January 27, 2022, 10:03 am

Груевски се огласи за сведoчeњето на Протуѓер, Јанкуловска и Чинговски

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Поранешниот премиер претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на социјалните мрежи ги коментираше денешните сведочења на рочиштето за предметот „Плацeви на Водно“, како и медиумите кои тие сведочења ги пренесоа извадени од селективно, извадени од контекст.

Груевски посочи дека обвинителството нема докази за да го поткрепи обвинението, па поради тоа да дејствуваат со сведоци врз кои имаат начин како да извршат притисок и уцена за да го кажат она што ним, на ова партиско контролирано обвинителство им е потребно.

Во продолжение целата објава на Груевски:

Денес имаше нови сведочења и нови партиски мотивирани интерпретации на провладините медиуми, делумно и вадења од контекст, со наслови како да ги добиле од штабот на СДСМ.

Јасно е дека власта и обвинителството, она што не го добиле во судницата или не го обезбедиле како доказ, се обидуваат да го добијат како перцепција кај граѓаните, со помош на повеќе партиски диригирани медиуми, кои селективно пренесуваат, вадат од контекст, особено наслови, и прават се да се создаде перцепција за нешто што не е така или не е кажано или докажано во судницата. Некои тоа го нарекуваат и медиумски линч.

Обвинителството нема апсолутно никаков доказ дека јас сум купил а подоцна и продал земјишта и сум купил станови за кои всушност постои писмен доказ дека се изнајмени. Ниту пак може да има доказ, бидејки такво нешто не се случило.

Во една таква ситуација тие се обидуваат да дејствуваат со сведоци врз кои имаат начин како да извршат притисок и уцена за да го кажат она што ним, на ова партиско контролирано обвинителство им е потребно.

Тоа се луѓе кои имаат еден или повеќе судски постапки и обвиненија против нив, луѓе кои во секој момент можат да ги притворат, дел луѓе кои за да не бидат обвинети за дел од предметите се согласиле да бидат нивни соработници, или луѓе кои се веќе ставени во затвор. Нагласувам, дека и тие луѓе се дел од политичкиот прогон на власта кон минатата власт, и тие се жртви на прогонот, и дека случаите за кои ги осомничуваат или теретат, или дури ги осудиле, се политички договорени и конструирани и немаат врска со реалноста.

Сепак, факт е дека таквата ситуација ги прави ранливи и зависно од карактерот и интегритетот на секој од нив, различно реагираат.

Но, интересно е и уште нешто. И во таква ситуација каква што се, тие со сведочењата тежнеат кон тоа да говорат нешта што ќе се повеќе блиску до вистината, а делумно да нафрлат и по нешто што веројатно се надеваат дека нема да ми направи голема правна штета во контекст на судскиот случај, но сепак ќе има некој елемент, со кој тие ценат дека ќе ги задоволат апетитите на партиски контролираното обвинителство кое со “со меч им стои над главата”.

На тој начин се надеваат дека ќе се спасат од можна агресивна реакција со некаква казна на обвинителството кон нив лично.

Ваквите ситуации не се непознати во нашата историја, па еве ги гледаме и како актуелни денес.
Јас барем така ги разбирам нивните реакции. Но, да почнам по ред.

Најактуелно денес е сведочењето на Мартин Протогер, мој поранешен шеф на кабинет, член на ИК на партијата и еден период и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Протогер кажал дека понекогаш покрај политичките разговори сме разговарале и приватни работи. Всушност денeс тој цело време говорел за наводни приватни разговори меѓу нас двајцата без присуство на трети лица, па на крајот и самиот на прашање на еден од адвокатите потврдил дека за тоа што го кажал нема никаков доказ.

Тој кажал дека сум имал хроничен здравствен проблеми со респираторниот систем, што е точно. Истото помалку или повеќе јавноста го има забележано, бидејки секоја зима некаде помеѓу ноември/декември и некаде до месец март имав големи проблеми со обилно кашлање, за кои ниту еден лекар во Македонија, а во два наврати и во странство, не можеа да утврдат на што се должи, па некако на крајот констатираа дека најверојатно е алергиска реакција на некои честици од загадениот воздух. Уште повеќе што кога ќе отидев неколку дена на планина, кашлицата престануваше или се сведуваше на минимум. Додатен доказ ми е што откако сум дојден во Будимпешта, каде воздухот е многу почист од скопскиот, тој проблем или го немам или се јавува многу ретко и многу пократко, наместо цели 4 месеци како во минатото. Ако некој сака, ова може да го интерпретира дека јас бев еден од засегнатите од загадениот воздух во Скопје, и во тој контекст, особено во вториот дел од мандатот ставив голем акцент на тоа да се истражат причините за загадувањето и евентуални можни акции за подобрување на состојбата, но тоа е друга тема за која сум говорел.

Кашлицата беше толку силна, што со големи тешкотии ги водев состаноците, и тоа изгледаше многу непријатно и за мене и за сите присутни, па некако стана интерна тема, а стана и тема во јавноста на некои од изборните кампањи кои беа во тој период, бидејки често кашлав на самата говорница.

Се сеќавам дека една докторка која се трудеше со разни лекови да ја скроти кашлицата шеговито во една прилика ми рече дека најдобар лек би ми дала ако ми ги даде клучевите од нивната викендица на планина.

Како и да е, точно е дека тоа го имам разговарано со Мартин Протогер на таа тема повеќе пати и во тој контекст и препораката на лекарите да најдам начин почесто да сум на повисоки места, каде воздухот не е загаден. Во еден таков контекст, како што денес и навел Протогер, точно е дека повеќе пати имам раговарано со него и имам споделено размислување да најдам некое земјиште во општината Сопиште, кое истовремено е многу блиску до Скопје, цената на земјиштето е ниска и прифатлива, а воздухот далеку почист отколку во градот.

Точно е дека десетина години повремено особено во периодите на обилна кашлица ќе го спомнев тоа во негово присуство, иако за жал презафатен со обврските не превземав конкретна акција.
Се до тука Протогер ја зборува вистината и тој ме подржуваше во таа намера, па дури и размислуваше и тој во иднина да се пресели во таа соседна општина на градот Скопје.
Но, оној дел од неговата изјава каде говори дека во некој момент сум му спомнал дека сум земал земјиште на Водно од 10 илјади метри квадратни не само што е неточна, туку ценам дека е дел од притисокот и уцената кој врз него систематски се прави од страна на партиски контролираното обвинителство.

За воља на вистината тој веднаш се корегирал на некој начин, и тоа со три интервенции.
Првата е што кажал дека тоа околу Водно, еднаш сум му го спомнал некаде во 2010/2011 но кратко потоа пак сум продолжил да зборувам за потребата од барање живеалиште во Сопиште, и тоа во повеќе наврати, по што, како што денес тој кажал, сватил дека тоа наводно купување земјиште на Водно не се реализирало.

Покрај ова тој додава и дека кога опозицијата ме нападнала за истото во 2015 година, јас јасно сум му кажал дека тоа што ме напаѓаат не е точно и сум побарал да се демантира, а потоа и лично го демантирав.

Третото негирање на некој начин е што Протогер, сакајки да угоди на обвинителството искажувајки невистина, направил и една прилично голема грешка, која само докажува дека не ја говорел вистината, а тоа е дека кога наводно сум му го кажал тоа тој сватил дека тоа е во близна на куќата на бизнисменот Ристо Гуштеров.

Земјиштето за кое имам неосновано обвинение и за кое се води судска расправа е можеби на околу два километри одалеченост од посоченото место од страна на Протогер, (што ако се спореди со населбите во центарот на Скопје, може да се спореди како да ме обвинуваат за локација на пример кај Олимпискиот базен, а Протогер да посочил локација на пример во Дебар Маало).

Надвор од ова, Протогер коректно кажал и дека не видел некогаш дека јас сум земал или на некој начин добивал пари од партијата, што е точно, но кажал и дека јас сум морал по функција да имам некаков клуч од сеф каде се чувале пари, за кои и самиот тврди дека знаел дека биле мали износи за тековно функционирање на партијата, од типот како што навел менување на сијлици и слично.
Не, по функција не сум морал, ниту сум требало да имам таков клуч, ниту сум сакал да го имам, ниту пак сум го имал, што лесно може да се прочита од статутот и другите партиски акти од тоа време, кои ги опишуваат надлежностите и обврските на сите функционери на партијата а што судот доколку сака да ја установи вистината, може по службена должност да ги побара и прибави овие акти и да се увери.

Се на се, можам да кажам дека тој дел од изјавата на Протогер, колку и да се трудам да ја разберам неговата ситуација, е недостоинствен, неприфатлив и неточен.

Во изминатите една година читав многи шпекулации низ медиумите и слушав од некои поединци околу тоа како тој панично се обидувал да се спаси од прогонот, умилкувајки се на Заев и на обвинителството и покренувајки различни и прилично недостоинствени иницијативи, со кои на моја лична штета, неоправдано и нечесно, тој би сакал да добие поповолна позиција кај нашите заеднички политички прогонувачи, а и дека се обидувал и други да навлече на тој пат.

Ако е тоа точно, а повеќе непотврдени различни извори говорат за тоа, тогаш тоа е поразително за него како личност и би ми било многу жал што еден мој соработник за кој имав многу подобро мислење, спаднал на такви ниски гранки.

Сепак, за разлика од него, јас не би тврдел нешто што не сум го видел, туку само сум го прочитал или чул од некои лица како непотврдена информација.

Втор денешен сведок бил Влатко Чиновски.

Колку што разбрав од неговото сведочење и тој кажал дека бил на листа на осомничени за предметот Талир 1 и бил повикуван во обвинителството, но подоцна некако го преместиле на листата на сведоци наместо обвинети. Нема да навлезам во толкувања и интерпретации на тоа.

Од неговото сведочење може да се констатира дека кај него се јавил некаков сомнеж, и ништо повеќе од тоа.

Сомнеж кога во два или три наврти Кирил Божиновски му се пожалил дека во некои плика со документи како што Чинговски денес посочил, кој Чинговски му ги дал на Божиновски, а ги добил од лица кој не знаел да ги наведе, не ја имало очекуваната содржина што Божиновски наводно ја очекувал.

Но, на прашање на некој од адвокатите, дали тој видел пари во тие плика со свои очи, и дали се зборело за пари, тој рекол дека немало такво нешто но дека тој се посомневал дека можеби станувало збор за пари.

Тоа е суштинатата и клучното од неговата изјава и јас незнам што всушност обвинителството сака да постигне со вакви сведоштва.

Чинговски исто како и Протогер и Јанкуловска и другите кажале дека никогаш не ми дал пари лично на мене.

Понатаму дознав дека сведочела и Гордана Јанкуловска чие сведочење е сосема коректно укажувајки дека јас никогаш не сум земал или побарал пари од партиската каса, во тие години кога таа е генерален секретар од есента 2004 до средината на 2006 година.

Таа посочила и дека во тие години партиската сметка е речиси цело време блокирана а дека партијата се финасираше од помали донации и од средства кои се исплаќаа од буџетот по освоени гласови на изборите. Навела и дека донациите кои беа во мали износи се користеа за тековно работење како канцелариски матерјал, бензин и слично, дека по правило донациите по функција ги примала таа лично во нејзината канцеларија, и дека еднаш или двапати кога била приватно отсутна од штабот, се случило донаторот да ги оставил средствата кај секретарката или кај мене, по што веднаш штом дошла сме и ги предале. Таа потоа го викала донаторот и му издала каса прими за донираниот износ.

Единствена работа за која не била сигурна кога ја прашале заради поминати над 15 години од тогаш и за што со доза на резерва одговорила, е дека „мисли“ дека и кај мене во работнта канцеларија имало сеф, што не е точно.

Но, не гледам што е проблемот и ако сум имал сеф, бидејки секое правно лице има повеќе сефови каде се чува документација.

Јас имав еден дел од мебел изработен од дрво во работната соба со шкафови во кои стоеја разни документи.

Интересно е што медиумите блиски до власта, во недостаток на реални аргументи, денес по сведочењето на Јанкулоска се обидоа токму од оној дел каде таа вели дека “мисли” дека веројатно сум имал сеф, (освен што извлекоа наслови), да направат сензација.

Јас да имав сеф во канцеларијата на поранешниот штаб, би кажал дека имав, бидејки не гледам што е погрешно или лошо ако во некоја канцеларија има сеф.

Потоа сведочеле уште две лица, еден поранешен претседател на еден од месните комитети во Тетово кој кажал дека донирал мал износ на средства во месниот комитет со кој го поправале кровот, купувале сокови и слично. Човекот посочил дека никогаш не ме запознал ниту ми давал некакви пари.

Последна сведочела сметководителката на фирмата Сирах која раскажала како работела и што сработела за фирмата Сирах и на прашање одговорила дека јас за таа фирма и се немам јавено, немам ништо барано, ниту пак било што приватно за мене лично во животот сум побарал од неа.
Ете тоа се сведочењта од денес, за кои партиски диригираните медиуми на СДСМ цел ден прават сензација со наслови извадени од контекст и многу лажни интерпретациии.

Ова само покажува дека СДСМ и обвинителството се свесни дека имаат празен со докази предмет и се обидуваат да создадат перцепција кај јавноста дека имаат докази, односно дека барем имаат изјави на сведоци, што ако подобро се проанализира се гледа дека всушност немаат ништо корисно за нивните цели.

Овој случај е само за цели за одвлекување на вниманието на јавноста од реалните економски и други проблеми во општетсвото и обиди за мое и на партијата дискредитирање заради нивни партиски цели.

Тие мислат дека ако мене ме дискредитираат, народот повеќе ќе им верува и ќе ги подржува, што нема да се случи.

Тие се една неспособна за работа криминална банда, која како никој досега во крајна мера ја злоупотребува политичката моќ која произлегува од власта и врши политички прогон, а истовремено прави огромен криминал на секој чекор, во секој миг и во несогледливи размери.
Затоа и пропаѓаат.

Заради неискреноста, предавствата на националните интереси, криминалот, корупцијата, неработењето и лажењето.

Ова ќе биде кратката анализа кога ќе паднат од власт.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This