Патнички авион со над 50 лица исчезна кратко по полетувањето од Џакарта, главниот град на Индонезија.
Станува збор за „Боинг 737-500“, стар 27 години, кој изгубил контрола само една минута откако полетал. Според веб-страницата за следење на летови „Флајтрадар“, авионот исчезнал откако се издигнал на надморска височина од околу 3 километри. Од индонезиското министерство за транспорт и врски соопштиле дека се прават напори за пронаоѓање и спасување на патниците.
„Би-би-си“ јавува дека голем број на жители на островот Ланканг, близу местото каде се изгубил сигналот на авионот, изјавиле дека пронашле предмети за кои сметаат оти се остатоци од авионот, како и дека на социјалните мрежи се појавуваат фотографии кои упатуваат на урнат авион.