April 28, 2024, 12:58 am

Коцapeв има да ви каже нешто: Ја избpишавте Македонија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во најновата колумна за „Нова Македонија“ анализирајќи ги членовите од Преспанскиот договор, вели дека истиот го брише, а не го гарантира, македонскиот идентитет.

Коцарев вели дека за оваа колумна бил поттикнат од оваа изјава: „Пред Преспанскиот договор, за целиот свет сме биле ФИРОМ, а денес сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски јазик. Јас сум го потпишал тој Договор, сум го преговарал тој Договор и апсолутно целосно ги гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема кога се употребува на Северна Македонија, а кога македонско, Македонец, Македонка и така натаму.“

-Во врска со општоприфатеноста на македонскиот идентитет пред и по ПД, би сакал да подвлечам дека тврдењето „пред Преспанскиот договор, за целиот свет сме биле ФИРОМ“ апсолутно не е точно. Имено, а за тоа веќе пишував во „Нова Македонија“, пред ПД за осумдесет проценти од светот, вклучувајќи ги десетте најмногубројни држави во светот и трите суперсили Кина, Русија, САД, нашата држава беше именувана како Република Македонија, а не ФИРОМ.

Членот 7 од Преспанскиот договор

Како што се изјаснив и претходно, членот 7 од ПД е клучен за идентитетските прашања, па затоа подолу ќе се задржам подетално на него. Но би сакал да укажам дека, во принцип, т.н. „задолжителни норми на меѓународното право“ (Jus cogens), во кои влегуваат и човековите права, што го вклучува и правото на припадност кон национален идентитет, не може да бидат регулирани со меѓународни договори. Пред да пристапам кон толкување на членот 7, би потсетил дека под идентитет се подразбира: „именскиот и колективниот идентитет, културниот идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозниот идентитет, етничкиот и национален идентитет, кои ја чинат посебната – македонската историска содржина“, пишува Коцарев во колумната.

Тој вели дека недореченоста остава простор временскиот период да се реши произволно, со апсолутно отворена можност на целосна штета на државата Македонија, или, на пример, со друг договор, но не со државата Грција, туку, на пример, со државата Бугарија.

-Тука, пред сѐ, би сакал да истакнам дека оваа колумна нема за цел негирање на правото на Грција да ја гледа историјата така како што сака и ја доживува, бидејќи секој има право на свое минато. Впрочем, според став 2, граѓаните на државата Грција во регионот Македонија може себеси да се нарекуваат Македонци и, според став 3, граѓаните на државата Македонија, исто така, може себеси да се нарекуваат Македонци. Меѓутоа, според став 4, двете држави изјавуваат дека официјалниот јазик и преостанатите одлики на државата Македонија не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на државата Грција. Така, за да направам разлика меѓу Македонците во државата Грција и Македонците во државата Македонија, ќе ги користам термините „елински Македонци“ и „словенски Македонци“, соодветно. Покрај претходно забележаната недореченост на временскиот период во овој член, во продолжение ќе набележам и дополнително толкување, кое покажува дека членот 7 не само што не го гарантира туку, всушност, го брише македонскиот идентитет. Имено, овој член ја определува просторната рамка за употребата на термините „Македонија“ и „македонски“ или, со други зборови кажано, во северниот регион на државата Грција нема словенски Македонци, бидејќи терминот Македонија во државата Грција е веќе резервиран не само за областа и народот во северниот регион на Грција туку и нивните одлики, вклучувајќи ги елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден. Така, спротивно на историските факти, овој договор тврди дека во регионот Македонија во државата Грција од антиката до денес живееле само елински, но не словенски Македонци. Тргнувајќи од фактот дека дејствувањето на словенските Македонци во државата Грција е дел од македонскиот идентитет, произлегува дека ПД, како што претходно истакнав, го брише, а не го гарантира, македонскиот идентитет, забележува Коцарев.

целата колумна на Коцарев може да ја почитате ТУКА

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This