Општина Карбинци ги ослободи бранителите да плаќаат давачки кон локалната власт. Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев за МИА вели дека одлуката е прифатена едногласно на седницата на Советот на Општина Карбинци, а која што доаѓа на предлог на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
-Донесената одлука значи ослободување на бранителите за плаќање на комуналии за градба, односно за уредување на градежно земјиште, потоа ослободување од плаќање на данок на имот и плаќање на надоместок за згрижување на деца од претшколска возраст во градинката, која се наоѓа во село Таринци, вели Насев.
Тој забележува дека немаат податоци, колкав е бројот на бранители, кои имаат адреса на живеење во општината. Овие бројки ќе се знаат откако бранителите ќе ги искористат можностите што им ги дава општината. И покрај тоа што оваа мала рурална општина нема големи финансиски капацитети, сепак Насев смета дека ќе им излезат на барањата на бранителите. Ваква иницијатива е доставена и до штипскиот Совет, но засега по неа се немаат изјаснето советниците.