ОВА Е НОВИНАРОТ КОЈ ГО ПРЕДУПРЕДИЛ ГРУЕВСКИ: Саше Димовски објаснува зошто бил првиот кој му кажал на Груевски дека ќе го осудат

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Новинарот Саше Димовски потврди дека тој е новинарот за кој експремиерот Никола Груевски зборуваше во интерјуто во ТВ Дневникот на Сител. Ви го пренесуваме во целост:

Во синоќешното интервју на Сител, екс премиерот Никола Груевски зборувајќи за казната од 2 години затвор изречена за набавка на луксузниот мерцедес, објави дека „искусен новинар кој долги години го следи судството и судските процеси ПРВ му кажал дека ќе биде осуден за случајот „Тенк“. Тука водителот влета со прашање, па Груевски остана недоискажан, изостана името, кое отвори серија прашања во насловите на многу портали, кои прашуваа: „кој е новинарот што му кажал прв на Греуевски дека ќе биде осуден“.

Еве, да нема забуни, тоа сум јас!

На крајот на март на порталот Сведок објавив дека двата големи процеси против сегашниот и бившиот премиер Зоран Заев и Никола Груевски ќе завршат со ослободителна пресуда за Заев во „Поткуп“ и со осудителна за Груевски во „Тенк“. Секако, дополнив и дека судијката ќе напредува во кариерата, објаснувајќи го тоа со одлуките на членовите на Судскиот совет.

И, веста можеби ќе поминеше незабележано, ако актерите во овие процеси не почнале да веруваат во моите „прогнозерски способности“ гледајќи го текот на судските постапки. Некаде во април, десно ориентираните портали излегоа со наслов дека Кацарска ќе напредува во Апелација ако го осуди Груевски а го ослободи Заев, пренесувајќи го моето пишување како „тврдење на новинарот Саше Димовски“.

Јавно напишаниот збор од моја страна доби на публицитет, што сигурно натерало некого во постапките и однесувањето на судот да бара реални сомневања за моите тврдења. Така и се случи таа неформална средба со Никола Груевски, на 27 април, на која, јас го повторив мојот став дека од тоа што јас го следам, убеден сум дека ќе биде осуден и тоа на ефективен затвор, со прогноза од најмалку една година.

Знам дека на Груевски тоа што го слушна не му се допаѓаше, но имаше избор да го слушне и да го прифати како такво или да не го слуша. На првата и единствена средба што сум ја имал со Груевски од како тој беше избран за премиер, за Ѓоко Поповски прогнозирав исто така затворска казна во траење од 5 години. И секако, ослободителна за Заев.

Добив впечаток дека сите околу него му велеле или барем не верувале дека ќе добие затворска казна, туку евентуално условна, што за мене беше крајно наивно очекување, гледајќи ги резултатите од „реформираното судство“, подигнатите обвиненија и сите политички, правни и криминални околности.

Да сме на чисто, не гледам на графчиња, ниту на карти или во филџан со остаток од кафе. Правото е обичен збир на математика и логика, само треба да знаете да извршите собирање. Секако, тоа не се постигнува со 2-3 одења во суд, но ако зад себе некој има 22 години стаж, најмалку би била проблем ваква прогноза.

Искрено, и мене малку ме изненади изјавата на Груевски дека јас сум бил ПРВ што сум му кажал. Ме загрижува неговата перцепција, перцепцијата на неговите адвокати, соработници, на партиските структури, ако никој не верувал во ефективна завршница на една постапка.

Секако, ги критикував адвокатите на Груевски и пред него и јавно и коментирав дека не можам да разберам што сакаат или мислат дека можат да постигнат со барање, како тоа, во дополнение на доказна постапка да бараат изземање на Катица Јанева.

Заев пак, некако излезе „поскромен“, па откако ја доби ослободителната што му ја прогнозирав, го фалеше реформираното судство, немаше забелешки за истото, за кое до пред нецела година фрлаше дрва и камења, па така, мојата прогноза за „ослободителната“, иако се случи, помина незабележително, бидејќи никој не беше заинтересиран да провери дали имаше или не докази во „Поткуп“.

Но, да се вратиме на прогнозата за казната на Груевски. Дали е виновен и дали треба да биде осуден, му претстои жалбена постапка во која ќе си докажува. Мене ме „чуди“ зачуденоста што се јавува кај многумина на прашањето дали требало да биде осуден и како јас сум ја знаел пред време пресудата, која ја најавил и Заев, една недела пред објавувањето. Јас, еве да повторам, објавив еден месец пред пресудите, во време кога двата предмети беа во фаза на главна расправа, без изведени целосно докази или дотерани при крај постапки.

Истата прогноза ја повторив и една недела пред објавување на предметите на Алфа ТВ. На прашање на водителот Ненад Мирчевски, дали останувам на прогнозата за казните за Заев и Груевски, категорично одговорив: да, ослободителна за Заев, осудителна за Груевски и Поповски со казни од 1 и 5 години затвор.

За да сме на чисто, не им упаѓам во судот преку гаража, како што му се причинуваше на судијата Владимир Туфегџиќ, не пијам кафе со судиите, не им ги следам комуникациите, не сум отишол на кафе во Влада, но и без сето ова, информациите кои ги имав, ја говореа следната прогноза која ја објавив јавно и стојам потполно зад неа, и што секако, се покажа како целосно точна.

А, таа не е прва: прогнозирав на почетокот на владеењето на ВМРО ДПМНЕ дека Јово Вангеловски ќе стане претседтел на Врховен. така и бидна, тој стана, а мене на барање на кумот на Вангеловски ме избркаа од Канал 5, зашто сум им ги нарушил чекорите од Преродбат, тогаш се уште ненадградена и проширена. Прогнозирав кој ќе бидат членови на Судскиот совет и биднаа, прогнозирав десетици имиња за судии и бидна. Понекогаш се мислев дека ВМРО ДПМНЕ ме прислушувале и ме читале само за да знаат кого да изберат за судија.

Сега пак, кога елаборирав како ќе биде ослободен Заев, а не треба да биде ослободен за поткуп, наеднаш станав „вмровец“. Овие од ВМРО ДПМНЕ пак цело време мислеле дека сум СДСМ, но читајќи ме низ текстовите виделе дека тоа не било така, бидејќи погубните потези во судството што ги влече СДСМ воопшто не се толерирани од моја страна и силно ги критикувам.

И така, јас „големиот сдсовец и вмровец“ деновиве сум интересен и за десните медиуми кои ги пренесуваат моите прогнози, но и за крајно левите преку кои Владата ми праќа пораки дека „нагло сум скршнал десно“.

Но, што да се прави, секој има право да згреши во проценката. Затоа, да не погодуваат порталите кој новинар му ја кажал пресудата на Груевски, еве, јавно велам, тоа сум јас. Верувам дека ќе имам прилика вакви прогнози да им кажам и да напишам не само за заев и Груевски туку и за бивши и на сегашни и на идни функционери, кои би си ја сфатиле позицијата само како самарче за товарење.

Од тука, не се трудете да лепите етикети, зашто јас ќе останам подеднакво и „сдсм и вмро и дуи“ Сум видел многу политичари во судници и кога биле на власт но и кога биле длабоко во опоција. И едните и другите ми побарале рамо за плачење. И тоа не затоа што сум бил нивни, туку од потребата да ми се исплачат кога не им чини судството, а тоа е секогаш кога се во опозиција. Штом дојдат на власт, судството, што би рекол Заев „се отвора како пупка“ и тука веќе сите се задоволни.

Затоа, драги мои осудени и ослободени (се уште неправосилно нели) не чекајте на мојата прогноза. Јас можеби ќе ја давам уште кратко време, бидејќи, како НЕВРАБОТЕН, не верувам дека уште долго би седел во Македонија да слушам како не чини судството. Доволно се изнаслушав за овие 22 години.

Затоа, тешко на државата ако чекате јас да бидам гласникот, да бидам прв што ќе ви ја соопшти веста. Земете, покажете цврста воља да направите судство какво што сакате да биде кога сте во опозиција. Ако не го направите тоа, не се надевајте на ништо добро. Запаметете, секогаш власта ќе биде ослободена а опозицијата осудена. Некоја ситна риба од власта може и ќе заглави во мрежата, ама, тоа се прави само поради уметнички „дојам“, без возбуда за тој детаљ, Ве молам.

А дотогаш, додека не го оправите судството, додека не разрешите половина судии и обвинители, слободно може да ми се обратите за помош и прогноза. Ако не продавам на тезга на Зелено пазарче верувајте пак ќе можам да ви кажам кој колку години ќе биде осуден, зашто само обвивката се менува, а матрицата останува иста.

И, секако, јас ќе бидам горд да сум и утре повторно ПРВ и за некој друг со својата прогноза!

1 коментар

Latest News

Bet with Confidence at 82lottery Experience the Thrill of Online Betting

Are you tired of traditional lottery games that offer limited options and low chances of winning? Look no further,...

More Articles Like This