КАРАКАМИШЕВА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ИНФОМАКС: Кај гласачите постои страв, нема услови за фер и демократски избори

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Професорката Тања Каракамишева во интервју за Инфомакс истакна дека фер, кредибилни и демократски избори може да се спроведат само кога ќе нема страв кај гласачите. Таа посочува дека стравот може да биде од различни причини, во нашиот пример причината е пандемијата на коронавирусот и брзи избори во екот на епидемијата во никој случај не можат да бидат фер и демократски. Каракамишева го потенцира и ставот на претседателката на ОБСЕ која во неколку наврати вели дека избори организирани во време на пандемија не можат да ги исплонат меѓународните стандарди.

-Принципите фер, кредибилни и демократски избори се применуваат во услови кога изборите се организираат и спроведуваат без страв од гласање. Стравот може да биде од различна природа, но во услови на распространета пандемија која власта ја нема под контрола најевидентен е стравот од загрозување на здравјето на гласачите и на членовите на изборната администрација, а со тоа и на нивниот живот. Граѓаните се исплашени од последиците што пандемијата ги остава врз нивното здравје, така што логично е да се изведе заклучок дека евентуалното организирање на избори во вакви услови нема да можат да се оквалификуваат како фер и демократски. И не случајно претседателката на ОБСЕ, во неколку наврати изминатите месеци, потенцира дека организирање избори во услови на епидемија можат да не ги исполнат меѓународните стандарди. Таа во една своја неодамнешна изјава рече: „Вистинска изборна кампања и реална политичка дебата се најважните услови за организирање на демократски избори, како и можноста за непречено и мирно гласање“. Таа нагласи дека гласачите мора да бидат запознати со програмите и со понудите на сите кандидати со цел да го направат вистинскиот избор, што во услови на пандемија е практично невозможно, вели професорката.

Каракамишева посочува и на ставот на Венецијанската комисија од 26 мај 2020 година кој говори токму на темата избори во време на корона. Според Комисијата пандемијата го загрозуваа и доведува под прашање фер и демократскиот карактер на изборите. Пандемијата на коронавирусот ја доведува под знак прашалник и изборната кампања.

Во најновото мислење на Венецијанската комисија од 26 мај, 2020 година „Почитување на демократијата, човековите права и владеењето на правото за времетраењето на вонредната состојба-рефлексии“, Комисијата истакнува дека организирањето избори во време на пандемија го загрозува фер и демократскиот карактер на изборите, односно тој е доведен под знак прашање. За да може изборите да бидат во согласност со демократските принципи содржани во Кодексот на добри практики за изборните прашања, мора да биде возможно не само да се даде гласот од страна на граѓаните, иако и тоа знае да биде мошне проблематично за време на пандемија, туку и да се има отворена и фер изборна кампања меѓу учесниците на изборите. Вистинска изборна кампања и реална дебата меѓу учесниците на изборите се исто толку важни колку што и самата можност на избирачите да гласаат. Венецијанската комисија во неколку претходни мислења има нагласено дека „одржувањето на демократски избори и самото постоење на демократија во нив е невозможно без почитување на човековите права, посебно на слободата на изразување и слободата на медиумите, како и слободата на здружување за политички цели, вклучително и слободата на основање партии. Почитувањето на овие слободи е клучно во изборна кампања. Ограничувањето на овие фундаментални права и слободи мора да биде во согласност со Европската конвенција за човековите права, или поопшто, со барањата содржани во закон како неопходен услов за заштита на јавниот интерес и принципот на пропорционалност“, додава професорката.

Според Карамаишева во вакви услови голем е ризикот од повредата на фундаметални изборни принципи, особено принципот на еднаквост на можностите и слободата на гласачите да формираат свое мислење со што се поткопува демократичноста на изборите.

-Во услови на пандемија, ризикот од повреда на фундаменталните изборни принципи е голем, посебно принципот на еднаквост на можностите и слободата на гласачите да формираат свое мислење. Ограничувањата на овие слободи и права ја поткопуваат демократичноста на изборите. Еве дури и да сакаме да ги игнорираме европските стандарди и хипотетички да кажеме дека можеме да одиме на избори и без нивно почитување, партиите мора да го земат предвид јавното мислење и расположението на граѓаните за одржувањето на брзи избори веднаш по вонредната состојба. Податоците содржани во најновата анкета на ИППИ дава реален показател какво е мислењето на граѓаните за одржувањето на брзи избори во услови кога дури 48% од испитаниците сметаат дека Македонија е најлоша во регионот во справувањето со пандемијата, и дека над 40% сакаат избори подоцна, односно во септември. Од друга страна, во повеќе наврати до сега сум потенцирала дека Македонија е должна да ги почитува мислењата на Венецијанската комисија и на ОБСЕ-ОДИХР, а токму во едно од тие мислења Венецијанската комисија дала позитивна оценка на Уставот на Грузија, односно на уставната одредба дека е добро одржувањето на изборите да биде по 60 дена од престанокот на вонредната состојба. Оваа позитивна оценка не се однесува само на Уставот на Грузија, како што СДСМ сака да манипулира и спинува. Венецијанската комисија преку анализата на уставните и законските решенија на државите создава правни стандарди познати како soft law кои треба да бидат почитувани од сите земји-членки на Советот на Европа, потенцира професорката, вели Каракамишева.

Во однос на легалитетот на одржувањето на избори таа смета дека голем дел од работите се изместени од правната логика и систем.

-Во однос на легалитетот на одржувањето на изборите мислам дека многу од работите се изместија во својата правна логика и систем. Имено, Владата донесе уредба за прашања поврзани со изборниот процес со која уредба се прекинаа сите изборни дејствија и со која владата ја задолжи ДИК да ги продолжи изборните дејствија таму каде што застанале од денот на престанокот на вонредната состојба. Во меѓувреме, Уставниот суд под политички притисок оцени дека оваа уредба е уставна, без да ја оцени и нејзината законитост. Поведување постапка за оценка на законитоста на уредбата е неопходна од причина што владата оригинерно и изворно нормирала ситуација која не е предвидена во Изборниот законик, што како ситуација е спротивно на одлуката на Уставниот суд, У.бр. 49/2019 од 12 мај 2020 година, („Службен весник“ бр. 135 од 26.5.2020 година). Во образложението на одлуката, на страна 5, Уставниот суд прецизно го утврдил следново: „Неспорно е дека Уставот ја овластил Владата да донесува уредби со законска сила за време на вонредна состојба, но, исто така Уставот го ограничил тоа овластување на Владата, уредувајќи дека тоа мора да биде во согласност со Уставот и со закон, а во конкретниот случај, Владата, без никаква уставна, а со тоа и законска основа, донесува уредба со законска сила со која се врши ограничување на слободи и права на граѓаните вработени во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Членот 126 од Уставот на кој се повикува Владата, само уредува овластување за Владата да може да донесува уредби со законска сила до завршување на вонредната состојба, меѓутоа, тоа уставно овластување никако не значи и не подразбира да може Владата, арбитрарно, по своја сопствена проценка и оценка, самата, слободно да одлучува кои слободи и права ќе ги ограничи со уредба, кого се´ ќе опфати со ограничувањата, а кого не, што впрочем и се прави со предметната уредба и нејзините дополнувања. Ограничувањата на слободите и правата за време на воена или вонредна состојба, според членот 54 од Уставот, можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и исклучиво според одредбите на Уставот и не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3), вели професорката. Уставната определба, уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, упатува на тоа дека уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби, а не со истите изворно, оригинерно да се нормира одредена ситуација која не е предвидена со Уставот или со закон, а уште повеќе, со истите, изворно, да се уредува ограничување на слободи и права за човекот и граѓанинот, кои патем, воопшто не се предмет на ограничување со Уставот, следствено ниту со закон“, вели Каракамишева.

Професорката има замерки и за уредбите со законска сила кои мора да бидат во согласност со Устав и со закон. Таа поконкретно забележува дека ниту со Устав ниту со Изборниот законик не е регулиран институт за прекинување на изборни дејствија како што впрочем стои во Уредбата на Владата.

-Како што е констатирано во одлуката на Уставниот суд „уредбите со законска сила, согласно член 126, став 1 од Уставот, мора да бидат во согласност со Уставот и со закон“. Во конкретниот случај, ниту со Уставот, ниту со Изборниот законик, не е регулиран институт прекинување на изборни дејствија како што стои во Уредбата, со што владата арбитрерно и своеволно извршила прекинување на изборните дејствија и се впуштила во изворно регулирање на прашања поврзани со изборите што е спротивно на одлуката на Уставниот суд. Едновремено, со непочитувањето на Изборниот законик, владата го повредила начелото на владеење на правото, односно правната хиерархија на актите во земјата. Изборниот законик, согласно правната хиерархија на актите, е над уредбата со законска сила.
Покрај горенаведеното, оваа уредба е правно проблематична и од следниве причини: прво, владата ниту според Уставот, ниту според Изборниот законик, нема надлежност да се меша во организирањето, ниту во извршувањето на изборните дејствија. Иако оваа влада е влада за спроведување на избори, сепак, тоа не и дава право да навлегува во прашања што не се нејзина надлежност. Ниту денот на распишувањето на изборите, ниту спроведувањето и организирањето на изборните дејствија не се во нејзина надлежност. Владата нема право да и наложува на ДИК кога да го направи изборниот роковник и како истиот да го димензионира во услови кога не е познат новиот изборен ден. А ДИК не може да знае кој ќе биде новиот изборен ден, кога неговото утврдување согласно член 67, став 4 од Уставот, е во рацете на претседателот на Собранието, кој е единствен надлежен орган за распишување на изборите. По утврдувањето на новиот изборен ден ДИК практично ќе треба да ги започне сите изборни активности од почеток. Потребно е ново ажурирање на Избирачкиот список, бидејќи во меѓувреме имаме многу граѓани кои наполниле 18 години и добиваат избирачко право согласно со Уставот. Неправедно и неуставно би било на овие лица да им се одземе правото да гласаат поради тоа што ДИК, согласно недозволените инструкции на владата, немал можност да направи ново ажурирање на Избирачкиот список. Како што стојат работите, ако доследно се применува уредбата на владата, ДИК треба да продолжи таму каде што застанале изборните дејствија до носењето на уредбата, што практично значи дека ДИК нема да има можност да го ажурира списокот. Ажурирањето е важно и за прочистување, односно бришење од списокот на лицата кои во периодот починале. Потребно е повторно да се запишат лицата кои се вратени во државата и кои сакаат да го остварат правото на глас во земјата. Станува збор за голема бројка на лица кои поради пандемијата се вратија во Македонија, посочува Каракамишева.

Според неа Државнатаизборна комисија по престанокот на вонредната состојба не е обврзана да ја следи уредбата со законска сила на Владата бидејќи со завршувањето на вонредната состојба престануваат да важат и уредбите со сила на закон.

-По престанокот на вонредната состојба, согласно член 126, став 2 од Уставот, уредбите со законска сила што владата ги донела во вонредна состојба престануваат да важат. Ова не е само уставна одредба, туку и мислење на Венецијанската комисија во кое јасно се наведува дека „уредбите треба да го изгубат својот правен ефект во моментот на престанокот на вонредната состојба“. Ова значи дека ДИК откако ќе престане вонредната состојба не е обврзана да ја следи уредбата со законска сила на владата, односно ќе мора да работи согласно со Изборниот законик. Со оглед дека Законикот не познава институти како „прекинување“ и „продолжување“ на изборните дејствија, истите ќе мора да се вратат од почеток. Откако ќе биде утврден нов изборен ден, ДИК ќе биде должен да направи нов изборен роковник по кој ќе ги утврди роковите за сите со закон утврдени изборни дејствија. Во однос на поднесените пратенички листи ДИК ќе мора да ја испита нивната валидност согласно новонастанатата изборна состојба и да заземе став дали ќе ги прифати веќе поднесените листи или ќе бара поднесување на нови согласно почитувањето на пасивното избирачко право на секој граѓанин и достапноста на пратеничката функција на секој што има избирачко право, додава таа.

Професорката гледам проблем и во тоа како се трошат народните пари кои според неа се злоупотребени од страна на власта за предизборен поткуп.

-Дополнително на ова, сакам да го потенцирам и моментот со злоупотреба на буџетски средства од страна на власта за предизборен поткуп и дискриминаторски однос на власта кон граѓаните. Со уредбата за финансиска поддршка на одредени категории граѓани од т.н. трет сет финансиски мерки Владата ги дискриминира граѓаните кои не се предвидени како корисници на финансиската помош со што го крши Уставот и меѓународните документи за човековите права. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во став 1 (член 1, Протокол 12 од ЕКЧП) што се смета за повреда на Конвенцијата, иако може да не е повредено ниту едно друго право од Конвенцијата, вели професорката.

Сите овие дејствија на владата потенцира Каракамишева одат на штета на демократскиот амбиент во кој треба да се организираат едни избори.

-Европскиот суд за човекови права е јасен во делот на забраната од дискриминација и вели дека ниту една „карактеристика, обележје, статус не смее да биде основа за разликување на лицата или групите на лица едни од други“. Со уредбата, Владата направи збирна/кумулативна и повеќекратна дискриминација со заштитена карактеристика и статус (имотна и статусна припадност, возраст, една професија), обезбедувајќи им повластен статус на повеќе таргетирани групи што власта смета дека во моментов треба да ги заштити како најпогодени од пандемијата, а ги заборави другите групи и поединци кои, исто така, имаа/т конкретен ангажман во санирањето на негативните последици од пандемијата и еднакво беа погодени со последиците од пандемијата (припадници на полицијата, Армијата, матичните и другите доктори, лицата вработени во кризните штабови, фармацевти, вработени во маркети, дистрибутери на храна и слично). Со уредбата Владата нема објаснето методологија врз основа на која е направена поделбата на привилегирани и непривилегирани граѓани во државата поради што Владата постапила арбитрерно и се наметнала над граѓаните со што е повредено начелото на владеење на правото. Сите овие дејствија ги повредуваат основните принципи за организирање на фер и демократски избори, и одат на штета на демократскиот амбиент во кој треба да бидат организирани парламентарните избори, вели Каракамишева.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This