Епидемиолозите открија еден нов случај на заразен со корона вирусот во гостиварскиот регион. Од последните пет тестирања, едно лице од општина Врапчиште имало позитивен резултат на Ковид-19.
Според информациите на меѓуопштинскиот кризен штаб, во регионот се активни вкупно 30 случаи, од кои во општина Гостивар има 14 активни случаи, во општина Врапчиште 13, а во Маврово и Ростуше 3.
Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари кој е претседател на општинскиот кризен штаб, за денеска околу пладне најави нов состанок на кој покрај градоначалниците ќе присуствуваат и претставници на повеќе институции. Тој претходно состојбата ја оцени како стабилна и предупреди на задолжително почитување на мерките за заштита.
Во трите гостиварски општини од почетокот на пандемијата направени се 475 тестови од кои 51 лице имало позитивни резултати на Ковид-19. Од нив, 24 се во Гостивар, 22 во Врапчиште и пет во Маврово и Ростуше.
Како последица на корона вирусот починаа три лица. За излекувани се водат 18 пациенти.