April 28, 2024, 12:36 am

ДОВ ЛЕВИН ЗА ,,РЕПУБЛИКА“: Амбасадори на САД и ЦИА поставуваат влади на Балканот

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Според тоа што го открив во моите истражувања, тие интервенции се извршуваат по наредба од највисоките нивоа на Владата на САД, односно Белата куќа / високи претставници од кабинетот на претседателот. Во рамките на Владата на САД, различни тела се користат за различни видови интервенции. На пример, претставници од Стејт департментот (како на пример локалниот персонал во амбасадите и амбасадорите) се користат за голем дел јавни закани, а ЦИА често се користи за финансирање кампањи и за изведување секакви валкани трикови, вели Левин во интервју за неделникот „Република“.

dov-h-levin-int239-1

САД имаат долга историја на обиди за влијаење во изборни процеси и резултати во други земји, покажува истражувањето на професорот Дов Левин, доктор по политички науки на универзитетот „Карнеги Мелон“ во Пенсилванија. Во интервју за „Република“ Левин вели дека во неговата архива се регистрирани 81 случај на „интервенции во странски избори“ од страна на Вашингтон во периодот од 1946 година до 2000 година. Во оваа бројка не се пресметани воените удари и обидите за смена на режими по изборите на кои победиле кандидатите што не се по мерак на САД. Интервенциите што се предмет на негово истражување, професорот ги дефинира како „скапи активности што се направени за да влијаат на изборните резултати во корист на една од двете страни“. Овие активности, според Левин, се спроведувале тајно (без знаење на јавноста во тие земји) во дури две третини од случаите, а интервенциите вклучувале финансирање изборни кампањи на конкретни партии, ширење дезинформации и пропаганда за противниците, техники за обука на локалното население од само една страна во различни кампањи или техники за убедување на гласачите да излезат да гласаат, помагање на едната страна во изработка на материјали за кампања, јавни изјави или закани „за“ или „против“ одредени кандидати и обезбедување или одземање странска помош.

Неговата студија покажала дека во 59 проценти од случаите страната што имала помош од САД успеала да дојде на власт, иако професорот пресметал дека просечниот ефект од изборните интервенции е само околу три проценти зголемен рејтинг. Податоците од архивата на Левин покажуваат дека САД не се единствената земја што се обидувала да влијае во изборите на другите земји. Русија имала 36 обиди за интервенции во изборите на странска земја во истиот период, од крајот на Втората светска војна до 2000 година. Интересно е да се забележи дека САД интервенирале во десет изборни процеси на Балканот и тоа во сите балкански земји – Југославија, Грција, Бугарија, Албанија и Романија.

 

Во последниве неколку месеци светските медиуми нашироко пишуваa за влијанието на САД во исходот на изборите во други земји. Некои медиуми тврдат дека ваквата политика на Вашингтон не е ништо ново и jа наведoа вашата архива на податоци што ја следи вмешаноста на САД во странски избори во текот на годините. Што точно истражувате и што дознавте за ова прашање?

ЛЕВИН: Моментно ги истражувам причините и ефектите од таквите интервенции (кои јас ги нарекувам партиски изборни интервенции) како што прават и САД и Советскиот Сојуз / Русија. Во суштина, таквите интервенции се дефинирани во базата на податоци (наречена ПЕИГ), како и обидите на странските сили да интервенираат во изборите во другите земји, со цел да помогнат или одмогнат на еден од кандидатите или на партиите користејќи различни видови скапи средства. Јас го создадов ПЕИГ со цел да ги проучувам овие прашања на научен начин. Открив дека и САД и Советскиот Сојуз / Русија многу често интервенирале во избори на овој начин, вмешувајќи се во 117 различни избори од 1946 година до 2000 година или, со други зборови, во едни на секои девет конкурентни избори во текот на овој период.

 

Во колку случаи САД влијаеле на изборниот процес во земји од Балканот? На насловната страница од вашиот труд се наведени повеќе држави -Југославија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија…

ЛЕВИН: Што се однесува до Југоисточна Европа и до Балканот, се разбира дека ниту една од земјите во овој регион немаше конкурентни избори до крајот на Студената војна, со исклучок на Грција и на Турција. Како резултат на тоа, таквите интервенции не биле изводливи (освен во овие две земји) до почетокот на 90-тите години на минатиот век. Имајќи предвид дека Југоисточна Европа и Балканот се честа цел на такви интервенции, САД интервенирале во десет избори во овој регион во периодот меѓу 1946 година и 2000 година. Моето истражување на оваа тема сѐ уште е во тек, но досега открив дека изборната интервенција од кој било што се вмешува може да има значително влијание врз изборните резултати. Прво, сметам дека, во основа, изборните интервенции може да имаат значително влијание во овој поглед, зголемувајќи ги гласовите за кандидатот или за партијата на која ѝ помагаат за околу три проценти во просек. Второ, сметам дека јавноста или отворените изборни интервенции се значително поефикасни од тајните интервенции при помагање на фаворизираната страна.

 

Колку изборни интервенции имаат извршено САД, а колку Советскиот Сојуз / Русија?

ЛЕВИН: САД имаат извршено 81 интервенција од ваков вид во периодот меѓу 1946 година и 2000 година, а СССР / Русија има извршено 36 интервенции во текот на овој период.

 

На кој начин САД ги вршат тие интервенции? Дали ја користат ЦИА, тајни агенти, невладини организации, вработени во американската амбасадата …? И, како доаѓате до заклучок дека владата на САД влијаела на изборните резултати? Ве молам, објаснете ми ја постапката.

ЛЕВИН: Од 1946 година Американците користат различни методи за интервенција, вклучувајќи ги јавните закани и ветувања, тајното финансирање на кампањата на фаворизираната партија или кандидат, „валкани трикови“, како што е објавување точни (или лажни) штетни информации за несаканата страна, обуки за различни напредни кампањски методи и совети, или зголемување на странската помош или друг вид помош пред денот на изборите или повлекување на тој вид помош. Според тоа што го открив во моите истражувања, тие интервенции се извршуваат по наредба од највисоките нивоа на Владата на САД, односно Белата куќа / високи претставници од кабинетот на претседателот. Во рамките на Владата на САД, за различни видови интервенции се користат различни тела. На пример, претставници од Стејт департментот (како на пример локалниот персонал во амбасадите и амбасадорите) се користат за голем дел од јавни закани, а ЦИА често се користи за финансирање кампањи и за изведување секакви валкани трикови. Во неколку случаи од крајот на Студената војна, невладините организации, целосно финансирани и управувани од Владата на САД (како на пример ИРИ и НДИ) се користат за помагање на фаворизираната страна преку, на пример, обука за кампањски методи итн… Сепак, само за да биде сосема јасно, тоа се исклучоци. Повеќе од 99 проценти од работата на невладините организации финансирани од американската влада најчесто е целосно неутрална, со други зборови, невладините организации им помагаат на сите поголеми партии и од левицата и од десницата, или нивната работа нема никаква врска со парламентарните избори во таа земја.

dov-h-levin-int239-2016_12_29-USinterferenceForeignElections

Дали тие методи, исто така, се користат за интервенции на Балканот? Колку од тие интервенции се успешни? Можете ли да ми кажете дали постојат слични методи што се користат во сите овие случаи (на Балканот), или барем во повеќето од нив? Би можеле ли да ми дадете детали за овие случаи?

ЛЕВИН: Тоа, секако, зависи од тоа како точно се дефинира успехот. Ако успех се дефинира како ситуации во кои страната на која ѝ се помага дојде или остане на власт по изборите, тогаш САД успеале во пет од овие случаи (и двете советски интервенции под овие критериумите беа неуспешни). Што се однесува до методите што се користат во изборните интервенции на Балканот, сите овие методи, колку што знам, се користеле во овие случаи каде што во секој конкретен случај се користеле различни видови методи за интервенција. Пример за таква успешна интервенција што се извршила на Балканот е интервенцијата на САД во изборите на Југославија во 2000 година. Во овој случај, САД интервенирале во изборите во Југославија со цел да се спречи лидерот на Југославија, Слободан Милошевиќ, да биде реизбран. Милошевиќ бил директно вклучен во големи злосторства против човештвото и во Босна и во Косово и се сметало дека неговото однесување го дестабилизира Балканот. Владата на САД била загрижена дека ако Милошевиќ остане на власт, тој ќе продолжи да ги крши човековите права, а, можеби, и ќе почне нови конфликти на Балканот. Па, така, САД решиле да интервенираат во тие избори за српската опозиција и за главниот кандидат на опозицијата, Воислав Коштуница. Така, на пример, Владата на САД ѝ дала на српската опозиција 5.000 лименки со спреј за графити, кои опозицијата ги искористила за ширење пропаганда против Милошевиќ на ѕидовите низ целата земја. Таа, исто така, ѝ дала 2,5 милиони налепници со различни слогани против Милошевиќ или, со други зборови, една кампањска налепница за секој трет Србин. САД, исто така, обучиле 5.000 членови на опозицијата за различни кампањи и техники за придобивање гласови. Тие дури и испратиле неколку американски советници што спроведувале анкети за опозицијата и ги советувале за кампањската стратегија. Конечно, во неделата пред изборите, во обид и понатаму да ги зголеми шансите на Коштуница, владата на САД, исто така, јавно ветила дека ќе ги повлече санкциите на САД за Југославија ако Милошевиќ ја загуби власта. Во моето истражување проценувам дека таа американска интервенција за Коштуница одигра клучна улога во неговата победа во тие избори.

 

Дали резултатите од вашето истражување се веродостојни? Мислам, постојат голем број теории на заговор… Зошто луѓето би верувале дека информациите во вашата база на податоци се реални?

ЛЕВИН: Податоците во ПЕИГ се базираат на информациите што ги собирам од различни високодоверливи извори. На пример, изворите за случаите за американската изборна интервенција што јас ги користев вклучуваат: декласификувани американски владини документи, резултати од истраги на Конгресот на САД за активностите на Владата на САД и сведоштва од поранешни американски владини претставници, кои, на некој начин, биле вклучени во одредена интервенција. Во ПЕИГ се вклучени само случаите каде што беа пронајдени сигурни извори што потврдуваат дека, навистина, се случила изборна интервенција. Случаите каде што постоеја такви обвинувања, а јас не можев да обезбедам сигурни докази за тоа, беа исклучени од ПЕИГ. Секако, како академик, јас се обидувам да ги испитам изборните партиски интервенции на научен начин – така што во моето истражување собирам и податоци од највисоките општествени научни стандарди. Делови од ова истражување веќе беа објавени во големи рецензирани академски журнали за меѓународни односи.

 

Рековте дека околу една третина од интервенциите биле јавни, а две третини од нив биле тајни. Ве молам, објаснете ја разликата.

ЛЕВИН: Јавните изборни интервенции се ситуации во кои актите што се прават со цел да се влијае на изборите им се познати на просечните гласачи во засегнатата земја и се дизајнирани да бидат јавни. Тајните изборни интервенции се случаи во кои актите на интервенција во корист на фаворизираната страна или не се познати за јавноста во засегнатата држава пред изборите или тие не знаат за врската меѓу актите и тој што се вмешува.

 

Имате ли информации за вакви интервенции во годините на администрацијата на Обама? Ние знаеме дека Израел се пожали дека администрацијата финансирала левичарски групи да влијаат на изборите, што доведе до конгресна истрага.

ЛЕВИН: Секако, колку што сме поблиску до денес, толку е потешко да се знае дали се случила партиска изборна интервенција од таен тип. Тоа е една од причините што ПЕИГ и моите напори за собирање податоци завршија во 2000 година. Според тоа, премногу е рано да се каже колку често администрацијата на Обама интервенирала на овој начин во странски избори низ светот за време на нејзиниот мандат. Изборите во Израел во 2015 година се добар пример за случај каде што сѐ уште е премногу рано да се каже дали САД интервенирале или не. Но, сигурен сум дека администрацијата на Обама интервенирала во најмалку три избори за време на својот мандат: во Либан во 2009 година, во Авганистан во 2009 година и во Кенија во 2013 година.

 

Организацијата „Џудишал воч“, позната по своите истражувања за корупцијата за време на мандатот на Обама, неодамна напиша анализа за проблемот известувајќи дека „Владата на САД тивко троши милиони долари од даночните обврзници за дестабилизација на демократски избраната централнодесничарска власт во Македонија, во соработка со левичарскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос“. Набљудувачката група тврди дека Џес Бејли, изборот на Обама за амбасадор во Македонија, работи зад сцената со Соросовата Фондација „Отворено општество“ за префрлање големи суми американски долари за каузата, што претставува мешање на американскиот амбасадор во домашните политички прашања и кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи. Дали промовирањето политички партии или нивни коалиции од страна на невладините организации финансирани од амбасадорот на САД и од Владата на САД и заземањето страни во изборната кампања може да се смета како интервенција во изборите и во изборните резултати?

ЛЕВИН: Со оглед на последните настани и според информациите што се јавно достапни засега, премногу е рано да се каже тоа во случајот со Македонија. Да се надеваме дека претстојната истрага ќе ги разјасни работите во овој поглед.

 

Разговараше: Ненад Мирчевски
(Интервјуто со Дон Левин е објавено во 239. број на неделникот Република, 31.03.2017)

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This