Заев по лидерската средба вчера информираше дека можното прашање на референдумот ќе биде – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Tој рече дека референдумот ќе биде консултативен.

Во прилог законските одредби за Референдум:

Референдум е облик на непосредна демократија, односно  облик на  непосредно учество на граѓаните во вршење на државната власт и донесување политички одлуки. По пат на референдум граѓаните се изјаснуваат (непосредно и тајно) дали се за или против одреден закон, акт, политичка или друга одлука кои се веќе донесени или нивното носење се планира.

Референдумот може да биде во областа на Уставот, законодавството, администрацијата, финансиите или меѓународното право и односи. Тој може да биде обврзувачки или советодавен, по времето на одржување може да биде претходен или дополнителен, а по дејството на одлуката може да биде конститутивен или аброгативен. Референдумот е најчест облик на непосредна демократија и како таков е предвиден во уставите на многу земји во светот. По честото користење референдумот се користи во Швацарија, како и скандинавските земји.

Референдум е гласање на избирачкото тело “3а“или “Против“ понудениот предлог. Граѓанската иницијатива е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето преку покренување на иницијативи пред Собранието на Република Македонија, преку советите на општините, Градот Скопје и општините во градот Скопје.

ЗАКОНСКИ ОДРЕДБИ

Во македонското законодавство е предвидено одржувањето на референдум и изјаснување на граѓаните, но во пракса тоа тешко се спроведува. Досегашните малубројни примери укажуваат дека единствено успешен бил референдумот за осамостојување на Република Македонија.

Според членот 6 од Законот за референдум, тој може да се распише за целата територија на Република Македонија, како и за подрачјето на општината, градот Скопје и општините во Градот Скопје (референдум на локално ниво)

Право на гласање на референдумот имаат граѓаните кои имаат избирачко право и се наоѓаат на Избирачкиот список (член 7)

Според законскиот пропис, одлуката донесена на референдум може да биде задолжителна, а може и да биде само консултативна, тој редовно се одржува во недела, а во ист ден можат да се одржат и неколку референдуми.

Референдум на државно ниво распишува Собранието на Република Македонија.Според член 23 од Законот, Референдум на државни ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави.

Референдум на државни ниво може да се распише и за потврда на меѓународни договори, за одлуките донесени од Собранието, за прашања кои треба да се уредат со закон, или за преоценување на закон кој е претходно донесен.

Од тука постои претходен референдум, кој се однесува на одредено прашање кое треба да се уреди со закон, и Дополнителен референдум кој се однесува на преоценување на веќе донесен закон.

Референдум на државни ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на Буџетот на РМ и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на РМ, за прашања на изборите, за именувања и разрешувања како и за амнестијата.

Референдум на државно ниво не може да се донесе ниту за прашања кои се однесуваат на одбраната, воена и вонредна состојба, ниту за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници ои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.(член 28)

Одлуката за менување на границата или за стапување или истапување од сојуз е задолжителна, доколку за неа се изјасниле мнозинството гласачи, но доколку на референдумот излегле повеќе од 50% од запишаните избирачи во Избирачкиот список.

Референдум на локално ниво распишува Советот на општината, Градот Скопје и општините на Градот Скопје, по сопствена иницијатива или по иницијатива на најмалку  20% од граѓаните во општината, Градот Скопје или општините во Градот Скопје.

Советот може да распиште референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност, за кои со закон е овластен да одлучува.

Референдум на локално ниво може да се распише за донесување одреден пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, или за преоценување на пропис што е претходно донесен.

И на локално ниво има претходен и дополнителен референдум.

Референдум на локално ниво не може да се распише за прашања кои се однесуваат на Буџетот, и завршната сметка на Буџетот на општината, за прашања за кои Советот на општината одлучува со мнозинство гласови, а одлуките од референдумот се  сметаат за донесени доколку гласале повеќе од половина од запишаните граѓани во Избирачкиот список во дадената општина.

Граѓанска иницијатива на државно ниво се покренува на иницијатива на 100 граѓани. Може да се покрене за пристапување кон промена на Уставот, предлагање на донесување закон и за распишување на референдум на државно ниво. Иницијативата за референдум на државно ниво се поднесува од овластен потписник со претседателот на Собранието, кој откако ќе утврди дали иницијативата е во согласност со членот 66 од Законот за распишување референдум, и во ро од три дена го известува овластениот потписник за заклучокот.

Кога претседателот на Собранието утврди дека е неуредна иницијативата, тој ја става на дневен ред пред Собранието, во рок од 15 дена, а Собранието прави заклучок дали е уредна или не е уредна.

Во случаи кога иницијативата е уредна, почнува постапката за собирање потписи да тече 20 дена по денот на доставување на известувањето од претседателот на Владата на република Македонија до органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право.

Преддлагачот е должен граѓанската иницијатива на државно ниво да ја спроведе во рок од три месеци од добивањето на известувањето на нејзината уредност.

Граѓанската иницијатива на државно ниво за поднесување на предлог за пристапување на измена на Уставот и за распишување на референдум се смета за покрената ако најмалку 150.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата. (член 71)

Граѓанска иницијатива за предлагање за донесување закон се смета за покрената ако најмалку 10.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата.

Граѓанска иницијатива на локално ниво се покренува  пред советот на општината, Градот Скопје и општините во Град Скопје, на предлог на 100 граѓани.

Таа се доставува до претседателот на Советот, кој во рок од три дена мора да го извести овластениот предлагач на иницијативата.

Предлагачот е должен иницијативата да ја спроведе во рок од еден месец од денот по добивањето на известувањето за нејзината уредност.