Европската Унија ja изгyби cвojaтa дyшa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Европската Унија не ѝ дозволи на Македонија да ги почне пристапните преговори за членство и покрај исполнетите услови и ѝ дозволи Бугарија да ја блокира европската иднина на земјата заради билатерални прашања, односно поради уцената да прифати дека македонската историја, јазик и нација се со бугарски корени.

И покрај блокадата, македонскиот државен врв смета дека не е сè изгубено – шефот на дипломатијата Бујар Османи гледа мали теоретски шанси до крајот на годината преговорите да почнат, а вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека уште ќе се разговара со Бугарија, која треба да се убедува дека „правото на самоопределување не може да биде пречка за европски интеграции или за добрососедство“.

Според бугарскиот државен врв пак, Македонија ќе добива вето и блокади сè додека не ги прифати бугарските барања – според претседателот Румен Радев прво „треба да се искорени антибугарската реторика и говорот на омраза и објективно да се признае историската вистина“, а според европратеникот Адреј Ковачев, „потребна е поголема храброст од премиерот Зоран Заев и изнаоѓање други механизми за спроведување на Договорот за добрососедство ако во историската комисија се плашат да ги прифатат фактите“.

Преговорите со Бугарија продолжуваат

Според министерот Османи, сѐ помали се можностите неделава на министерскиот и на состанокот на лидерите од земјите членки на ЕУ да се отвори прашањето за проширувањето и да има одлука за одобрување на преговарачката рамка што ја блокираше Бугарија. Вчера на состанокот на Советот за општи работи точката за проширувањето на ЕУ, не беше ставена на дневен ред откако претходно амбасадорите на земјите членки со месеци не успеаја да се усогласат околу текстот на преговарачката рамка за Македонија заради бугарските инсистирања.

– Процесот се отвора денеска со Советот за општи работи кој ќе се одржи онлајн. Таквите средби се неформални и на нив не може да се донесе одлука, која треба претходно да се усогласи. Останува уште Европскиот совет во четврток на состанокот на премиерите и шефовите на држави, кој исто така е една теоретска можност да се отвори прашањето, но како поминуваат деновите, сè помали се можностите – рече министерот за надворешни работи.

Тој оцени дека целиот процес несреќно се нашол помеѓу два изборни процеси, во Македонија во јули годинава, а во Бугарија во март догодина, но очекува дека во наредниот период ќе спласнат емоциите и затоа треба да се продолжи да се разговара со Бугарија.

– Јасни се нашите позиции. Идентитетските атрибути што произлегуваат од правото на самоопределување не се тема и Бугарија за првпат јасно кажа дека не претендира кон тие прашања. Постигнавме и други формулации по однос на други прашања и сега треба тоа да го надоградиме до целосно разбирање за да може да продолжи процесот. Го разбирам гневот и јас имам гнев. Јас работам долг период по ова прашање и сакав денеска да имаме пробив. Но, не смееме со таа ограничена логика да влеземе во процес на постигнување на нашата стратешка цел – рече Османи и додаде дека со Бугарија се надминати прашањата за краткото име на земјата, говорот на омраза, прашањето на малцинствата и за економската соработка.

Вицепремиерот Димитров со поостар тон ја оцени бугарската блокада како голем удар за европската политика кон Балканот, но и тој смета дека „не смееме да паднеме во замка и да очајуваме, туку треба да работиме и да се европеизираме“.

– Има добра волја кај многу земји членки на ЕУ да ни помогнат да се европеизираме дома и да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди своите членки да си ги почитуваат сопствените вредности. Деновиве јас контактирам со многу колеги и правиме еден план како да ги вклучиме во нашата европска домашна агенда. Ако периодов не може да почне овој формален пристапен процес кој е обременет со билатерални прашања и вета, да си ја европеизираме земјата со земјите членки кои гледаат дека апсолутно заслужуваме. Германското претседателство, Германија е една. Извештајот од октомври покажа дека самиот пристапен процес не прави чуда, ние по политичките критериуми дури имавме и извесна предност пред земји кандидати кои се во преговорите. Затоа да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди сите свои земји членки да бидат на линија на сопствените вредности – рече вчера Димитров.

Рот: Блокадата е тешка грешка што ќе ја загрози Европа

Германскиот министер за Европа Михаел Рот рече дека Македонија не може да ги почне преговорите заради „билатералните барања на една земја членка кон кои другите 26 земји членки не можат да се приклучат“, а неуспехот го оценува како тешка грешка, која може да ја загрози безбедноста на Европа.

– Како претседавач со ЕУ, правиме сѐ што можеме за во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови, и со Албанија. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни – изјави вчера Рот пред онлајн состанокот на министрите за надворешни работи, за кој најави дека и покрај неуспехот, повторно на дневен ред ќе ја стави темата за проширувањето на ЕУ.

Прашан како ја коментира изјавата на министерот Рот, Димитров порача дека германското претседателство е силен поддржувач за евроинтеграции.

– Германското претседателство силно турка напред за ова да успее, верувајќи дека процесот на европеизација на Балканот е важен за ЕУ и во безбедносна, и во политичка и во економска смисла – рече Димитров.

Во Брисел деновиве има фрустрација од бугарската блокада за Македонија, чија ЕУ-интеграција се сметала за апсолвирано прашање по потпишувањето на Преспанскиот договор и усвојувањето на новата методологија за проширување.

– Германското претседателство е фрустрирано што не беше возможно да се постигне прогрес за преговарачката рамка со Северна Македонија. Направивме сѐ што можевме вклучително и олеснување на компромис помеѓу Бугарија и Северна Македонија и не сме задоволни што Бугарија ги блокира пристапните преговори поради билатерални прашања со Северна Македонија, а поради ова земјите членки сметаат дека не може да се напредува ниту со Албанија – изјавил висок дипломатски извор на ЕУ, пренесува МИА.

Дваесетина пратеници од ЕП бараат Македонија да ги почне преговорите

Пратеници од сите политички партии во Европскиот парламент бараат да не се испушти шансата за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија до крајот на годината. Тие во отворено писмо предупредуваат дека блокирањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија го загрозува кредибилитетот на ЕУ на Западниот Балкан и повикуваат Бугарија и Македонија да најдат компромис за билатералните прашања, за да се избегне натамошно одлагање на процесот.

„Бугарија треба да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија што е можно побрзо и со тоа да оддаде признание за напорите на земјата во пристапниот процес кон ЕУ. Македонската страна исто така треба да го вложи секој можен напор за решавање на споровите“, се вели во писмото, кое е потпишано од известувачот за Македонија во ЕП, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук и од други пратеници како Тања Фајон, Дејвид Макалистер, Рајнхард Бутикофер и други.

Ѓоргиев: Препораката за заедничко чествување не е и препорака за учебници

Не се коректни обвинувањата дека македонската страна не ги вметнува препораките за промена на учебниците, кога и во бугарските учебници не се внесени нашите препораки, вели за „Слободен печат“ копретседателот на Мешовитата комисија за историски прашања Драги Ѓоргиев, коментирајќи го интервјуто на неговиот бугарски колега Кирил Топалов, каде што историчарот истакнува дека Бугарија би била „глупава ако даде зелено светло за евроинтеграциите на Македонија, а во исто време преку учебниците во Скопје продолжува да се мрази роднинската земја“.

Претходно Топалов рече дека пред две години била прифатена формулацијата дека цар Самоил е наследник на бугарската царска традиција и основач на големата бугарска држава со престолнина во Охрид и обвинува дека во македонските учебници сѐ уште пишува дека тој е цар на Македонската држава. Ѓоргиев, пак, вели дека бугарските историчари инсистирале на едностран пристап за учебниците, која се разликува од препораката за заедничко чествување на значајни историски личности.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This