Новите градоначалници ќе отстапат столче на најмалку 5 пратеници и двајца министри

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

На местото на тројца од петмина мажи, во Собранието треба да седнат три жени.

По завршувањето на вториот круг од локалните избори на 29 октомври, Собранието на Република Македонија ќе работи во променет состав. Ќе има најмалку пет нови пратеници, а постојат шанси овој број да се зголеми и на 11. Можни се и промени во централната власт бидејќи двајца актуелни министри влегоа во вторниот круг од локалните избори.

Петмина пратеници од актуелниот состав станаа градоначалници во првиот круг и на нивно место ќе дојдат нови по што ќе се зголеми и процентот на пратенички бидејќи на местото на тројца мажи најверојатно ќе влезат жени.

Од собраниското столче заминува Петре Шилегов кој стана градоначалник на Град Скопје. На изборите во декември 2016 година, тој беше носител во шестата изборна единица. Од оваа единица во пратеничкиот состав од коалицијата на СДСМ влегоа тројца пратеници, па на местото на Шилегов треба да дојде четвртиот од листата, а тоа е Татијана Лалческа од Тетово.

Градоначалник на Карпош стана и пратеникот Стефан Богоев, кој на парламентарните беше на листата во првата изборна единица. Таму СДСМ доби 10 пратенички места, а Богоев ќе биде третиот пратеник од „единицата“ кој ќе ја напушти функцијата бидејќи пред него тоа го направија Рената Дескоска и Дамјан Манчевски кои станаа министри за образование и наука, односно за информатичко општество и администрација. Од оваа листа, во пратеничкиот состав на местото на Богоев би требало да влезе уште една жена, Анета Симеска Димоска од Македонски Брод.

Од пратениците градоначалник стана и Максим Димитриевски од Куманово. Тој беше пратеник од втората изборна единица од која веќе замина Оливер Спасовски кој стана министер за внатрешни работи. На местото на Спасовски влезе Мирослав Јовановиќ од Српската парија во Македонија, па следна на листата кандидати за пратеници, која сега би требало да дојде на местото Димитриевски е неговата сограѓанка Лилјана Тасевска.

Двајца нови пратеници ќе влезат и од четвртата изборна единица од каде градоначалници станаа Коста Јаневски во Струмица и Сашо Поцков на Гевгелија. Од оние кои влегоа во собранискиот состав на парламентарните избори, мандатот на пратеник го заврши премиерот Зоран Заев на чие место влезе Сашо Атанасов од Василево. Сега на местото на Јаневски и Поцков, би требало на пратеничкиот состав да се приклучат Ристе Ташев од Неготино и Билјана Јовановска од Скопје. Меѓутоа, во меѓувреме Јовановска беше именувана за директорка на Агенцијата за вработување, па ако таа си остане на функцијата во Собранието ќе влезе Костадин Костадинов од Струмица кој беше в.д. градоначалник на Струмица по заминувањето на Заев.

Меѓутоа, ова не е конечната листа на нови пратеници бидејќи постојат големи шанси да има уште шестмина други кои ќе станат градоначалници по вториот круг од локалните на 29 октомври.

Пратеникот од СДСМ Курто Дудуш ќе се трка за градоначалничката позиција во Шуто Оризари со Елвис Бајрам. Во првиот круг Дудуш собра околу 200 гласови повеќе од неговиот противкандидат. Тој е пратеник од втората изборна единица.

Од третата изборна единица, пак, пратеник кој можеби ќе стане градоначалник е Благоја Бочварски кој во првиот круг водеше „мртва“ трка во Штип со Илчо Захариев. Разликата беше само 36 гласа во корист на Захариев.

Уште еден можен градоначалник од собранискиот состав од редовите на СДСМ е Бетиане Китев, кој во вториот круг од локалните избори во Кавадарци ќе се бори со Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ. Јанчев во првиот круг имаше предност од околу 600 гласови. Ако Китев стане градоначалник на негово место ќе влезе уште еден од кандидатите за пратеници од четвртата изборна единица.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во вториот круг за градоначалничко место во Кисела Вода ќе се бори Јохан Тарчуловски, кој ако победи ќе биде заменет со пратеник од листата на ВМРО-ДПМНЕ за втората изборна единица на ланските парламентарни избори.

Постојат шанси да има двајца нови пратеници и од албанскиот блок. Зијадин Села од Алијанса за Албанците во втор круг ќе се трка за локалната власт во Струга, а Зеќирија Ибрахими од БЕСА влезе во вториот круг за Општина Чаир.

Освен промените во пратеничкиот состав, можни се промени и во централната власт бидејќи двајца актуелни министри сакаа да станат градоначалници.

Еден од нив е Арбен Таравари кој е кандидат за Гостивар и во втор круг ќе се натпреварува со актуелниот градоначалник Невзат Бејта од ДУИ. Разликата меѓу нив по првиот круг беше само 495 гласови.

И ако изгуби Таравари неизвесно е дали ќе остане во Министерството за здравство бидејќи кога се кандидираше за градоначалник изјави дека во секој случај по изборите нема да биде министер, а ако изгуби ќе продолжи да си работи како лекар. Меѓутоа, премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека е задоволен од неговата работа и ако не стане градоначалник ќе се обиде да го задржи Таравари во централната власт.

И министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Рамиз Мерко од ДУИ, е во трка за градоначалник. Тој во вториот круг во Струга ќе се бори со Зијадин Села. Во првиот круг, Села имаше околу 1.400 гласови повеќе од Мерко.

Инаку, откако новите градоначалници ќе стапат на функција, нови директори ќе добијат и Паркинзи Општини Центар (ПОЦ) и затворот во Шутка бидејќи актуелните, Саша Богдановиќ и Александар Наумовски, станаа градоначалници на Центар и на Ѓорче Петров.

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This