Според резултатите на нова студија на група експерти за болести во Сингапур, пациентите со ковид-19 по 11 ден од заразата веќе не биле инфективни, иако некои и понатаму биле позитивни за коронавирус, пренесе Блумберг.
„Позитивниот тест не значи дека некое лице е инфективно“, се вели во заедничката студија на Националниот центар за инфективни болести и Академијата за медицина во Сингапур.
Вирусот „не можеше да се изолира или култивира по 11 ден од заболувањето“.
Студијата се заснова на 73 пациенти во Сингапур.
Овој наод може да има влијание врз испуштањето на пациенти со коронавирус од болниците. Сегашниот критериум во Сингапур е пациентите да се пуштаат дома откако веќе не се позитивни за коронавирус, а инфективноста не се гледа.
Досега околу 45% од пациентите се отпуштени од болниците во Сингапур. Повеќе од 30.000 луѓе во земјата се заразени со коронавирус, а само 23 починале.