С Македонија направи огромни жртви за да си ја обезбеди европска иднина и земјата заслужува да ги почне преговорите за членство во Европската Унија, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија држава од денеска и официјално го презеде претседавањето со ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Загреб, Пленковиќ на заедничка на прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, посочи дека С Македонија го промени своето име и Устав и дека заслужува да биде дел од ЕУ.
Според Пленковиќ, новата методологија за преговори со ЕУ набрзо ќе биде готова и ќе и биде официјално презентирана на Франција.
Тој нагласи дека при неговата последна средба со францускиот претседател Емануел Макрон, видел желба кај него да се направи напредок во процесот на преговори со С Македонија и Албанија.
Мишел од своја страна изјави дека не е прашање дали е потребно проширување на Унијата или не, туку начинот како тоа да се направи, нагласувајќи дека очекува наскоро да има придвижување во тој правец.