Лесно е да си Македонец, а потешко да ја одржиш Македонштината

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

„Не постои патриотска обврска да му помогнеш на политичар да напредува во кариерата кој инаку се залага за интереси кои се неетички според твоите вредности,“ – ќе изјави во една прилика Џон Болтон, контроверзниот радикал ангажиран од претседателот Доналд Трамп како советник за национална безбедност на САД во поранешната американска администрација.

„Кога луѓето се плашат од власта, тоа е диктатура. Кога власта се плаши од народот, тоа е слобода!“

 “Кога еден човек ќе добие доверба од јавноста, тој треба да се смета себеси за јавна сопственост“.

„Патриотизмот е чувство што наводно сите треба да го имаат. Но, зошто? Зошто е поблагородно да ја сакаш својата земја отколку нечија друга?“

Македонија, во изминатите 30-тина и повеќе години, се соочува со искривоколчена слика на зборот патриотизам, во нашиот случај МАКЕДОНИЗМОТ!

 Што е воопшто Македонизмот? Национална идеологија и политичка доктрина заснована на чувството на македонската припадност и македонската национална самобитност, што се објаснува со античко македонско наследство, во поткрепа на националната посебност и самобитност на Македонскиот народ во однос на соседните народи!

Односно, македонизмот (или македонството) е национална концепција во борбата за етнокултурна и државно-политичка еманципација на Македонскиот народ како посебен ентитет во словенскиот свет.

Самиот поим македонство може да означува: севкупност на особините на Македонците: чувство на припадност на Македонскиот народ, целокупност на Македонскиот народ, сите Македонци, а во тој однос најтесно се поврзува и со изразот македонштина!

Кога сме кај сите овие поими Македонец, Македонизам и Македонштина, сакав да ги споделам со вас, а споредам со македонските политичари, функционери, културни и научни работници, како и академици, и сите кои се заколнаа дека ќе ги бранат, а пред се сакаат и се колнат во овие свети македонски  вредности, дека ќе им бидат свето тројство и правило кое секогаш ќе им биде пред сопствените очи и ум каде и да бидат и што и да изјават, направат или одлучат во името на Македонскиот народ и Македонија, а кои исто така ќе се однесуваат на националните интереси!

Дали е срам и кој денес се срами да се претстави дека е Македонец, и дека неговата земја се вика Македонија?

Имаме вистинска карикатура или траги–комедија кога ќе ги слушаме, или пак ќе се потсетиме на некои “мали“ политиканти, кои со ставеното десно раченце кон малото да, не речам срценце на мало зајаченце, а не на “вистински лав“, оти не може да биде лавовско срце во некој кој не ја доживува Македонија, како име за, почит, вредност, и привилегија, како што вели народот и да ја навредува сопствената земја, нарекувајќи ја со срамна и непостоечка именка “Северна“ Македонија,  критикува и осудува народот!

Од друга страна велат, туѓата болка не се чувствува на сопствената кожа!

Да, кога се нема чувство на народна припадност или лојалност и љубов кон сопствената татковина, тогаш многу лесно се изговара зборот “Северна“ Македонија. Тоа, му доаѓа како да се наоѓаш во некое “казино“ во сопственост на политичка партија и каде се организира “игра на среќа“ каде треба да се изговара што повеќе наметнатото зборче или име “Северна“ Македонија и кој повеќе ќе го изговари, тогаш од апаратот за коцка или  слот машина, фрчат се и сешто, меѓу што и евра кои врнат како дожд. Да, така е тоа, кога некој го нема, чувството за македонизмот и македонштината!

ПАТРИОТИЗАМ е без тронка чувство на вина и грижа да ги погазиш светите жртвувања, и дадените животи на илјадници илјадници македонски дејци, херои, борци и патриоти кои најдостоинствено застанаа зад идејата за Македонија! Денес, да седнеш, да разговараш и преговараш со некоја неиздржана, таканаречена интелектуална комисија во која ќе се зборува за Македонија, македонизмот и македонските атре факти.

Држава, без сопствена историја и минато е дрво без корен!

Каде и да заминеш како политичар, или претставник на Македонија, доколку во старт покажуваш непочит кон сопствената земја, историја или национало богатство, во очите на твоите домаќини си беден поданик.

„Комерцијален патриотизам“ денес е се’ поевидентен и присутен во сите сфери на животот во Македонија, само и’ носи трагедија и уништување на државата и на сите кои ја сакаат и почитуваат Македонија!

“Комерцијалниот патриот” и политикант секогаш добива квалификација “камиказа“ и  марионети кои со својот клиентелизам се лесни и податливи за манипулации и потценување, а зачинет најмногу со уцени!

Затоа на народот, му е преку се’, од таквите изроди и политиканти, кои за свои бедни партиски интереси, подготвени се да и’ нанесат огромни штетни последици на генерации и генерации. Според нив тоа е европски и просперитетно и пред се’ македонски! На, Македонија  под итно и’ е потребен општествен и заеднички  патриотизам, а не клиентелизам!

Што конкретно имаме во последните 30 години? Политиканти од намена, или октроирана политика во Македонија. Накусо, еве ја хронологијата.

Со осамостојувањето, Македонија стана своевидна панаѓур политика или шверц комерц дипломатија. Голем број политичари беа донесени или поставени од странски држави, за туѓи интереси. Ова не е теорија на заговор, туку вистина.

Најнапред за потсетување, имавме октроирана идеја или наметната федерација 2 плус 2 плус 2 Глигоров – Изетбеговиќ платформата за асиметрична федерација за спас на Југославија, потоа имаме промена на знамето на Македонија или знамето со обележјето Кутлеш, кој во времето на Црвенковски беше експресно сменето по препорака и барање на Сорос, а според експертите за возврат, се доби амнестија за големата криминална приватизација и продукција на стотина илјади невработени македонски граѓани. Потоа имаме тројка Георгиевски–Тупурковски–Џафери или паѓање на СДСМ и операцијата Косово, со користење на македонската територија како “база“ од каде ќе се пренесуваат силите на НАТО кон Косово, во меѓувреме, ургент инсталирање на протестант за претседател кој ќе ја заврши работата без проблем, со познатата изјава за бегалците од Косово  кои беа примени како контигент од преку 500.000 на Стенковец и да заминат во европските земји, како и најавата за можен или наметнат вооружен судир 2001, а кој претходно договорен во Љубљана во дипломатска мисија  на Македонија, итн. Експертите оваа анализа ја зачинуваат со натамошни случувања, а таа вели 2004, е донесен Владо Бучковски, кој маестрално ја одиграл задачата за територијалната поделба, секако  во оркестрација на поранешниот претседател Црвенковски.

Големите нарачатели или налогодавачи во повеќе наврати потврдија дека не е земенео ништо без надокнада! Нивната потврда укажува дека имаме класичен комерцијален патриотизам или идиотизам кон соптвената држава и сосптвениот народ.

Македонија во секој случај е жртва на сите изминати и спомнувани политиканти, но да ја апсолвираме со финалната или завршната сцена или слики од сценариото на подготвената играрија или распродажба на Македонија.

Имаме, период во кој според експертите, Македонија добива своевиден автократ политичар Груевски, кој донесе ново време и нов амбиент пред се’ заживување, или воскреснување, на македонизмот, по дијагнозата лоботомија на македонскиот кортекс и бришење на “нервот“ за самоспознавање и идентификација. Тука ќе ја спомнам проекцијата или проектот Скопје 2014, кој создаде вистински ментален земјотрес и преку големата бара и во центарот на Европа, Брисел. Овој политичар, премиер, создаде ново правило или кодекс на однесување во работењето на еден премиер и една влада, се’ до моментот кога ја загуби контролата врз своите најблиски соработници кои му создадоа големи главоболки и штети на Македонија. Но, сепак, Груевски не одеше по тактот и нотите на оркестарот преку големата бара и европскиот центар, односно беше соло играч, кој во своите раце цврсто го држеше македонизмот!

И се знаеше што ќе го снајде и го снајде! На крајот, експресно е донесен, човекот за кој велат дека е момче за се’!  Зоран Заев со својата “наивна и искрена физиономија“ отсликан од неговите опоненти и домашни и меѓународни аналитичари, човек од доверба за администрацијата зад големата бара и европскит центар. Човек кој ќе ја заврши по секој основ подготвената книга на снимање од филмот Македонија во 69 слики. Да простете, звучи малку перверзно, но вистинито!

Односно во политиката нема милост и емпатија или слично, има само ИНТЕРЕС. Во нашиот случај, во сите 30 години, само наметнатите политиканти имале и сеуште има интерес, а не народот и државата.

Би сакал да завршам повторно со комбинаториката, а тоа е по неуспешната аритметичка операција 2 плус 2 плус 2 сега имаме 5 плус 1 и тоа со нашиот северен сосед Бугарија која е своевидна железна завеса за нашиот влез или членство во Европската Унија.

Оваа операција е најопанста операција или невозможна мисија бидејќи ваквата операција можат да ја реализираат само политиканти кои немаат нерв или центар на самоспознавање или идентификација дека се Македонци како и припадност на Македонизам или туѓата болка не се чувствува на сопственото тело.

Операцијата 5 плус 1, тоа не е Патокоаз тоа е вистински АМБИС или самоуништување на Македонија и Македонскиот народ!

Имено, „Патоказот“ е подолго време на маса и, иако не е објавена содржината, се спомнува дека има пет точки. Ние треба да дадеме гаранции за:

1) нашето кусо име;

2) говорот на омраза (кај нас);

3) рехабилитацијата на жртвите од комунизмот (во Македонија);

 4) комисијата за историја;

5) немешање во внатрешните работи на Бугарија и додадената точка

 (+1) – вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

Во целина, „патоказот“ е – крајно неприфатлив. Тој е целосно спротивен на Резолуцијата донесена од нашето Собрание на 29 јули 2021 година, според која соработката со Бугарија мора да биде на – „рамноправна и принципиелна основа“, а тоа значи НЕ еднострана, НЕ нереципрочна, НЕ со ултимативен бугарски карактер и НЕ без никакви обврски за Софија.

Секако народот јасно и гласно вели тој што го смени името и се заколнал во светите корења на сопствениот род и пород, тој и ќе го заврши и мува нема да го лази, тој е црпнат како што вели самиот „ од нивата и од Бога да и’ помогне на Северна Македонија.“?!

Деновиве Македонија доби нова слика во политиката, односно два избора на претседатели на две најголеми партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Два нови концепта кои треба да донесат нов живот во Македонија, или дали е можна нова енергија за самоотрезнување или самоспасување од паѓањето свесно во понорот! Проф.д-р Христијан Мицковски старо–новиот претседател на сега опозиционата и најголема партија со најголем број пратеници во парламентот на Македонија најави наместо комерцијален и самоуништувачки патриотизам, заеднички патриотизам кој ќе ги опфати сите Македонци по род и по државјанство кои сакаат конечно Македонија ја ослободат од криминогените структури од која и да е партија за крај на корупцијата и злоупотребата на се’ што значи општо народно богатство. Секако, како предуслов ќе биде и донесената Резолуција од нашето Собрание, на 29 јули 2021, според којашто соработката со Бугарија мора да биде на „рамноправна и принципиелна основа“, а тоа значи НЕ еднострана, НЕ нереципрочна, НЕ со ултимативен бугарски карактер и НЕ без никакви обврски за Софија.

Тука е и новоизбраниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој треба да донесе консолидација меѓу двете крила во СДСМ. Дали Ковачевски тоа ќе го стори и дали ќе го смени или врати курсот на политиката во Македонија кон истите координати и принципи кои ги имале и претходните негови колеги, од Црквенковски до Бучковски, останува да се види. Истовремено, дали новоизбраниот претседател на СДСМ по цена да се биде на власт ќе конципира и коалицира со ултимативни политички партии, кои имаат пред се партиски или други интереси, останува да се види. Исто така, дали Ковачевски ќе биде продолжената рака на Зоран Заев и колку тоа ќе го чини во натамошната политичка кариера останува да се види.

Што е право и еден од кандидатите за претседател на Бихачка бб, или СДСМ професорката Ременски јасно кажа и изјави дека во партијата не одат работите како што треба, а покажа и докажа фактот за ниската излезност на неодамнешните избори за претседател на СДСМ!

Според,огромната победа на локалните избори 31,октоври, 2021  на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, и коалицијата,на албанските политички партии Алијанса на Албанците, Алтернатива, народот испрати силна порака за ПРОМЕНИ,или предвремени парламентарни избори,кои треба да се одржат во нај кус  временски рок . Се случи  и тоа што беше најавено   од Европскиот совет, Македонија не ќе може да ја оддржи меѓувладината седница со Евроската Унија, односно  и новото ВЕТО на Бугарија за Македонија. Тоа е уште еден силен печат и аргумент плус, оваа неспособна коалиција СДСМ и ДУИ, да заминат од политичката сцена, е конечниот став  на народот, кој секодневно го потврдува  своето незадоволство  на социјалните мрежи и медиуми!

Ако Македонија е навистина суверена и независна држава, ако имаме барем минимално достоинство како народ, на Софија мора одлучно да и’ се каже дека во меѓувреме, по неодговорното договарање околу „патоказот 5 + 1“, кај нас е изгласана Резолуција во Собранието која не’ обврзува да се бараат други решенија, бидејќи во неа е прецизно одредено дека соработката со Бугарија мора да биде на – „рамноправна и принципиелна основа“, при што мора – „да се почитува меѓународното право, без никакво условување од едната или другата страна и со почитување на достоинството на Македонскиот народ“. Повеќе е од јасно, дека Резолуцијата на Македонското Собрание не дозволува со Бугарија да потпишеме било каков документ од типот на спомнатиот „патоказ“. Ако некој, сепак, се осмели да преземе таков чекор, нема да одговара само политички, туку и кривично бидејќи ги доведува во прашање фундаментални интереси на Македонскиот народ, оценува амбасадорот Ристо Никовски.

Не може а да не се спомне и изјавата на француската министерка за европски прашања, од партијата на претседателот Макрон, Натали Лоазо. Француска министерка со одлично прашање: На овие луѓе (Македонија) им се додворуваат Кина, Русија и Турција, што сакаме, да ни свpтaт конечно гpб?

Не може да се откажеме од земји кои вложиле напори и да им кажеме „имавте проблем со Грција, а сега и со Бугарија“. На Скопје треба да му се даде сигнал и да ги почне преговорите со ЕУ, смета поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо.

Според, Лоазо: „Никој не вели дека утре, во 2022 година, Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса. И тие нема да напреднат, ако сите теми поврзани со човековите права и основните вредности не се придвижат напред. Но, на овие луѓе треба да им се даде сигнал, бидејќи ним им се додворуваат Кина, Русија и Турција. Што сакаме – да ни свртат конечно грб? Тоа не е во ничиј интерес – изјави Лоазо.

Запрашана дали постои француска иницијатива за надминување на билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија, Лоазо не одговори директно.

Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето. Но, не може да се откажеме од оние земји кои вложиле напори, и да им кажеме: ‘Видете, има уште еден проблем. Имавте со Грција, а сега и со Бугарија’. Тоа ќе создаде непријателство кон Европската Унија во срцето на Европа, бидејќи географски, културно и историски Балканот е токму таму, – истакнува Лоазо.

 Не може, а де не се спомне и следната ситуација, а таа е јасна како ден, зошто Зоран Заев сака или “мора да ја напушти политиката“? 

Дали Заев „самиот, своеволно заминува, или веќе му откажаа љубов ‘големите’ поддржувачи, и покрај тоа што со две раце и без вратоврска во Нивице кај Преспа го потпиша со неговиот двоец Никола Димитров еден од езерските договори, „преспанскиот “кој е преамбициозен и целисходен за Грција, а најмалку за Македонија. Но, како и да е, против овој меѓународен документ, како сакате наречете го октроиран или како и да е, не сме во можност да се спротивставиме, тоа им се остава на генерациите кои следат, кога ќе бидат внатре, во сојузот на моќните, да го отворат или речено, кога ќе бидеме свои на своето, или win-win, а врз основа на милионските аргументи ќе се отвори во целост пандорината кутија и аргументите на маса и вистината ќе биде на виделина. Тогаш нема да и’ се потребни на Македонија квислинзи, или клиентелистички политики, или шверц комерц дипломатија, а која ја дефинира Македонија како поим и македонизмот или македонштината како факт. 

Затоа, конечно, дојде време да се стави точка и крај на комерцијалниот патриотизам и конечно на Македонија и е потребен заеднички патриотизам, за сите кои живеат на ова свето место од географскиот атлас независно дали се по род или државјанство Македонци, оти, денес лесно е да бидеш Македонец, а потешко е да ја одржиш Македонштината!

Пишува : м-р Слободан ТОМИЌ– новинар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This