Некои луѓе од раководството на ДУИ, како, на пример, Невзат Бејта, излегоа отворено против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и Вас велејќи дека сте ги иритирале, понижиле и навредиле Албанците и дека сте употребиле речник против Албанците. Тој кажа дека не сретнал Албанец што рекол ,,да“ за владеењето на Никола Груевски.
– Не сме ги навредиле Албанците со ништо, а уште помалку сме ги понижиле, и за тоа говорев многу во моето претходно интервју што деновиве се објавуваше. Дали некого сме иритирале не знам, но ако сме го иритирале со нешто, сигурно не било намерно и свесно.
Во однос на тоа дека Бејта не сретнал Албанец што рекол ,,да“ за владеењето на Никола Груевски, не можам да коментирам, но знам дека јас познавам многу такви кои мислат и анализираат со своја глава, а не со сервирани информации од албанските медиуми и платеници на Сорос. Еден од оние Албанци што ги познавам и кој се истакнуваше во тоа е токму Невзат Бејта.
Во што се истакнувал Бејта?
– Тој беше дел од владата што ја предводев и можам да кажам дека е еден од оние албански политичари што со највозвишувачки зборови говореле за мене и за мојата работа, не само во нашите неформални разговори, туку и на седниците на Владата што сигурно стои низ стенограмите. Има една реченица која многу често ја повторуваше, особено откако му заврши мандатот во Владата и кога стана градоначалник, а тоа е дека многу научил од мене говорејќи го тоа во најпозитивната смисла на зборот, и ми раскажуваше и дека тоа им го говорел и на Македонците во Гостивар, а особено на нашите активисти. Подоцна некои од нив ми го потврдија тоа. Одеше и понатаму кажувајќи што научил, но да не одам во детали, ќе кажам само дека Бејта сигурно од мене не чул и не научил да ги понижува и навредува Албанците.
Колку што се сеќавам, тој по првиот круг на изборите во Гостивар губеше, а во вториот кога се вклучија македонските гласачи и победи. Од македонските партии таму ВМРО-ДПМНЕ ужива најголема доверба?
-Да, така беше. За жал, на последната моја посета на Гостивар забележав големо незадоволство од неговата работа кај Македонците, но и кај Ромите и Турците во Гостивар. Сепак, има уште малку време до мај за да го подобри впечатокот со реални проекти и решавања проблеми, и тој и некои други градоначалници на ДУИ кои на секои избори ја бараат поддршката не само од Албанците туку и од Македонците и од другите граѓани.