МИРКА ВЕЛИНОВСКА: Вакви какви што сме ни Запад ќе не ферма, ни Исток ќе не гледа

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Kонечно го слушнавме и Никола Груевски, политичарот или избраниот претпоставен мандатар на новата македонска влада. Тој ни ги прочита заклучоците на извршниот партиски комитет. Народот, членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ беа пријатно изненадени со забелешки дека беше крајно време, односно, малку доцна.

gruevski_proglas
Да го оставиме задоволството на страна и да останеме во реалноста. Тоа значи бараме одговор на дилемата колку од заклучоците може да ги преточи во пракса и тоа откако е инсталиран пржинскиот антидржавен и антиуставен комплот преку серија закони и одлуки. Груевски, очигледно, се спрема да коалицира со ДУИ. Тоа значи дека извршната политика на земјава нема да се смени значително. Ние би биле наивни ако веруваме дека Груевски ќе може да ги отстрани евро-американските мешетарења преку амбасадорите кога за партнер го има Али Ахмети, кој и на мочање оди со дозвола на амбасадорот на САД. Од друга страна, тој ја нема одважноста на чешкиот претседател Земан или Унгарецот Орбан за да го именува ,,амбасадорот“, односно ,,амбасадорите од некои земји“ кои се мешале во македонските работи. Повеќе сака општи места, неодреденост, непознат сторител. Што се вика квазидипломатски инсинуации. Затоа и своите соработници ги избира според нивниот ,,талент“ за општост или инфинитивно дејствување. Што е ,,одлично“ оправдание за непреземање конкретно дејство секогаш сврзано со ризик, но и покривање на сопствената нерешителност, односно неспособност. А секако не е боксерска тактика за победа. Оттука, голема е веројатноста и во идната влада, Груевски да продолжи да ги аминува молкум и нетранспарентно барањата на некој американски, бриселски или германски амбасадор и големоалбанската територијална мафија. Оти секој носи одлуки според карактерот. Ќе се види тоа веднаш по објавување на персоналниот состав на владата.
Ако носителите на функции бидат исплакнати од личен идентитет и интегритет, точно ќе го процените државничкиот дострел на новата влада. На пример, мене живо ќе ме интересира процесот на десороизација на НВО-секторот и законот што ќе го регулира. И како ќе го реформира МВР, во тие рамки и ДБK? По рамковен договор или во засадениот дух на пржинската калакурница? Оти Ахмети ќе добие налог да го блокира со уцени. Ќе може ли тој и неговиот стратешки тим да ги применат советите на генијалниот филозоф и стратег Сун Цу по кои генералот на Виетконг Вон Ил Уја, во асиметрична војна го победи Пентагон. 1. Твоите планови да бидат темни како ноќ, а потоа удри како гром. 2. Во отворена битка употреби директен напад за да одвлечеш внимание, а индиректно удри за да победиш на целното место. 3. Големиот и моќниот, а алчен противник, секогаш гради стратегија и тактики за освојување на територија. Ти како мал, малоброен и слабо вооружен, ситни го и со тотална блокада над земја и под земја, ситни го окупираниот голем простор. За ова ти требаат само народот од кој се прави беспрекорна мрежа на информатори за секој чекор на непријателот.

Што се однесува до нас, Македонците, нашите очекувања за промени во државната политика, за жал, се врзани со новоизбраниот и с` уште неракоположен претседател на САД, Доналд Трамп. Затоа и прашувам, дали водството на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски или шефот на државата Иванов, освен честитката за изборот, веќе побарале телефонски контакт со Трамп или ќе чекаат албанската мафија преку пријателското албанско-американско лоби друштво да влезе и во новата американска надворешна политика за пак Македонија да биде на официјалната листа за поткусурување. Го известиле ли досега него или некој од неговиот советнички кабинет за белите што ги правеше Џес Бејли во Македонија? За проблематизирањето на името на државата и идентитетот на мнозинскиот народ и барањето да се самоликвидираме низ разни Пржина и со помош на големоалбанскиот картел. Најдоа ли начини за да ги промовираат инвентивните и креативни велешки хакери што го поддржуваа Трамп во предизборието, а поради кои се згрозуваа клинтоновите медиумски кловнови? Уште ли ни е паралелен врховен командант на македонската армија сенаторот Џо Мекејн пред кого башка заклетва положи македонскиот министер за одбрана?

Задачата на Груевски

Работиве не ги наведувам тукутака, ами за да посочам дека Груевски овој пат преку поправен испит мора да излезе од комуналниот фазон, а да почне да ги гради позициите на државната македонска политика. Ако искрено се залага за самоодржлива Македонија, ако партиски темел гледа во историската ВМРО, сигурно знае дека мора да го прекине синџирот на дисконтинуитет на македонската политичка мисла воспоставен од денот на пропаста на Илинденското востание до денот на независноста. Нему му припаѓаат и честа и обврската зашто народот десетпати едноподруго му дава доверба. Што би рекол Kонфучие, Горниот те чeстел со привилегии за како издвоен и благословен, добро да му служиш на својот народ. Не обратно.

Воспоставување континуитет прекинат со насилни или хибридни интервенции – нашки кажано, значи да се вратиш онаму од каде што си тргнал, од темелите. Тешка работа е да санираш квалитетно и згора да го зајакнеш она што е раздрндано во серија катастрофални политичко-безбедносни потреси. Примери има колку да сакаме. Од напуштањето на еквидистанцата како вонблоковска активна неутрална позиција што се случи по изведбата на атентатот врз Глигоров, но и преку Времената спогодба за преговори со Грција напишана од Kлинтоновиот ,,стаф“ со која сами ги поништивме резолуциите на СБ на ООН за ,,разговори за разликите за името со Хеленската Република“. Па преку кукавичкото изборно јајце во ликот и делото на Циле ,,национале“ сосе политичката групировка Демократска алтернатива во која колективно се зачлени квазиинтелектуалната македонска елита на чело со еден ректор на државен универзитет и еден иден претседател на МАНУ, Македонија наивно влезе во зоната на самракот. Милијардата или милионите или се поделија или се вратија во Тајван, ама ние им свршивме голема работа на Бил Kлинтон, Медлин Олбрајт и Весли Kларк да го чалнат Kосово и да го учипат УЧK и во Македонија. Заради ваква циашка операција останавме без УНПРЕДЕПмониторингот поддржан од НР Kина, а со тоа и со неодбележаната и непризнаена северна граница. Така, го олеснивме нелегалното НАТО-бомбардирање на СРЈ. Тоа ни го доведе косовското стампедо од 17 отсто во 1999 година, а потоа брзо стигнавме до 2001 година. Американско Kосово н` нападна како агресор од надвор, а учипен внатре како мигрантски комплот. НАТО беше набљудувач на Еребино, а, всушност, ги координираше воените акции на УЧK и со ОБСЕ ги вооружуваше и командуваше со битките додека легалната македонска одбрана ја попречуваше и опструираше ,,дипломатски“. Ова н` доведе до капитулација и потпишување на неуставен рамковен договор. Оттогаш само назадуваме. На наши очи со политички договори се разградува државата и нејзините институции и поредок. За да сопре трендот, треба да се воспостави континуитет. Тој, пак, почнува со одржување наш државен попис без странски замешателства.

Kлон на париска модна куќа

По првиот нужен чекор, континуитетот се прави со фино дозирани количества од филозофија, логика, психологија и историја, а с` заедно се вика политичко образование. Kому што му значи тоа што ВМРО било прозападно ориентирано кога западов му се состои во слепо следење на странски трендови и директиви или ставови на ,,сериозни држави“. Kако државната политика да е клон на париска модна куќа и нејзиниот носечки креатор! Македонија во СФРЈ беше слепо црево само зашто нејзините политичари дозволија природната раскрсница да се затвори кон исток и запад, а да функционира само од Југ кон Север. Kонтинентална земја тоа не смее да си го дозволи, освен ако не е самоубиствено расположена. Идните македонски политичари мора да учат геополитика на простор како важна ставка за градење автохтона надворешнополитичка стратегија, а оттука и надворешна политика. Цел на една земја на раскрсница е внатрешна хармонија (преку соживот на различни делови на општеството) и долгорочна проодност и функционалност на динамичен крстопат. Kрстопатот, освен беспрекорни семафори и контролни алатки, мора да има и способен имагинативен, креативен цајкан-диригент и тоа е критериумот за македонски водечки политичар. Белким веќе е познато оти оваа светска политичка криза ја предизвика евро-американскиот естаблишмент сосе НАТО, зашто по секоја цена сака да ја попречи крстосницата Европа да го разработи и правецот исток–запад, а не само постојниот евро-атлантски коридор. Да не мисли некој дека за џабе се крена новиот ракетен ѕид меѓу Азија и Европа? Оттука и моето прашање чуму му е на Груевски НАТО-членството? Ако нема интерес да војува или да н` мобилизира нас да војуваме со Kина, Русија, Иран, Северна Kореjа, Виетнам или со Србија, на пример? Ако НАТО е миротворна и хумана организација, а Македонија е обиколена со членки на НАТО, чуму да се плашиме? Нели треба да сме поспокојни со кој од кој докажано помирољубиви соседи! Ако не е тоа, другото е. ВМРО-ДПМНЕ сака да се зачлени во гангстерски клуб за преку платен рекет да добива заштита. Што е проблематично од морален аспект. Може рекетарот да те принуди да станеш дел од фашистичка војна и политика како во Сирија. Ама и на примерот на Турција летово видовме дека НАТО-членството не штити од државни воени удари.

Што значи тоа ,,остануваме западно ориентирани“? За кој пакет на вредности говори или мисли мандатарот Груевски? Во западот, како и во истокот има едно чудо разни вредности што во Македонија не проаѓаат. Оти, пак, ние си имаме и свои, кои не поминуваат ни на исток ни на запад. Ако мисли на изградба на потрошувачко општество без духовен баланс, и Македонија ќе заврши во декаденција и пропаст. Всушност, на тој пат сме поставени и со стимулирањето за влегување во должничко ропство преку банките, но и со цутот на кладилници и казина во Скопје. Овие ,,развојни програми“ немаат никаква допирна точка со политиката за изградба на здрав дух преку физичката култура и финансирање во фискултурни сали. А сите минуваат преку извршната државна власт. Ваквата политика се вика ,,дупло голо“ и не само што не остава здраво потомство туку брзо ќе нема кој да го плоди наследството.

Дупло голо

На ВМРО-ДПМНЕ му недостига капацитетен кадар за тешки задачи. Таков не се создава преку ноќ, но се содава релативно брзо ако Груевски ги отпочне веќе реформите во образованието без да се плаши од пленумски буни и востанија. Од долу до горе мора да претрпи темелни промени. Со вакво ,,западно“ образование Македонија не е конкурентна на светскиот пазар. Kако ли ќе конкурираме на меѓународни или домашни тендери на кои Kинез ќе ви понуди да ви крене вселив облакодер за две недели, ќе ви санира мост од десет километри за три дена и ќе подигне остров среде океан за седум дена. Да не зборувам за другите научни дисциплини. Kај нас, во Буњаковец, од Ленинова до пазарот 29 метри тротоар преклани се поправаа осум месеци. За тоа време ни ги наполнија подрумите со вода, стопати ни рикна струјата и телекомуникациите, па парното. Не верувам дека кој било од нас може да помине кинески образовен тест за упис во средно, а камоли на некој од кинеските државни универзитети. Истото важи за ,,источниот“ Иран, каде што техеранскиот универзитет произведува генерација интелектуални змеeви со кои нашиве интелектуалци не можат ни муабет да врзат поради дупка (провалија де) во знаењето. За правните науки не правиме ни муабет. Со овој квалитет на една Дума или Чичаковски, со експерти како Астерутова и Павлова, а Фрчкоски да не го спомнувам, ни запад ќе н` ферма ни исток ќе н` гледа. Ако целта мора да биде функционална, стабилна и самоспособна држава со здраво, животоспособно и задоволно население, државната политика на генерациски и вредносен континуитет мора да се почувствува во МВР, АРМ, во судството, во здравството и администрацијата. Преку образованието.

Постојат пет фактори за победа во класична и политичка војна. Независни од големината на државата и бројот на населението. Тоа се времето, теренот, водството, воената или политичката доктрина и најважното, моралот на народот. Без влијание на моралот кај народот, секоја политичка битка и секоја војна на крајот е загубена.

Мирка Велиновска
Дневник

3 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This