ГЕРОСКИ PAЗОЧАPAH ОД ЗАЕВ: 30 години гласам за СДСМ, време е за промени

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Од 1990 година, од раѓањето на политичкиот плурализам во Македонија, па наваму, на сите избори на кои гласав – а ретко имам пропуштено да го искористам своето избирачко право – мојот глас го давав за СДСМ. Можеби денес тоа ви изгледа чудно, но ете, го прекршив правилото на дискреција и ви ја кажав вистината, пишува во најновата колумна новинарот Бранко Героски.Инаку, познавам многу луѓе кои денес реват, коси кубат и очи копаат да се гласа за партијата на Зоран Заев (или да се умре, нели), а ваму се имаат изнашетано по партии ко селски рашетарки, та денес, ако ги прашате, дури и самите не знаат за што се застапувале во животот и за кого гласале.

Па и самиот Заев, во 2013 година, кога партискиот лидер Бранко Црвенковски се залагаше за бојкот на локалните избори, имаше спремни печати од една друга политичка партија, за да се кандидира за градоначалник на Струмица (тој и уште тројца други кандидати за градоначалници имаа такви планови).

Дури и во периодите кога жестоко го критикував СДСМ, како што тоа го правам и денес, мојот глас на изборите завршуваше во гласачките кутии на мојата некогашна, сега „реформирана“ компартија.

И секогаш, освен во ретките моменти кога бев одлучен плебисцитот да помине без мојот глас, си ги поставував истото прашање – како тоа, го критикуваш СДСМ, а гласаш за таа партија?

Резултати далеку под очекувањата
Немам некакви идеолошки причини за моите одлуки како избирач. Чинам дека мојата лична политичка филозофија е најблиска до либерализмот како идеологија, иако никогаш не сум се трудел политики и идеолошки да се „дефинирам“, уште помалку партиски да се определам. За љубов на вистината, многу мои политички ставови пласирани прерано (на пример, за повеќе права за Албанците, или за компромис со Грците) подоцна стануваа дел од официјалната политика на СДСМ. Но, дури и тоа не значи ништо особено.

Јас, особено во последниве десетина години, не чувствувам апсолутно никаква идеолошка блискост со таа партија, од проста причина што од неа многу одамна е отстранет идеолошкиот супстрат како таков.
Но ете, секогаш постоеја некакви „историски“ причини, некакви „повисоки“ државни интереси, поради кои лично проценував дека мојот глас треба да му припадне на СДСМ. Во 1991 година, на пример, таа „повисока цел“ беше потребата од југословенската федерација да се раздружиме мирно, без авантури и непотребни жртви. Од 1996 до 1998 година го „газев“ СДСМ со мојот „Дневник“, но во 1998 година, кога СДСМ на Црвенковски падна од власт, не гласав. Никогаш не сум гласал за ВМРО-ДПМНЕ. Во 2002 година клучен државен интерес навистина беше да се залечат раните од непотребната војна што ја доведе земјата на работ на пропаст. Во 2006 година беше важно кормилото да се одржи цврсто на европскиот курс, бидејќи една година пред тоа добивме статус на земја кандидат за членка на ЕУ. Излегував дури и на изборните кланици за време на груевизмот, зашто беше важно и со својот глас – а не само со својот јавен ангажман – да придонесам да се урне тој авторитарен режим.

Па и самиот Заев, во 2013 година, кога партискиот лидер Бранко Црвенковски се залагаше за бојкот на локалните избори, имаше спремни печати од една друга политичка партија, за да се кандидира за градоначалник на Струмица (тој и уште тројца други кандидати за градоначалници имаа такви планови).
И што да ви кажувам… Секогаш се наоѓaше некоја сериозна причина да се биде богот Јанус со двете лица. Причина или изговор?
Во февруари годинава полнам 58 години. Самостојна Македонија е возрасна веќе 30 години. Таа е членка на НАТО. Веројатно во догледно време ќе почне да преговара за членство во ЕУ. Овие луѓе кои сега се на власт, дојдоа на позиции и со моја помош. И со помош на многу други луѓе, денес прогласени за „државни непријатели“. Пред македонската јавност се огласивме со исти или со многу слични ветувања. Овие луѓе што сега се на власт имаа три години да ги исполнат своите ветувања. И освен клучните потези за кои ја добија и мојата поддршка, но и поддршката од многу граѓани на оваа земја и на целата меѓународна заедница (унапредување на двојазичноста и договорите со Бугарија и со Грција), овие луѓе што се на власт уште неколку дена, имаа можност да покажат многу повеќе.
За жал, нивните резултати се далеку под моите очекувања.

Затоа, на следните избори, на 12 април, ако одлучам да гласам, јас ќе гласам за промени. Ќе гласам за оној што ќе понуди одржливи политики за борба против трите најголеми зла во денешна Македонија – популизмот, криминалот и корупцијата – и за тој што уверливо ќе вети дека поседува способност и посветеност на таа цел. Ако такви луѓе нема, едноставно, нема да гласам.
Да бидеме јасни: нема веќе „повисока“ причина што ме принудува да го подарам својот глас на некадарници!
„Правиот пат“ бајаги искривен…
Заев бара до изборите сите да зборуваме за успесите на неговата влада, а за грешките ќе се правело муабет после изборите. Не другар Заев, мојот глас, баш како и гласот на секој граѓанин на оваа земја, е премногу скапоцен за да го потрошам на празни ветувања. Да зборуваме само за успесите, а разговорот за грешките да го оставиме за после изборите, е популистичка манипулација.

Нема веќе „повисоки“ цели поради кои некој ќе ме убеди да ти дадам бланко поддршка, без да бидам цврсто уверен дека гласот го давам за зрел политичар, чиј збор навистина е збор.

Треба да ме убедиш дека си човек кој е спремен да се бори за реформи, а не за победа по секоја цена. А тоа некако не ти успева…
Иако пропагандните баталјони на СДСМ го уверуваат народот дека партијата ја води Македонија „на прав пат“, избирачите знаат дека оваа флоскула не може да се земе здраво за готово. Ве молам, погледнете ги сите до сега објавени предизборни анкети, како оние кои тврдат дека води СДСМ, така и оние кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ е во предност. Во повеќето од нив, на стандардното прашање дали Македонија оди во вистинската насока, голем дел испитаници одлучно одговараат „не“, а не мал број се двоумат. Тоа е така зашто луѓето, иако можеби не се доволно едуцирани да ја артикулираат состојбата на неодржливост и на бесперспективност на нацијата, инстинктивно ја чувствуваат и едноставно знаат дека не сме баш на „правиот пат“.
Еве еден пример за тоа.

Обичните луѓе, впрочем како и јас, а веројатно како и поголем дел од вас, почитувани читатели, не сме експерти за економија. И се разбира, сите ние се израдувавме кога слушнавме дека е усвоен законот што ќе овозможи секој пензионер на својата сметка да добие 10.000 денари повеќе за целата 2020 година. Не се тоа баш мали пари. Сите имаме пензионери во семејствата, а и ние си планираме да си станеме пензионери со достојни пензии.

Но, внимавајте што велат бројките. Македонија в година ќе има буџет од близу 4,5 милијарди евра. За земја како нашата, тоа е она што јас често го нарекувам „воен буџет“. Такви огромни буџети се планираат кога земјата планира да нападне некоја друга земја, да почне војна. Некој ќе рече: добро, ама многу земји имаат високи буџети. Тоа е точно. Тие земји имаат високи даноци и висок општествен стандард. Но, ние однапред планираме 1 милијарда од нашиот буџет да позајмиме, што од странство, што од домашните банки.

Некој ќе рече: па што, дури и најразвиените земји во светот се високо задолжени. И тоа, се разбира, е точно. Но тие земји имаат силни економии и потенцијали да се раздолжат. И ниту една од нив не планира скоро една четвртина од својот буџет да потроши за пополнување на дупките во пензискиот фонд. Кај нас се планира идната година скоро 1 милијарда евра од буџетот да се потрошат за исплата на пензии, а помалку од 400 милиони евра за капитални инвестиции.
Знаете ли што значи тоа?

Тоа буквално значи дека сегашните пензионери, сегашните избирачи што треба да гласаат за „успесите“ на Заев, ќе ги лапаат пензиите на идните генерации пензионери. А ние знаеме дека кризата во пензискиот фонд ќе се продлабочува, бидејќи реалниот сектор на економијата, тој што треба да ја плати целата таа „општествена надградба“ (како што ја нарекувавме некогаш), е сѐ послаб, продуктивноста на трудот не задоволува, пазарот на трудот колабира и ние сѐ уште сме длабоко во една сериозна економска криза и уште тонеме.
Вака или онака, луѓето тоа го чувствуваат.

Секој има свои непогрешливи индикатори. И ете, параходите преполни со модерни гурбетџии, со тие млади луѓе кои ја напуштаат родната грутка без премислување и со радост што конечно ќе почнат да живеат нормално некаде во белиот свет, не запираат. Во Македонија остануваат само оние што не можат да ја напуштат и кои слободното време и вишокот енергија го трошат за секојдневни меѓусебни пизми, кавги и поделби, што политичарите ги (зло)употребуваат за да ја освојат власта.
Тоа ли е тој „прав пат“ по кој чекори Македонија? Не би рекол…
Или, погледнете што се случува со криминалот, со аферата „Рекет“, на пример. Читаме, гледаме, слушаме, не сме до толку недоветни колку што нѐ есапат. Додека јавно фрлаат чифтиња по судиите, под маса владата и мафијата наголемо си преговараат. Го чувствувате ли прекинот на огнот? Примирјето? Гледате како одбраната на обвинетите во „Рекет“ се води со пропагандни спинови?

Од друга страна, забележувате ли дека никој не се спротивставува на пазарењето? Уште сега може да се предвидат елементите на рекетарскиот детант – власта на Заев не е одговорна за ништо, вината на обвинетите не е толку страшна (сходно на тоа ќе бидат одмерени и казните), вистината за амплитудата на еден мега скандал (за кој во секоја нормална земја половина влада би поднела оставка) ќе се намали до ниво на еден прифатлив политички потрес, што треба да заврши пред изборите и потоа брзо да се заборави до 12 април, по нашиот традиционален принцип „секое чудо за три дена“.

Во ред, другарки и другари, дами и господо, нека ви биде, ако така е одлучено. Но, од таквиот спасоносен исход не можете да направите моја „повисока цел“. Мислам дека и народот не е претерано расположен да учествува во една таква манипулација. Но, вие си знаете подобро од мене. Немојте после да биде пиштење вриштење…
Бланко доверба никому!
Како и да е, повторувам, јас веќе не гледам причина никому да давам бланко доверба за ништо. Искрено очекувам 2020 година конечно да биде година на вистински промени во Македонија.

Кој ќе биде носителот на промените, одлучете самите. Ве повикувам сите – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и сите други релевантни политички партии, здруженија и граѓански активисти – да зборуваме за промените што треба да се случат. Ви нудам простор за таква дебата. До изборите, ајде да зборуваме за реформи наспроти популизам и овој пат навистина за нулта толеранција за криминалот, корупцијата и за клиентилизмот. Ајде да се бориме за вистинска демократија и за толерантен дијалог, да им ставиме крај на пизмата, заканите и на оцрнувањето на сите што мислат поинаку од нас. Ве повикувам да зборуваме за вредностите и целите што допрва треба да ги постигнеме, а не за популистичките наративи кои треба да прикажат колку власта на Заев била „успешна“.
За мене, само така априлските избори ќе имаат некаква смисла. Овој пат мојот глас не го давам на луѓе што не си стојат на зборот, на такви што лажат и што наумиле по кој знае кој пат да нѐ превеслаат жедни преку вода.

А вие, почитувани читатели, како ви е волја. Што ќе посеете, тоа ќе жнеете.
На кој ум да сте, каде и да сте, на сите ви посакувам за време на Новогодишните и Божиќните празници да бидете со вашите најмили (макар во мислите, ако не поинаку), да споделите љубов и да уживате во малку мир и спокојство.

И јас ќе го сторам истото и ќе ве поштедам од моите обеспокојувачки коментари. А потоа, после празниците, борбата продолжува. Знам, звучи како излитено клише, но имам чувство дека Македонија сега навистина очајно нѐ прашува што можеме ние да сториме за неа, а не да бараме таа нешто да стори за нас.

Извор: Плус Инфо

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This