Македонија била, е и ќе остане грчка изјави вчера во Воден грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и им се закани на македонските власти дека со иредентистички тврдења нема да се приклучат кон ЕУ, бидејќи ги кршат европските принципи. На ова, барем засега, никој од македонската власт не реагираше.
Се јави само Јоргос Пападакис, претставник на македонската партија во Грцијан Виножито, членка на Европската слободна алијанса (ЕФА). Тој ги повика министерот за надворешни работи Никола Попоски, пратеникот Антонио Милошоски, македонскиот амбасадор во Атина Дарко Ангелов и амбасадорот Андреј Лепавцов во Брисел некако да реагираат. „Ќе реагира ли Македонија на изјавата на Павлопулос?“, праша Пападакис. И сѐ уште чека.
Поранешниот македонски амбасадор во Грција Љупчо Арсовски на Фејсбук искоментира: „Антонио Милошоски ти барем стави лајк на отвореното прашање на Пападакис, останатите мудро молчат… го чекаме ПРМ“.
Павлопулос во Воден изјави дека Македонија ги крши европските закони, па не може да смета на евроинтеграција, зашто, како што вели, „не ги задоволува дури ни европските институционални принципи“.
И пред една година само ЕФА и Виножито реагираа на слична ваква изјава на грчкиот претседател.
ЕФА е асоцијација на малцинските партии од целиот европски континент и е претставена во Европскиот парламент. Пападакис е шеф на одделот за комуникации во ЕФА.