син на својот народ, син како Гоцета и Дамета и следбеник на Мирчета и Страша… Слава на Мирчета и Страша, слава на сите паднати за слободата на Македонија“.

Окупаторот успеа да им нанесе сериозни удари на партизанските одреди, како и на голем број организации во градовите и селата во текот на оваа офанзива. Успехот на окупаторот беше посебно голем на територијата Прилеп – Велес – Скопје, со што се оневозможи во 1943 година обновувањето на партизанскиот одред на неа.

Сепак, самиот леток говори дека ова беше општонародна борба против фашистичкиот окупатор, во која ѕвезди водилки беа Илинденските идеали и лидерите на Македонската Револуционерна Организација.

Latest News

Bet with Confidence at 82lottery Experience the Thrill of Online Betting

Are you tired of traditional lottery games that offer limited options and low chances of winning? Look no further,...

More Articles Like This