Помеѓу албанските партии се креира заедничка платформа за настап. Се создава атмосфера овој пат да не коалираат со ВМРО-ДПМНЕ.
-Да, повторно таа атмосфера како и во минатото и сега се создава од медиумите и лицата што водат или припаѓаат или се соработници на НВО финансирани од Институтот отворено општество. Вмешувањето на некои странски политичари и дипломати во приказната е дел од истата операција, водена од еден центар. Сепак, одлуката ќе биде наша, на ДУИ и на другите партии, и никој нема право да каже дека некој друг му сугерирал или му вршел притисок затоа што на крајот финалната одлука е наша.
Многу албански политичари и аналитичари тврдат дека албанскиот електорат посакува влада водена од СДСМ со албанските партии?
-Во 2008 година македонскиот електорат, особено вмровскиот, не сакаше коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, па таа се случи најмногу затоа што Албанците во Македонија сакаа ДУИ да ги застапува во владата…
Но овој пат и албанските медиуми се на ист став?
-Да, исто како во 2008 кај македонските медиуми.
Велат и членството на ДУИ не сака коалиција со ВМРО-ДПМНЕ?
-Не знам дали така размислува членството на ДУИ, но знам како размислуваше членството на ВМРО-ДПМНЕ во 2008, па донекаде и во 2011 и 2014. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ тогаш одлучи да коалира со ДУИ затоа што беше очигледно од изборите дека мнозинството граѓани Албанци сакаат ДУИ да е во владата.
Но не беше така во 2006?
-Во 2006 не можеше ни да биде поинаку бидејќи не само што воопшто не се познававме, туку с` уште беа свежи нашите спротивставености од времето на конфликтот во 2001 година, кога бевме на две спротивни завојувани страни. Сепак, и ние политичарите, но подоцна и нашите електорати најдовме сила да ги надминеме тие предизвици.
Сепак, ДУИ сега може да донесе поинаква одлука?
-ДУИ има право да донесе каква сака одлука. Исто како и ние.
Сакате да кажете дека во иднина не би коалирале со нив ако сега донесат одлука да не одат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ како партија која доби најмногу гласови и пратеници?
-Мислев генерално дека секој си носи одлука самиот, но ако сакате ќе одговорам и на ова прашање. Ако сега ДУИ отиде во коалиција со втората наместо со првата партија, со поразениот наместо со победникот, секако дека тоа ќе значи утврдување на една нова практика и традиција во Македонија, на која ние секако ќе се приспособиме, не само сега, туку и во иднина.
Значи, ако сега ДУИ не коалира со ВМРО-ДПМНЕ како победник, на следните избори ако победите, нема да бидат дел од владината коалиција?
-Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата.
Што ако СДСМ сега им понуди подобри услови за коалирање?
-Поразениот обично нуди подобри услови. Поинаку не може ни да биде. Во 2008 и во 2014 и без ДУИ и без ниедна друга албанска партија ВМРО-ДПМНЕ можеше да формира влада. Прашањето е дали ќе постапуваме по принципите што до вчера ДУИ ги заговараше јавно или ќе ги смениме. Ние сме подготвени за двете варијанти. Но, не само на овие избори, туку и во иднина.